Почитувани гости, драги колеги,
Со големо задоволство би сакала да ви посакувам добредојде на семинарот Применета баезијанска економетрија, кој е во заедничка организација на Банката на Англија и НБРМ.
Најновиот монетарен стимул во светот од една страна, и сѐ уште слабото закрепнување и мрачните изгледи за раст, од друга, ѝ зададоа многу дилеми на централнобанкарската заедница. Се преиспита голем дел од конвенционалното знаење за да може подобро да се разбере новата реалност и ефективноста на конвенционалните и неконвенционалните монетарни мерки. Наспроти ова, улогата на истражувањето и моделирањето станува уште поизразено, бидејќи од нив се очекува да дадат некои одговори за актуелните дилеми, а со тоа да ја подобрат ефикасноста на процесот на донесување монетарни одлуки.
Очекувам знаењето стекнато од овој курс значително да ги прошири постоечките истражувачки алатки и можности во рамките на нашите централни банки. Баезијанските техники имаат предност пред класичните методи кога се применуваат кај мали примероци, што е случајот со постоечките временски серии во земјите во транзиција, како нашата. Во општи рамки, баезијанските методи имаат дополнителни предности коишто ги прави исклучително корисни, како што се алатките за моделирање, проектирање и истражување во модерната економија. Затоа, по неколкугодишното проширување и користење класични економетриски техники, не е изненадување што се стремиме кон проширување на палетата со нови алатки, коишто би можеле да се употребат и за постојните и за новите прашања во економското истражување и моделирање.
Во врска со содржината на семинарот, се надевам дека ќе ја најдете вистинската рамнотежа помеѓу теоретските предавања и практичните вежби, кои, според нашето искуство, се особено корисни за нашите вработени. Иако траењето на курсот од една недела се чини кусо, верувам дека ќе ви ја даде вистинската основа, така што во иднина би можеле да го прошириме и да го примениме нашето знаење на баезијанските методи.
Организацијата на овој семинар е одраз на нашето позитивно искуство во соработката со Банката на Англија. Досега имаме организирано неколку слични курсеви во Скопје (во 2007, 2010 и во 2012 година), коишто се однесуваа на Таргетирање на инфлацијата и монетарната политика, Економското моделирање за централните банкари и Теми на емпириското финансирање. Исто така, нашите вработени често пати ги имаат посетувано курсевите на Банката на Англија во Лондон, коишто редовно добиваат врвна обука за клучните прашања за истражувањето, моделирањето и проектирањето во централните банки. Со овој семинар ја продолжуваме нашата практика да ги поканиме другите централни банки од регионот да ни се придружат. Ова го одразува нашето мислење дека се соочуваме со слични предизвици и дека ваквите можности овозможуваат значително прелевање на знаењето, особено онаму каде што можеме да научиме од истакнати експерти, како што се г. Габор Пинтер и г. Ендру Блејк. Така, ние сме ѝ навистина благодарни на Банката на Англија и ја цениме можноста да бидеме соорганизатори на овој настан.
На крајот, дозволете ми да ви посакам успешна работа на семинарот, да имате стимулирачки предавања и дискусии, кои (сигурна сум), ќе го зголемат знаењето на нашите централни банки и ќе помогне во справувањето со предизвиците со кои централнобанкарската заедница се соочува денес. Исто така се надевам дека ќе имате среќа временските услови да бидат убави за да можете барем малку да го разгледате Скопје и да уживате.
Ви благодарам.