Скопје, 28 мај 2022
Oсновно сидро коешто овозможува надминување на многуте предизвици во минатото, но и сега, е цврстата определба на Народната банка за примена на монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот, како клучен столб на стабилноста на македонската економија. За ефикасното спроведување и функционирање на монетарната политика, особено во неизвесни периоди, важен придонес имаат финансиските пазари и банките коишто ги следат сигналите на централната банка и соодветно реагираат преку своите деловни политики и активности. Ова беше истакнато од страна на вицегувернерката Емилија Нацевска во поздравното обраќање на 27. годишно собрание на здружението АЦИ на финансиските пазари.
Енергетската криза од крајот на 2021 година и неизвесноста создадена од воениот конфликт во Украина значително влијаеја врз увозните цени на енергентите и кај нас, при што првиот удар врз домашната економија се одрази на домашниот девизен пазар. Во тој контекст, вицегувернерката посочи дека „брзата реакција на Народната банка преку интервенции на девизниот пазар за задоволување на потребите за девизи, поддршката од деловните банки, како и објавите во јавноста заради соодветно известување за стратегиската определба на Народната банка овозможи одржување на стабилноста на девизниот курс.“ Ваквиот пристап на Народната банка, и во овој турбулентен период, се потврди дека има висока ефективност за брзо смирување на очекувањата на населението и спречување на неоснованите шпекулации околу стабилноста на девизниот курс на денарот. Исто така, беше истакнато дека за одржување на стабилноста на денарот, Народната банка направи измени и во регулативата на менувачкиот пазар, со што овозможи непречено задоволување на потребите на граѓаните за девизи и на овој сегмент на девизниот пазар.
Вицегувернерката Нацевска посочи дека Народната банка на почетокот на април 2022 година реагира и со намалување на стапката за задолжителна резерва од денарските обврски и истовремено зголемување на стапката на задолжителна резерва на обврските во странска валута, како одговор на зголемените склоности на населението за штедење во странска валута и промените кај валутната структура на депозитите во банкарскиот систем. Со оваа мерка, којашто е дел од предвидените мерки во Стратегијата за денаризација, Народната банка создаде простор за банките за да можат да пристапат кон промени во каматната политика, но и да понудат нови, привлечни депозитни производи коишто првенствено ќе бидат насочени кон привлекување на денарските средства на населението. Што е позначајно, не се очекува дека оваа мерка на Народната банка ќе има само еднократно, умерено приспособување на каматните стапки на денарските депозити кај банките, туку ќе претставува сигнал којшто деловните банки треба да го следат на подолг рок, заради постигнување на стратегиската определба за зголемување на денарското штедење, од којашто сите економски субјекти имаат придобивка.
Народната банка и во иднина ќе биде активен двигател на реформските процеси за развој и унапредување на домашниот финансиски пазар, имајќи ја предвид неговата значајна улога во пренесувањето на монетарните сигнали до реалниот сектор. Народната банка учествуваше и во подготовката на Стратегијата за развој на пазарот на капитал чија цел е преку современа регулација и проактивен надзор, да поддржи одржлив развој на финансискиот систем за зголемување на придонесот на забрзаниот раст на БДП. Здружението АЦИ на финансиските пазари ги обединува претставниците на банкарскиот сектор коишто работат на домашните финансиски пазари и претставува платформа за развивање добри професионални односи, зголемување на меѓусебната доверба, размена на искуства и постојана професионална едукација на вработените во банкарскиот сектор, заради поефикасно обезбедување финансиски услуги за граѓаните.