Од интервју за ТВ 21
Скопје, 3 април 2020 година
Очекуваме да дојде до олеснување на финансиските услови и за граѓаните и за корпоративниот сектор. Токму тоа беше и целта на измените на регулативата за работењето на банките коишто ги донесовме. Претходно направивме детални анализи, за да се дојде до решение со коешто истовремено ќе му се помогне на населението, но и на компаниите и ќе се одржи финансиската стабилност. Очекуваме дека банките активно ќе ги применуваат можностите од регулаторните измени. Ова го истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во вчерашното издание на емисијата „Клик плус“ на ТВ 21. Таа посочи дека Народната банка ги следи и ги анализира понудите за промена на договорните услови за кредитите, коишто се објавуваат деновиве.
VIDEO
Во емисијата, Ангеловска-Бежоска се осврна и на кредитниот раст, којшто во првите два месеци од оваа година е солиден и изнесува околу 7%, при што продолжува трендот на поголема фокусираност кон домаќинствата со стапка на раст од околу 11%. Истовремено, продолжи и депозитниот раст којшто во просек изнесува околу 8%. „Оттука, движењата досега се солидни, меѓутоа предизвикот е пред нас. Сите се соочуваме со голем шок којшто е од неекономска природа, но може да има големи ефекти врз економијата. Имајќи го предвид тоа, реално е да се очекува забавување на кредитната, а следствено и на депозитната активност во претстојниот период од оваа година.“ – истакна гувернерката.
Народната банка, како што беше соопштено и во емисијата, веќе активно работи на новиот циклус макроекономски проекции. Ангеловска-Бежоска кажа дека имајќи ги предвид последните расположливи податоци, но и условите и неизвесноста коишто ги наметнува глобалната корона-криза, ќе се направи позначителна ревизија на претходните очекувања за економските состојби во оваа година, вклучително и на проекцијата за економски раст. Како што посочи таа, според меѓународните финансиски институции, веќе се очекува позначително забавување и на економската активност во глобални рамки, вклучително и во Европската Унија, а со тоа и во германската економија каде што е сконцентриран голем дел од нашиот извоз.
Гувернерката истакна дека и најновите податоци за надворешниот долг упатуваат на констатацијата дека сме во зоната на умерено задолжени земји. „Само еден од стандардните меѓународни показатели упатува на надминување на умереното ниво на задолженост, додека сите други показатели покажуваат дека надворешниот долг е во безбедната зона на ниско до умерено ниво на задолженост. Вкупниот надворешен долг, заклучно со крајот на 2019 година, изнесува 72,2% од БДП, што е пониско ниво во споредба со просекот од последните две-три години кога тој се движеше околу 74% од БДП.“ – кажа таа.
Во емисијата, Ангеловска-Бежоска испрати и порака: „Сите би сакале амбиентот да е поинаков за да се занимаваме со структурни прашања и реформи, да работиме на унапредување на доходот на населението... Но за жал, корона-кризата наметнува низа предизвици. Нема бегање од реалноста и ние како централна банка сме подготвени соодветно да им одговориме на предизвиците.“