Од интервју за емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма
Скопје, 7 мај 2020 година
Првичните податоци покажуваат дека апелот на Народната банка за безготовинско плаќање и за користење на платежните картички и на услугите за електронско и мобилно банкарство е добро прифатен од граѓаните. Значително се зголемува користењето на електронското банкарство од страна на физичките лица, што во овој период придонесува и за заштита на здравјето. Бројот на плаќања иницирани преку електронското банкарство во март е зголемен за околу 30% на годишна основа, што е многу повеќе во споредба со трендовите во претходниот период.
Ова го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во вчерашното издание на емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма. Притоа посочи дека според првичните податоци од платежната статистика, чијашто обработка е во тек, зголемено е користењето и на компјутерите и на мобилните телефони за извршување плаќања. Во март, годишниот раст на плаќања извршени преку компјутер изнесува околу 26,4%, додека претходно, минатата година во споредба со 2018 година, растот изнесуваше 5,4%. Истовремено, како што кажа гувернерката, бројот на плаќања преку мобилен телефон е зголемен за околу 45,5% на годишна основа. Од друга страна, забележан е пад од околу 7% на годишна основа кај плаќањата иницирани на хартија. За ваквите трендови придонесоа и активностите коишто ги презедоа банките по започнувањето на корона-кризата, заради заштита на јавното здравје.

„Според првичните податоци, особено е изразен порастот на користењето на платежните картички за купување преку интернет, при што во март, бројот на трансакции е зголемен двојно во однос на истиот месец минатата година, а позитивни се трендовите и кај користењето на картичките на физичките места на продажба.“ – посочи Ангеловска-Бежоска.
Во емисијата, акцентот беше ставен и на најновите макроекономски проекции на Народната банка, при што меѓу другото беше истакнато дека најголемиот пад на економската активност заради корона-кризата се очекува во вториот квартал од оваа година, а потоа би следело постепено закрепнување и следната година би имало раст на македонската економија од 4,7%. Како што посочи гувернерката, ваквите очекувања се темелат на претпоставката дека шокот од ковид-19 ќе биде краткорочен.
Одделно се разговараше и за депозитната база и за состојбите на девизниот пазар, при што гувернерката нагласи дека овојпат притисоците беа значително помали во споредба со претходни кризни епизоди.
„Податоците за март покажуваат дека нема пад на депозитите. Ме радува што веќе во текот на април состојбите се стабилизираа – депозитната база е стабилна и таквата состојба продолжува и на почетокот на овој месец.“ – истакна Ангеловска-Бежоска. Од средината на април, како што посочи таа, значително е стабилизирана и состојбата и на девизниот пазар.
Во емисијата се дадоа коментари и за мерките што по избувнувањето на корона-кризата ги презеде Народната банка. Гувернерката посочи дека постојано се следат состојбите и Народната банка е подготвена да преземе и дополнителни мерки во согласност со своите надлежности, ако тоа е потребно.
Видео-записот од вчерашното издание на емисијата „Топ тема“ е достапен тука.