На 1 јуни во Народната банка се одржа 25 сесија на Клубот на истражувачи

На 1 јуни во Народната банка се одржа 25 сесија на Клубот на истражувачи, на која беа презентирани трудовите: „Емпириско истражување за проценување на потенцијална валутна криза: Македонија и Србија“ на доцент д-р Татјана Бошков, како и презентацијата: „Мерење на ефикасноста на банкарските филијали и рангирање на експозитурите: повеќекритериумски пристап“ на д-р Виолета Цветковска.
Првото истражување во статистичка рамка, оценува неколку индикатори во временски интервал од 2005 до 2016 година (како на пример индексот на притисоци на девизниот пазар), чиишто промени може да сигнализираат потенцијални притисоци врз домашната валута и со тоа да придонесат за рана детекција на валутна криза. Во овој контекст, во рамки на истражувањето се издвојуваат две клучни прашања - 1. Дали постојат нарушувања во македонската и српската економија коишто може да предизвикаат валутна криза?; 2. Која генерација на модел на валутна криза би била најблиска за овие две земји? Истражувањето врз основа на оценетите показатели покажува дека во овие две земји не се забележани изразени притисоци за валутна криза во временскиот интервал од 2005 до 2016 година. Поконкретно, во македонската економија не се присутни сигнали за настанување валутна криза, додека Србија двапати се доближува до алармантна зона, во јуни 2011 година и во јули 2014 година. Доцент д-р Татјана Бошков заклучува дека добиените резултати укажуваат на успешно спроведување на монетарната политика и политиката на стабилен девизен курс во Македонија во овој период. Притоа, се нагласува дека во случајот на Македонија, многу важен аспект за успешноста во одржувањето на стабилноста на девизниот курс е довербата на економските субјекти во капацитетот на централната банка за справување со шокови. Оттука, клучен аспект во политиката на централната банка е одржување на стабилни очекувања на економските субјекти, и со тоа превенција на потенцијални притисоци врз домашната валута.
Во презентацијата „Мерење на ефикасноста на банкарските филијали и рангирање на експозитурите: повеќекритериумски пристап“, авторката д-р Виолета Цветковска, всушност, направи спој на три труда коишто содржат анализи за операциските истражувања во деловните банки. Фокусот на презентацијата беше ставен на објаснување на резултатите од направеното истражување за мерењето на ефикасноста на повеќе филијали и експозитури на “Комерцијална банка - Скопје”. Притоа, беше потенцирано дека во спроведеното истражување во Комерцијална Банка АД Скопје применето е повеќекритериумското одлучување, односно се применува водечката непараметарска методологија анализа на обвиени податоци (Data Envelopment Analysis – DEA) за мерење на релативната ефикасност на филијалите на Комерцијална банка АД Скопје, како и најпознатата повеќекритериумска метода, аналитички хиерархиски процес (Analytic Hierarchy Process – AHP) за рангирање на експозитурите на Банката. Истражувањето се однесува на период од три години за филијалите (2009-2011), додека за експозитурите користен е период од четири години (2008-2011)). Добиените резултати од решавањето на DEA и AHP моделите обезбедуваат рангирање на експозитурите и филијалите според нивната ефикасност, како и идентификување на клучните извори на разликите, како основа за преземање корективни мерки. Односно, во рамки на истражувањето идентификувани се релативно ефикасните и релативно неефикасните филијали, утврдени се износите и изворите на неефикасност, покажано е како можат релативно неефикасните филијали да ја зголемат ефикасноста, извршено е рангирање на експозитурите на Банката и преку спроведување сензитивна анализа утврдено е дека рангот на експозитурите е стабилен. Во овој контекст беше потенцирана практичната вредност на истражувањето. Имено, резултатите од истото се презентирани и интерпретирани во Комерцијална банка АД Скопје и тие кореспондираат со фактичката состојба и со перцепциите на менаџментот, со што истражувањето претставува солидна основа за носење на конкретни одлуки.
Кабинет на гувернерот
{{Title}}
{{Intro}}
{{{Content}}}
{{#hasElements Images}}
{{#each Images}}
{{#showInline ShowInGallery IsThumbNail}}
{{{dataImg this params="?width=886"}}}
{{/showInline}}
{{/each}}
{{#each Images}}
{{#showInline ShowInGallery IsThumbNail}}
{{{dataImg this params="?width=200&height=100"}}}
{{/showInline}}
{{/each}}
{{/hasElements}}