Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата седница, на која беа усвоени Кварталниот извештај и макроекономските проекции до крајот на 2017 година
Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата седница, на која беа усвоени Кварталниот извештај и макроекономските проекции до крајот на 2017 година, при што беше утврдено дека кварталните остварувања во првиот квартал од 2017 година упатуваат на слична макроекономска слика како и во претходните, октомвриските проекции. Процесот на нормализација на монетарната политика, кој започна во декември 2016 година, продолжи и во текот на јануари и февруари 2017 година, кога основната каматна стапка беше дополнително намалена за вкупно 0,50 процентни поени, така што се сведе на 3,25%. Како резултат на тоа основната каматна стапка се сведе на нивото пред мај 2016 година, кога беше извршено затегнување на монетарната политика, како реакција на притисоците предизвикани од шпекулации.
Странската ефективна побарувачка е ревидирана во нагорна насока за 2017 година, додека за 2018 година е направена минимална надолна корекција. Досегашните остварувања, како и очекуваниот економски раст и растот на глобалните цени на примарните производи доведоа до значителна нагорна корекција на странската ефективна инфлација во 2017 година, додека за 2018 година очекувањата не се променети. Во поглед на движењето на цените на примарните производи, за 2017 година се очекува повисок раст на цените на енергентите, прехранбените производи и повеќето метали во споредба со октомвриските проекции, додека во 2018 година се очекува понатамошен раст на цените на прехранбените производи и стабилизирање на цените на повеќето останати примарни производи, поради што за повеќето примарни производи очекувањата за 2018 година се слични како и во октомври. Задржувањето на трендот на раст на домашната економија и во текот на 2017 година и во 2018 година во голема мера се темели врз овие очекувања.
Растот на БДП од 2,4% во 2016 година беше во согласност со претходните очекувања, додека за 2017 се очекува негов раст од 2,5%, а во 2018 од 3,2%. Збирно гледано, и во рамки на овој циклус проекции, во периодот 2017 - 2018 година извозот останува носечкиот фактор на растот на економијата, со придонес којшто е поизразен споредено со претходните очекувања. Од друга страна, промени се направени во структурата на домашната побарувачка, пред сѐ за 2017 година, кога се очекува личната потрошувачка и понатаму да ја стимулира економијата, додека инвестициската активност би продолжила да се намалува, но со умерено темпо, спротивно на претходните очекувања. Сепак, во 2018 година се очекува солиден раст на инвестициите. Се очекува придонесот на јавната потрошувачка кон растот на економијата во 2017 година и во 2018 година, во просек, да биде неутрален.
Кредитната активност на банкарскиот сектор и во текот на 2017 и 2018 година се очекува да го поткрепува економскиот раст. Во 2017 година се очекува тој да изнесува 5,6%, а во 2018 година, 6,7%. Оцените за забрзување на кредитниот раст во 2018 година се засноваат врз очекувањата за постабилна средина и раст на депозитната база, што во услови на поволна капитална и ликвидносна позиција на банките ќе создаде простор за зголемено кредитно финансирање.
По умереното намалување на цените во изминатите три години, во 2017 и 2018 година се очекува постепено нормализирање на инфлацијата на 1,3% и 2%, соодветно, заради што споредено со претходниот циклус проекции, не се направени промени. Оцените за раст на инфлацијата ги одразуваат сегашните очекувања за раст на светските цени на храната и енергијата и повисока странска ефективна инфлација. Позитивен ефект врз инфлацијата се очекува и од домашната побарувачка, во услови кога производниот јаз е оценет како умерено позитивен во текот на целиот период на проекции.
Најновите оцени за билансот на плаќања упатуваат на дефицит во тековната сметка за периодот 2017 - 2018 година, којшто во просек е незначително поумерен во однос на очекувањата во рамки на октомвриската проекција и изнесува 2,3% од БДП. Од аспект на финансиската сметка, се очекува финансирањето на тековната сметка во овој двегодишен период да се обезбеди преку недолжнички и должнички долгорочни финансиски текови, односно странските директни инвестиции и задолжувањето во странство. Во периодот 2017 - 2018 година, се очекува дека дефицитот на тековната сметка во целост ќе биде покриен од финансиски текови, коишто ќе овозможат и дополнителен раст на девизните резерви. Притоа, во целиот период на проекции, показателите за адекватноста на девизните резерви се во сигурната зона.
Сѐ на сѐ, остварувањата покажуваат дека и покрај зголемените ризици во овој период, поврзани со фактори од домашна и надворешна природа, оцените за стабилноста на основите на домашната економија и натаму се солидни. Економијата и понатаму закрепнува, без ценовни притисоци и во услови на натамошно одржување на девизните резерви на соодветно ниво. И понатаму се присутни некои од неповолните ризици од претходниот период. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата и во согласност со своите надлежности е во состојба да го поддржи тоа закрепнување.
На денешната седница, Советот го усвои Стратегискиот план на Народната банка на Република Македонија за периодот 2018-2020 година. Стратегискиот план за 2018-2020 година содржи десет стратегиски цели кои, како и минатата година, јасно ја изразуваат определбата на Народната банка за одржување ниска и стабилна инфлација преку стратегијата на одржување стабилен курс на денарот во однос на еврото, одржување финансиската стабилност како составен елемент на макроекономската стабилност и предуслов за остварување економски раст и просперитет. Понатаму, имајќи го предвид динамичното и променливо окружување, во рамките на Стратегискиот план се разработени основните предизвици во работењето, како и најважните, критични точки на делување во наредниот тригодишен период. Утврдените стратегиски цели се основа за изработка на плановите на организациските единици и програмата за работа на Народната банка за наредната година.
Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.