Во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светската банка
Скопје, 30 април 2020 година
Поддршката од Светската банка за македонската економија во справувањето со предизвиците од корона-кризата ќе изнесува околу 140 милиони евра. Мерките што ги преземаат носителите на политиките се соодветни и се важен сигнал за обезбедување на поддршката. Стабилноста на финансискиот систем и натаму е приоритет, а мерките на Народната банка се дополнителна гаранција дека таа ќе се одржува и во исто време значително ќе придонесат за поддршка на македонската економија.
Ова се дел од пораките и констатациите од вчерашниот состанок на потпретседателот за Европа и Централна Азија на Светската банка, Сирил Милер, со гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерката задолжена за економски прашања, Мила Царовска, и министерката за финансии, Нина Ангеловска, во рамките на Пролетните средби на ММФ и Светската банка, коишто годинава се одржуваат електронски.
На состанокот учествуваше и наследничката на Милер, Ана Бјерд, којашто ќе ја преземе функцијата во Светската банка по завршувањето на неговиот мандат.

Во дискусијата детално беа презентирани ефектите од глобалната корона-криза врз македонската економија, а беа разгледани и економските мерки за справување со шокот од пандемијата, коишто ги преземаат носителите на политиките. Од Светската банка позитивно ги оценуваат мерките коишто во рамките на своите надлежности ги презема Народната банка, за коишто се смета дека се навремени и целни и ќе бидат особено значајни не само во актуелниот период, туку и за справување со предизвиците во посткризниот период.
Акцент беше ставен и на стабилноста на финансискиот систем, при што и овојпат беше нагласено дека мора и натаму таа да биде приоритет. Во тој контекст, одделно се разговараше за активностите и мерките на Народната банка што се однесуваат на стабилноста на банкарскиот систем, којашто е клучна за одржување и јакнење на севкупната финансиска стабилност. Мерките преземени досега се сметаат за дополнителна гаранција дека стабилноста ќе се одржи, а особено важно е и што системот има капацитет да се справи со шокот, што се должи и на прудентната регулатива, во голема мера усогласена со европските регулативи.
На состанокот беа разгледани и проекциите од последниот регионален економски преглед на Светската банка.
Од Светската банка и во следниот период засилено ќе ги следат случувањата во македонската економија и активностите на носителите на политиките.