Трговско друштво коешто сака да добие дозвола за вршење менувачки работи, доставува писмено барање до Народната банка на Република Северна Македонија коешто ги содржи следниве податоци:
− фирма и седиште, единствен матичен и даночен број на подносителот на барањето;
− податоци за физичкото лице резидент/нерезидент коешто е одговорно лице или овластено лице (лице коешто ќе врши менувачки работи) на подносителот на барањето.
− адреса на просторијата во која ќе се вршат менувачките работи;
− број на телефон и адреса на електронско сандаче за прием (е-пошта) на подносителот на барањето;
− за чија сметка ќе ги врши менувачките работи.
Во прилог на писменото барање се поднесува и следнава документација:
1. Извод од Трговскиот регистар и регистарот на други правни лица (тековна состојба) на Друштвото, издаден од Централниот регистар на Република Северна Македонија, којшто не треба да е постар од 1 (еден) месец пред денот на поднесувањето на барањето;
Друштвото може да е регистрирано со приоритетна дејност „66.12 Дејности на посредување во работењето со хартии од вредност и стоковни договори“. Исто така, Друштвото може да има друга приоритетна дејност, но во тековната состојба издадена од Централниот регистар на Република Северна Македонија треба да биде запишано дека е регистриран со „општата клаузула за бизнис“.
2. Доказ за сопственост (Имотен лист) или Договор за закуп на просторијата во која ќе се врши менувачкото работење (склучен помеѓу Друштвото и закуподавачот);
3. Договор склучен со банка, доколку менувачките работи ги врши во свое име, а за сметка на банка;
4. Доказ дека има каса (пр. фактура или друг соодветен доказ);
5. Доказ за заграден пулт и инсталиран алармен систем или заграден пулт со непробојно стакло (пр. фактура или друг соодветен доказ);
6. Доказ од надлежен орган (потврда од Централниот регистар на Република Северна Македонија) дека против подносителот на барањето не е отворена стечајна постапка или не е воведена постапка на ликвидација;
7. Доказ од надлежен орган (надлежен суд според местото на раѓање на лицето или Централен регистар на Република Северна Македонија) дека против одговорното лице на подносителот на барањето не е изречена прекршочна санкција забрана за вршење професија, дејност или должност, не постар од 6 (шест) месеци пред денот на поднесувањето на барањето;
8. Изјава за лични податоци (име и презиме, место и датум на раѓање, матичен број, адреса на живеење, датум на издавање и рок на важење на личната карта и државјанство) на физичкото лице резидент кое е одговорно лице или овластено лице на подносителот на барањето, со која се потврдува дека податоците содржани во изјавата се негови и точни, заверена од овластено лице (нотар);
9. Изјава за лични податоци (име и презиме, место и датум на раѓање, матичен број, адреса на престојот во Република Северна Македонија, датум и место на издавање, рок на важење и број на дозволата за престој и државјанство), на физичкото лице нерезидент кое е одговорно лице или овластено лице на подносителот на барањето, со која се потврдува дека податоците содржани во изјавата се негови и точни, заверена од овластено лице (нотар);
10. Изјава од одговорното лице на подносителот на барањето дадена под целосна кривична и материјална одговорност, дали заедно со друго физичко лице директно или индиректно и/или преку договор, остварува контрола врз домашно или странско трговско друштво, заверена од овластено лице (нотар).
Оваа изјава се однесува на тоа дали одговорното лице на подносителот на барањето има соработник. Соработник е физичко лице коешто заедно со физичкото лице кое е одговорно лице на подносителот на барањето, директно или индиректно и/или преку договор, остварува контрола врз домашно или странско трговско друштво.
11. Прашалник (образец 1), пополнет и потпишан од одговорното лице на подносителот на барањето, заверен од овластено лице (нотар), не постар од 6 (шест) месеци пред денот на поднесувањето на барањето.
Прашалникот е пропишан со посебен образец во Одлуката за менувачките работи.
12. Доказ од надлежен орган којшто содржи податоци за називот на правните лица во кои одговорното лице на подносителот на барањето е евидентирано како основач, сопственик, содружник, член на орган на управување или надзор, не постар од 1 (еден) месец пред денот на поднесувањето на барањето.
Надлежен орган за издавање на овој доказ ‒ Информација за поврзаните субјекти (овластени лица, органи на управување, сопственици во други субјекти) ‒ Тековна состојба за физичкото лице кое е одговорното лице на подносителот на барањето, е Централниот регистар на Република Северна Македонија.
