На редовната седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, одржана на 14.1.2014 година, беа разгледани најновите макроекономски показатели
На редовната седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, одржана на 14.1.2014 година, беа разгледани најновите макроекономски показатели, во контекст на нивните влијанија врз поставеноста на монетарната политика.
Во однос на меѓународните пазари, во 2014 година се очекува дека глобалната економска активност умерено ќе забрза постигнувајќи раст од 3,4%, во споредба со стапката на раст од околу 2,5% во 2013 година. Притоа, САД ќе имаат примарна улога во забрзувањето на економската активност, а се очекува раст и во евро-зоната. Сепак, високата невработеност во евро-зоната, како и бавната кредитна активност, во услови на ниска стапка на инфлација, укажуваат дека во наредниот период постои простор за натамошна поддршка на економското закрепнување од страна на носителите на макроекономските политики во евро-зоната.
Расположливите високофреквентни показатели за последното тримесечје покажуваат дека македонската економија ќе продолжи да расте, веројатно со сличен интензитет како и во третиот квартал. Овие оцени во голема мера се темелат врз поволните движења во градежништвото, како и врз сигналите за закрепнување на индустриската активност. Оцените и понатаму покажуваат дека растот на економијата нема да биде доволно силен за да може да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата.
Податоците за инфлацијата за 2013 година покажуваат просечна годишна инфлација од 2,8%, што во целост се совпаѓа со проекциите. Сепак, имајќи предвид дека во последните месеци инфлациските притисоци беа послаби од очекувањата, при можност за натамошни помали увозни ценовни притисоци од претходно оценетите, постојат надолни ризици околу проекцијата на инфлацијата за следниот период.
Податоците за девизните резерви за последното тримесечје укажуваат на нивно квартално намалување, што беше очекувано во рамки на проекциите на билансот на плаќања. Показателите за адекватноста на резервите и понатаму се во сигурната зона, односно укажуваат дека ќе има доволно девизни резерви за справување со евентуалните, непредвидени шокови.
Последниот месец во годината, на девизниот пазар беа забележани сезонски движења, што овозможи Народната банка да оствари нето-откуп на девизи.
На домашните финансиски пазари, во декември ликвидноста на банките се намали под влијание на автономните фактори, во услови на сезонски повисока побарувачка за готовина во пресрет на празничната сезона. На меѓубанкарскиот пазар на депозити, прометот беше на стабилно ниво, при што високата застапеност на трансакциите на 7 дена укажува на цврстата доверба помеѓу учесниците на пазарот.
Според првичните податоци за кредитните текови, во декември дојде до понатамошно забрзување на месечниот раст на кредитите, при што како и во претходниот месец кредитната активност во голема мера беше насочена кон корпоративниот сектор. Ваквата динамика на кредитната активност е подобра од очекуваната и упатува на можно стабилизирање на согледувањата за ризик на банките, како и на ефекти од досегашното монетарно олабавување. Сепак, потребно е време за да се оцени одржливоста на овие поволни трендови на кредитниот пазар, во услови на сѐ уште присутни ризици. Декемвриските податоци упатуваат на поволни движења и кај депозитниот потенцијал на банките, којшто и натаму засилено се зголемува на месечно ниво.
Имајќи ги предвид најновите макроекономски и пазарни показатели и во очекување на ефектите од веќе преземените мерки во претходниот период, на седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика беше одлучено да се задржи тековната монетарна поставеност, а на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на износот којшто достасува (25.500 милиони денари), со каматна стапка од 3,25%.
Народната банка ќе продолжи внимателно да ги следи идните макроекономски движења и евентуалното остварување на ризиците и соодветно на тоа, ќе ја приспособува монетарната политика.
Кабинет на гувернерот