Скопје, 5 мај 2020 година
Советот на Народната банка денес одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај во чии рамки се вклучени и најновите макроекономски проекции на Народната банка за следниот тригодишен период.
Притоа беше заклучено дека контекстот на макроекономските проекции е променет, заради пандемијата на ковид-19. Со оглед на преземените мерки, неопходни за спречување на ширењето на вирусот, во 2020 година се очекува значително намалување на глобалната побарувачка, пад на цените на примарните производи на светскиот пазар, привремено нарушување на глобалните и регионалните синџири на снабдување, промени во однесувањето на населението, затегнување на глобалните финансиски услови и одбивност кон ризик на инвеститорите. Иако шокот е од неекономска природа и оттаму засега не се очекува дека ќе има позначителни ефекти врз долгорочниот потенцијал за раст на економиите, се очекува дека неговите ефекти на краток рок ќе бидат изразени, со што во 2020 година се очекува најголемата глобална рецесија по големата депресија. Македонската економија ќе биде погодена преку каналот на неповолното глобално окружување во целина, но како и во сите други економии, мерките за справување со вирусот исто така ќе имаат привремени неповолни ефекти. Најновите проекции вградуваат основна претпоставка дека шокот од ковид-19 ќе биде краткорочен и главниот удар врз економијата ќе се почувствува во вториот квартал, а потоа се очекува постепена нормализација.
Во вакви околности на намалена глобална побарувачка и изразена неизвесност, проекциите за растот на македонската економија се значително променети во однос на октомври минатата година. За 2020 година е проектиран пад на БДП од -3,5%, по што се очекува закрепнувањe со раст од 4,7% за наредната година (наспроти октомвриските очекувања за раст од 3,8% и 4%, соодветно). Во однос на структурата на растот, намалување се очекува и кај домашната и кај извозната побарувачка. Во 2021 година, во услови на нормализација на економскиот амбиент, се очекува закрепнување на економијата, поддржано од сите извори на растот. За 2022 година, се задржува оцената за годишна стапка на раст на домашната економија од околу 4%, вградена и во октомвриското сценарио. Имајќи ја предвид високата отвореност на нашата економија, доколку падот на странската побарувачка е поголем од предвидениот во основното сценарио, економска активност може да биде пониска за 2.3 п.п.
Во поглед на идната патека на движење на цените во домашната економија, најновите проекции упатуваат на стабилни цени во 2020 година и отсуство на инфлациски притисоци. Во услови на тековни инфлациски остварувања коишто се под очекуваните, како и при значителни надолни ревизии кај увозните цени поради шокот од пандемијата, особено на енергентите, оцените упатуваат на стапка на инфлација од околу 0% за 2020 година, што е позначителна надолна ревизија во однос на октомвриските согледувања за инфлација од 1,5%. Во 2021 година, стапката на инфлација би изнесувала 1,5%, а во 2022 година би се стабилизирала на нивото од околу 2%.
Во надворешниот сектор, се очекува дека дефицитот во тековната сметка и понатаму ќе биде умерен, при што во 2020 година умерено би се продлабочил и би достигнал 3,2% од БДП. Умереното зголемување на дефицитот главно е последица на оцените за намалување на дознаките од странство и помал суфицит кај услугите. Со постепеното стабилизирање на тековите, дефицитот во тековната сметка постепено ќе се намалува, во просек, на 1,6% од БДП во периодот 2021-2022 година (исто како и во октомвриските проекции). Притоа, согласно со тековните оцени, за периодот на проекции дефицитот во тековните трансакции ќе биде целосно финансиран од тековите во финансиската сметка, главно од надворешното задолжување на државата и странските директни инвестиции, со што девизните резерви и натаму ќе се зголемуваат и ќе се одржуваат на соодветно ниво.
Со оглед на промените во амбиентот, како и понеповолните согледувања за ризиците во текот на оваа година, се очекува и привремено поголема воздржаност од задолжување. Оттаму, и покрај солидниот раст во првото тримесечје од годината, се очекува дека кредитната активност до крајот на годината привремено ќе забави. Имајќи ги предвид мерките преземени од Народната банка за одржување на кредитниот циклус на деловните банки и поддршката на погодените сектори преку поволните кредити од Развојната банка, се очекува дека годишниот раст на кредитите ќе се задржи на околу 3%. Со нормализирањето на состојбите, стабилизирањето на очекувањата и со оглед на поволната капитална и ликвидносна позиција на банките, би продолжил растот на кредитната активност позабрзано во наредниот двегодишен период, со што кредитниот раст за периодот 2021-2022 година во просек би изнесувал 6,5%. Во согласност со оцените за пад на економската активност во 2020 година, а имајќи го предвид солидното остварување кај вкупните депозити во финансискиот систем во првиот квартал на годината, се очекува дека вкупните депозити ќе растат и во 2020 година, со стапка од околу 2,3%, а во текот на следните две години нивниот раст ќе забрза и ќе се одржува во просек на стапката од околу 7%, при оцени за нормализирање на растот на економијата и натамошно задржување на високата склоност за штедење во банките.
Тековно, ризиците од здравствената криза се изразено надолни. Тие се однесуваат на можното продолжување на корона-кризата и на мерките за заштита на здравјето и во втората половина од годината, евентуалната појава на втор бран на корона-вирусот и повторно активирање на стратегиите за заштита, како и на промените во однесувањето на економските субјекти во поглед на нивните потрошувачки и инвестициски одлуки, коишто, пак, би довеле до подолгорочно нарушување на синџирите на производство и побарувачката. Овие ризици се однесуваат и на глобалното окружување и на домашната економија. Од друга страна, формализацијата на членството на нашата држава во НАТО алијансата, како и одлуката на Европската комисија за отпочнување со преговорите за полноправно членство во ЕУ, коишто се случија во текот на март оваа година, и натаму се позитивен ризик за проекцијата, пред сѐ на среден рок.
Како што беше нагласено на седницата на Советот, Народната банка постојано го следи развојот на настаните, како и потенцијалните ризици за македонската економија од окружувањето, заради соодветна реакција преку приспособување на политиките и преземање други, дополнителни мерки, доколку тоа е потребно.