Народната банка ќе започне со кварталното објавување на податоците за платен биланс
Во изминатиов период Народната банка посвети големо внимание на проширување на достапноста на статистичките податоци за јавноста, за академските и стручните кругови, како и за потенцијалните инвеститори и други корисници од странство, во сите области од статистиката што се во нејзина надлежност. Официјалните статистички податоци имаат основна улога во современото општество и тие треба да бидат достапни за сите корисници во рокови и со квалитет којшто е во согласност со меѓународните стандарди, притоа водејќи сметка за известувачкиот товар врз корпоративниот сектор.
Во делот на статистиката на билансот на плаќања, Народната банка користи повеќе видови извори на податоци кои имаат различна временска динамика. Најголемиот број извори се достапни на месечна основа, а дел од податоците се прибираат преку прашалници до фирмите и се добиваат на квартална или во одредени случаи, на годишна основа. Имајќи предвид дека Народната банка изработува месечни податоци за билансот на плаќања, за податоците коишто се прибираат на квартална основа беше неопходно да се прават месечни проценки кои потоа на квартална основа се заменуваа со податоците добиени од прашалниците, пристап, којшто е во согласност со меѓународната пракса.
Во последниве години, поинтензивната трговска и финансиска интеграција на Република Македонија во глобалните економски текови, влезот на повеќе нови странски инвестиции во земјата и зголемената комплексност на врските помеѓу компаниите со странски капитал со матичните компании и во рамки на нивните групации, значеше зголемен предизвик за статистичкото проценување на платно-билансните движења во земјата. Ова, многу често во минатото резултираше со поголеми ревизии на квартално ниво на веќе објавените податоци, што пак може да доведе до пониска употребна вредност на објавените прелиминарни податоци, а неретко и до забуни во јавноста.
Со цел за избегнување на чести и поголеми ревизии на статистичките податоци, а истовремено задржувајќи го известувачкиот товар на ниско ниво (преку задржување на динамиката на доставување на квартални прашалници, наместо воведување месечни прашалници), Народната банка одлучи да ги објавува податоците за платниот биланс на квартална основа. Извештаите за платен биланс и понатаму ќе продолжат да содржат месечни податоци кои ќе се објавуваат во рок од 60 дена по истекот на кварталот.
Месечното објавување на податоците за платен биланс ќе заврши на 31 август 2017 година, кога ќе бидат објавени податоци за движењата заклучно со месец јуни 2017 година, односно, заклучно со вториот квартал од годината. Кварталното објавување на податоците за платен биланс Народната банка ќе започне на 30 ноември 2017 година, со објавување на податоците за третиот квартал од оваа година (поединечно за месеците јули, август и септември 2017 година).
Преминувајќи кон новиот начин на објавување на податоците, Народната банка останува во согласност со препорачаните меѓународни статистички стандарди пропишани од страна на Меѓународниот монетарен фонд и Еуростат, а воедно, е во линија и со практиката на објавување на овие податоци застапена кај повеќе европски земји.