Од интервју за „Независен.мк“
Скопје, 3 мај 2020 година
Клучно е што шокот со којшто економиите се соочуваат заради пандемијата на ковид-19, не е од економски карактер, односно не се должи на порозност на економските фундаменти. Оттука, иако се очекува дека ефектите од шокот на краток рок ќе бидат поголеми, тој не би требало позначително да се одрази врз долгорочниот потенцијал за раст на економиите и врз макроекономската стабилност.
Ова го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју за „Независен.мк“.
Таа нагласува дека за одржување на макроекономската стабилност се низа од мерките што се преземаат од страна на носителите на фискалната и монетарната политика, чијашто ефективност ќе биде еден од важните фактори за справување со предизвиците од корона-кризата.
Гувернерката потсетува дека Народната банка е гарант за стабилноста на цените и на денарот, а дека структурните и регулаторните промени во нашата економијата во изминатите години придонесоа за подобрување на фундаментите на економијата.
„Во изминативе години, кај нас се случуваа структурни промени, видливи особено во структурата на индустриското производство и извозот, коишто ја намалија ранливоста на нашата економија и ги подобрија нејзините фундаменти. Ова придонесе и за речиси постојан раст на девизните резерви, што е и гаранција за стабилноста на девизниот курс. Исто така, мошне е важно што домашниот банкарски систем е здрав и има потенцијал за обезбедување кредитна поддршка без да се загрози неговата стабилност. Ова е резултат на тоа што, во периодот по глобалната финансиска криза од 2008 година, ние ги зајакнавме регулаторните и супервизорските барања, во согласност со зајакнатата европска регулатива, што придонесе за натамошно јакнење на отпорноста на системот. Секако, корона-кризата наметнува потреба од засилено следење и преземање брзи, ефективни и координирани активности. Оттука, неодамна му беа зајакнати надлежностите и му беше проширен составот на Комитетот за финансиска стабилност во којшто сега учествуваат сите финансиски регулатори.“ – посочува Ангеловска-Бежоска.
Во интервјуто за „Независен.мк“, меѓу другото, гувернерката се осврнува и на достапноста на финансиска поддршка за македонската економија и на мерките коишто се во надлежност на централната банка.
Редовните макроекономски проекции, како што посочува Ангеловска-Бежоска, веќе се во завршна фаза и наскоро ќе ѝ бидат презентирани на јавноста.
Интервјуто е достапно тука.