(„Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.37/25)
Закон за девизно работење
(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 34/01, 49/01, 103/01, 54/02, 51/03, 81/08, 24/11, 135/11, 188/13, 97/15, 153/15 и 23/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/21 и 37/25)
Постојниот Закон за девизното работење е донесен во 2001 година, врз чија основа е донесен цел сет на подзаконски акти. Овој закон содржи одредени регулаторни ограничувања во движењето на капиталот кон и од странство, кои вообичаено се опфатени со поимот „девизен режим“. Во овој Закон се определени неколку надлежни органи за следење на спроведувањето на законот и за преземање мерки во соодветните области, и тоа: Народната банка која врши непосреден надзор над работењето на банките, штедилниците и менувачниците на кои им издала дозвола за работа, како и посреден надзор и на другите резиденти врз основа на обврските за известувања предвидени во овој закон, Министерството за финансии - Државен девизен инспекторат кое врши инспекциски надзор над работењето на резиденти и нерезиденти кои вршат дејност на територијата на земјата, Царинска управа која врши надзор над изнесувањето од и внесувањето во земјата на ефективните домашни и странски пари, чекови и монетарно злато од страна на резиденти и нерезиденти, Министерството за економија и Комисијата за хартии од вредност (органи на надзор).
Плаќањата кон странство врз основа на тековни трансакции (претежно увоз на стоки и услуги) се слободни, но заради докажување на основ и обврска за плаќање во странство, резидентот е должен на банката да и презентира пропишан документ согласно со Упатството за начинот за вршење на платниот промет со странство. Наплатите од странство врз основа на тековни трансакции се главно слободни, при што банката треба да располага со точна информација за основот на приливот.
Најголем дел од капиталните трансакции, како што се кредитните работи, директните инвестиции, вложувањата на нерезиденти во хартии од вредност и во недвижности се исто така слободни. По официјалното влегување на нашата земја во втората етапа од Спогодбата за стабилизација и асоцијација - ССА (Објава на Министерството за надворешни работи на „Одлуката за премин во втората етапа на асоцијација меѓу Република Македонија и Европската заедница и нејзините земји членки“ („Службен весник на Република Македонија“ бр. 17/19), се овозможи натамошна либерализација на капиталните трансакции и се создадоа поголеми инвестициски можности за физичките и правните лица, како и поголем степен на интеграција на домашниот финансиски пазар со меѓународните финансиски пазари. Имено, согласно со членот 59 став 1 од Закон за девизното работење забраните кои дотогаш постоеја, а кои се однесуваа на вложувањата на резидентите, правни и физички лица во недвижности и во хартии од вредност во странство беа отстранети по сила на закон. Ова значи дека со преминот кон втората етапа од ССА резидентите можат слободно да инвестираат во хартии од вредност и недвижности во странство.
Резидентите треба да бидат внимателни при вложувањата во странство по овие основи, а своите одлуки за инвестирање на странските финансиски пазари да ги темелат врз бројни информации како основа на која ќе ги засноваат своите очекувања. Затоа, се претпоставува дека резидентите, а особено физичките лица што ќе се одлучат да инвестираат во странство, се добро информирани за потенцијалните ефекти и последици од нивните одлуки, дека имаат формирано јасни очекувања за приносите и степенот на ризичност, како и дека се запознаени со своите даночни обврски. Резидентите треба да ги имаат предвид и да ги почитуваат обврските што произлегуваат од Законот за девизно работење коишто се однесуваат за регистрирањето и известувањето за трансакциите со хартии од вредност и недвижности во странство.
До завршувањето на втората етапа од ССА остануваат на сила уште две забрани. Така, останува на сила забраната за резидентите да вложуваат и тргуваат со инвестициско злато во странство утврдена со член 22-а од Законот, како и забраната од членот 23 од Законот, која според искуството на повеќето земји од Европа се либерализира со влезот на земјата во ЕУ, а тоа е забраната за отворањето и имањето сметки на резидентите во странство (освен согласно со одредени исклучоци коишто се регулирани со Одлука за начинот и условите под кои резидентите коишто не се овластени банки, можат да отвораат и да имаат сметки во странство).
Одлуки од областа на девизното работење
Упатства од областа на девизното работење
Прашања и одговори од областа на девизното работење