Наведените услови и документацијата којашто се доставува кон барањето за добивање дозвола за вршење менувачки работи се пропишани во Одлуката за менувачките работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 212/23), којашто е достапна на следнава врска: https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-odluka-za-menuvacki-raboti.nspx
Напомена:
Народната банка, по службена должност, обезбедува потврда за (не)осудуваност на физичкото лице резидент кое е одговорно лице на подносителот на барањето. Доколку физичкото лице резидент кое е одговорно лице на подносителот на барањето има соработник, Народната банка по службена должност обезбедува потврда за (не)осудуваност на соработникот од надлежниот суд.
Доколку се работи за странски физички лица, ваквите потврди издадени од надлежните институции во странската земја треба да бидат доставени кон барањето за добивање дозвола за вршење менувачки работи од страна на подносителот на барањето и не треба да бидат постари од 6 (шест) месеци пред денот на поднесување на барањето.
Документацијата којашто се доставува кон барањето за издавање дозвола за вршење менувачки работи треба да биде доставена во оригинал или копија заверена кај овластено лице (нотар). Доколку документацијата што треба да се достави е на друг јазик, заедно со оригиналот се доставува и превод на македонски јазик, заверен од овластен судски преведувач.
За одлучување во врска со барањето за издавање дозвола за вршење менувачки работи, Народната банка може да побара допрецизирање на веќе доставената документација или доставување дополнителни документи, податоци и/или информации од подносителот на барањето.
Кон барањето, подносителот задолжително треба да достави и доказ за платен надоместок за разгледување барање за добивање дозвола за вршење менувачки работи во износ од 30.000,00 денари, предвиден во тарифниот број 21.9 од Одлуката за видот и висината на надоместоците за услугите коишто ги дава Народната банка на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 1/23, 275/23 и 275/24, достапна на следнава врска: https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-odluka-za-vidot-i-visinata-na-nadomestocite-za-uslugite-koisto-gi-dava-narodnata-banka-na-republika-severna-makedonija.nspx)
Дополнителни услови:
Овластениот менувач којшто од Народната банка добил дозвола за вршење менувачки работи е должен, најдоцна во рок од 30 (триесет) дена од денот на добивањето на решението, да ги исполни и следниве дополнителни услови:
− на секое менувачко место видно да ги истакне фирмата на правното лице и посебен натпис „менувачница“ на македонски јазик и на најмалку еден од следниве јазици: англиски, германски, француски, шпански и италијански. Ако во истото менувачко место врши и други работи, натписот „менувачница“ мора да го истакне и во делот каде што се вршат менувачките работи;
− да обезбеди доказ дека на денарската платежна сметка располага со најмалку 200.000,00 денари;
− да инсталира интернет-врска;
− да обезбеди сертификат за електронски потпис од овластен издавач на дигитални сертификати за електронски потписи;
− да има програма за ефикасно намалување и управување со идентификуваниот ризик од перење пари и финансирање тероризам, во согласност со прописите со кои е регулирано спречувањето перење пари и финансирањето на тероризмот.
Овластениот менувач е должен писмено да ја извести и да достави докази до Народната банка за исполнувањето на дополнителните услови.
Народната банка, откако ќе го добие писменото известување од овластениот менувач или по истекот на рокот од 30 (триесет) дена од денот на добивањето на решението, ќе изврши контрола на менувачкото место за исполнувањето на условите (некои од основните и дополнителните услови). Доколку се утврди дека тие се исполнети за менувачкото место, издава писмен белег ̶ налепница, со натпис „менувачницата ги исполнува условите за менувачко работење“.
По добивањето на налепницата, овластениот менувач е должен во рок од 3 (три) работни дена да започне со вршење на менувачките работи.
Начин на вршење на менувачките работи и надзор
Начинот на вршење на менувачките работи е пропишан во главата III од Одлуката за менувачките работи. Исто така, со Упатството за спроведување на Одлуката за менувачките работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 246/23), коешто е достапно на следнава врска: https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-upatstvo_za_sprovieduvanjie_na_odlukata_za_mienuvachki_raboti_.nspx се предвидени повеќе обврски коишто треба да ги исполни и да ги почитува овластениот менувач, а пропишани се и формата и содржината на обрасците коишто овластениот менувач е должен да ги изготви, како и начинот на нивно пополнување.
Народната банка врши надзор на примената на одредбите од Законот за девизното работење и подзаконската регулатива којашто го уредува менувачкото работење преку:
− посреден надзор со прибирање, следење и проверка на извештаите и документацијата, коишто овластените менувачи, врз основа на оваа одлука, се должни да ги доставуваат до Народната банка и
− непосреден надзор на вршењето на менувачките работи кај овластениот менувач.