Девизните резерви се финансиски средства во странска валута коишто во име на државата се чуваат и управуваат од страна на централната банка и служат за балансирање на плаќањата на земјата со странство и одржување на стабилноста на девизниот курс на домашната валута. Финансиските средства во кои вообичаено се чуваат се: ефективни странски пари, депозити кај странски централни и деловни банки, странски хартии од вредност и монетарно злато.
Девизните резерви претставуваат национално богатство и се од клучно значење за одржувањето на довербата во монетарната политика и политиката на девизниот курс.
Девизните резерви имаат клучна улога за градење и одржување на довербата на економските субјекти кон земјата, за нејзината подготвеност за навремено и редовно извршување на финансиските обврски кон странство, за поддршка и одржување на вредноста на домашната валута, како и за заштита од шокови предизвикани од нагли одливи на девизи од државата во време на криза. Имено, во случај на ненадејно зголемена побарувачка за странска валута на домашниот девизен пазар, централната банка може да продаде девизни средства од девизните резерви и со тоа да спречи депрецијација на домашната валута. Понатаму, одржувањето на соодветно ниво на девизни резерви креира доверба кај пазарните учесници за способноста на земјата за навремено извршување на обврските кон странство со што се подобрува перцепцијата за кредитоспособноста на вкупната економија. Исто така, во исклучителни случаеви, при природна катастрофа од големи размери или друг вид криза, којашто сериозно ја нарушува способноста на земјата за меѓународна трговија (особено извоз), девизните резерви претставуваат извор на средства којшто може да ја ублажи нерамнотежата меѓу приливите и одливите на странска валута и да обезбеди непречено функционирање на економијата.
Колку девизни резерви се потребни?
Оптималното ниво на девизни резерви за една држава зависи од повеќе фактори, вклучувајќи ја големината на економијата, нејзината отвореност и девизниот режим. На поголемите и отворените економии им е потребно повисоко ниво на девизни резерви. Не постои единствена формула за оптималното ниво и истото може да варира од земја до земја, при што истото треба редовно да се следи.
Заради внимателно следење на нивото на девизните резерви, постојат неколку општи правила/показатели за нивното оптимално ниво коишто се прифатени во меѓународни рамки. Според нив, нивото на девизни резерви на една земја треба да покрие најмалку три месеци увоз на стоки и услуги во државата или пак да ги покрие во целост сите обврски на државата кон странство врз основа на краткорочен долг и отплати врз основа на долгорочен долг за тековната година. Генерален консензус по ова прашање е дека земјата треба да одржува што е можно повисоко ниво на девизни резерви за да има заштитни слоеви (бафери) заради одржување на финансиска стабилност и во периоди на надворешна или внатрешна нерамнотежа.
Извори на девизни резерви
Промената на девизните резерви во основа е одраз на два доминантни фактори, и тоа трансакциите на државата со странство и интервенциите на централната банка на девизниот пазар. Трансакциите на државата со странство се однесуваат на тековите на девизни средства поврзани со задолжувањето на државата во странство и користење на странска помош заради финансирање на буџетските потреби, како и на тековите коишто се однесуваат на сервисирање на редовните обврски или наплата на побарувања од странство за увоз/извоз на добра и услуги за потребите на буџетските органи.
Интервенциите на централната банка на девизниот пазар за одржување на стабилноста на домашната валута, при продажба на девизи заради зголемена побарувачка од приватниот сектор (којашто може да биде одраз на зголемен увоз, капитални одливи од земјата или во кризни околности, заради релативно висока побарувачка за девизи од населението) се одразуваат со намалување на девизните резерви, и обратно, при откуп на вишокот на девизна ликвидност во економијата (којашто произлегува од раст на понудата на девизи врз основа на извоз, понуда на девизна ефектива од домаќинствата или прилив на средства врз основа на странски директни или портфолио инвестиции) влијаат кон зголемување на девизните резерви.
Девизните резерви на нашата земја
Република Северна Македонија започна да ги гради девизните резерви по осамостојувањето и институционализирањето на Народната банка како централна банка на државата, одговорна за чувањето и управувањето со девизните резерви. Како извори на девизни средства низ годините се јавуваат: задолжителното издвојување од девизните приливи на македонските извозници, откупот на странска ефектива од менувачниците по легализацијата на менувачкиот пазар, приливите на државата од продажбата на големите капацитети во процесот на приватизација, како и од донации од меѓународната заедница за поддршка на платниот биланс и кредити од мултилатерални и билатерални кредитори.
Воспоставувањето на рамка за управување со девизните резерви е од големо значење, имајќи предвид дека управувањето со девизните резерви е важна активност за речиси сите централни банки. Имено, имајќи ја предвид улогата и значењето на девизните резерви за многу земји, вклучително и нашата, зачувувањето на нивната вредност преку соодветно управување овозможува непречено извршување на нивната функција во спроведувањето на монетарната политика.
Управувањето и инвестирањето на девизните резерви е комплексна задача на Народната банка, за којашто се поставени четири нивоа на одлучување коишто овозможуваат одговорност и соодветно следење на остварувањата. Притоа, управувањето и инвестирањето на девизните резерви е уредено со Законот за Народната банка на Република Северна Македонија. Советот на Народната банка како највисок орган на управување на Народната банка ја носи Политиката за управување и инвестирање на девизните резерви, гувернерот носи Правилата за управување и инвестирање на девизните резерви, Комитетот за инвестирање го следи имплементирањето на политиката и правилата, додека организациските единици, преку поделба на надлежностите и одговорностите, имаат обврска за спроведување на трансакциите за управување и инвестирање на девизните резерви, согласно одредбите во законската и подзаконската регулатива. Управувањето со девизните резерви се заснова првенствено на сигурност и ликвидност, а потоа и на профитабилност. Со цел да се обезбеди нивната сигурност, инвестирањето на девизните резерви се врши во финансиски институции и инструменти во земји со висок инвестициски кредитен рејтинг. Исто така, со цел да се обезбеди доволна ликвидност, девизните резерви во најголем дел се инвестираат во инструменти коишто се тргуваат на активен секундарен пазар.
Народната банка управува со девизните резерви преку три портфолија: оперативно, ликвидносно и инвестициско портфолио. Оперативното портфолио служи за задоволување на оперативните, краткорочни ликвидносни обврски и потенцијални интервенции во период од еден месец. Ликвидносното портфолио има за цел да ги задоволи сите договорни и потенцијални одливи во период од следните 12 месеци, додека инвестициското портфолио обезбедува стабилен и предвидлив приход и одржување на вредноста на девизните резерви, преку инвестирање на средствата на подолг рок. Златото, како посебно портфолио, е во функција на обезбедување сигурност и ликвидност на девизните резерви преку диверзификација на инвестициите, имајќи предвид дека златото претставува значајно средство во услови на глобална, економска или политичка нестабилност на пазарите. Најголем дел од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност, по што следуваат валутите и депозитите и монетарното злато.
Низ годините, преку соработка со меѓународните финансиски институции, Народната банка во континуитет ги јакнеше своите капацитети за управување со девизните резерви согласно со најдобрите светски практики. И покрај предизвиците и неколкуте глобални економски кризи, преку внимателната инвестициска стратегија на нашата централна банка, девизните резерви денеска се на историски највисоки нивоа и претставуваат важна алатка во одржувањето на стабилноста на девизниот курс на денарот, остварувајќи ја основната цел - постигнување и одржување на ценовната стабилност.