Подготвителните активности за решавање на банките ќе се преземаат на редовна основа од страна на Народната банка, како и од страна на банките во нивното редовно работење, заради подобра подготвеност за спроведување на постапката на решавање. Овие подготвителни активности се однесуваат главно на планот за решавање, којшто Народната банка ќе го изработува за секоја банка, како и утврдувањето на минималната стапка на сопствени средства и дозволени обврски (МРЕЛ).

Изработката на планот за решавање претставува динамичен процес во кој банките ќе имаат активна улога. Основа за изработка на планот ќе биде планот за закрепнување, но за целите на подготовката на планот за решавање, Народната банка ќе прибира и дополнителни податоци и информации од банките.

Во согласност со Законот за решавање банки, пропишани се два вида планови, односно план за решавање банка и поедноставен план за решавање банка. Планот за решавање банка се изработува за сите банки коишто, врз основа на критериумите од регулативата на Народната банка за методологијата за идентификување системски значајни банки, се идентификувани како системски значајни банки и за кои се смета дека со нивниот престанок со работа би дошло до значителни негативни последици врз финансискиот пазар, другите банки или врз условите за финансирање. За банките коишто не се идентификувани како системски значајни банки и за кои се смета дека со нивниот престанок со работа не би дошло до значителни негативни последици врз финансискиот пазар, другите банки или врз условите за финансирање, Народната банка изработува поедноставен план за решавање банка. Планот за решавање се ажурира најмалку еднаш во текот на календарската година, односно на две години ако се работи за поедноставен план, како и при значителни промени во организациската и сопственичката структура на банката, во деловниот модел или во финансиската позиција на банката коишто би можеле да влијаат врз ефикасноста и елементите на планот.

При изработката и ажурирањето на планот за решавање, Народната банка ќе врши и оцена на можноста за решавање банка. Можност за решавање на банката постои доколку е изводливо и оправдано да се спроведе стечајна постапка врз банката или доколку е изводливо и оправдано да се решава банката преку примена на инструментите и овластувањата за решавање, без притоа да се предизвикаат значителни негативни последици врз финансискиот систем и обезбедувајќи непречен пристап до критичните функции на банката.