Скопје домаќин на Годишниот форум за меѓубанкарска координација
Годишниот форум ги поврзува гувернерите на централните банки, регулаторите, комерцијалните банки и финансиските институции
Годишниот форум на Иницијативата за координација на Европската банка („Виенска иницијатива“), се одржува од 23 до 24 март 2023 година во Скопје, главниот град на Северна Македонија. Домаќин на овој настан е Народната банка на Република Северна Македонија (НБРНМ).
Отворањето на Форумот и првиот панел може да се проследат на следниот линк.
Годишниот форум за 2023 година во Скопје го отвори гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија, Анита Ангеловска Бежоска. На него учествуваа гувернерите на централните банки на Хрватска, Словачка, Црна Гора и Молдавија и високи претставници на централните банки на Украина, Словенија, Унгарија и Романија, како и Европската централна банка.
На состанокот учествуваа и високи претставници на меѓународните финансиски институции (ЕИБ, ЕБОР, ИФЦ, ММФ, Светската банка), Европската Комисија и банкарските групи присутни во регионот.
Учесниците дискутираа за клучните предизвици со кои се соочува банкарскиот сектор во регионот, како и за променливиот економски амбиент, последиците од Руската воена инвазија врз Украина, искуството од неодамнешните епизоди на спасување и решавање банки, како и за влијанието на климатските промени и дигитализацијата врз финансискиот систем
Виенската иницијатива е формирана во јануари 2009 година. Нејзината примарна цел беше да обезбеди финансиска стабилност во Европските земји во развој, фокусирајќи се на одливот на капитал од локалните подружници на големите банки присутни во централна и југоисточна Европа. Подоцна таа го пренасочи своето внимание на предизвиците за намалување на нефункционалните кредити и следење на раздолжувањето, кредитите и банкарското кредитирање.
Дијалогот меѓу приватниот и јавниот сектор во рамките на „Виенската иницијатива“ придонесува за стабилноста на банкарскиот сектор во централна и источна Европа. Тесната координација преку Виенската иницијатива е особено важна во услови на зголемена економска и финансиска несигурност.
Меѓународните финансиски институции кои се дел од Виенската иницијатива објавуваат редовни анализи на пазарот, како и Публикација за следење на нефункционалните кредити подготвена од ЕБОР која се објавува двапати годишно. ММФ ја објавува полугодишната Публикација за следење на раздолжувањето и кредитирањето, а ЕИБ ја објавува Анкетата за кредитната активност.