Скопје, 28 јануари 2023
Денарот и натаму е стабилен, а во следниот период не се очекуваат притисоци врз девизните резерви. Здравоста на банкарскиот систем е зачувана, при што капитализираноста е соодветна и стабилна, додека нефункционалните кредити и натаму се на ниско ниво. Ова се наведува во Извештајот на Агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс“, во кој се потврдува кредитниот рејтинг на земјава ББ- со стабилен изглед.
Агенцијата посочува на поволните трендови кај девизните резерви, коишто на крајот на 2022 година достигнаа 3,9 милијарди евра. Како што заклучуваат од „Стандард и Пурс“, во изминатите месеци цените на енергентите се стабилизираат, па оттаму не се очекуваат позначителни притисоци врз девизните резерви во текот на годината. Покрај тоа, според нивните очекувања, резервите и натаму ќе растат, при очекувано стеснување на дефицитот на тековната сметка и финансиски приливи преку директни инвестиции и одредени должнички текови. Девизниот курс и натаму е стабилен и не се очекуваат промени во курсот на денарот.
Од „Стандард и Пурс“, во Извештајот за кредитниот рејтинг за земјава, наведуваат дека за разлика од други земји во регионот, врските на финансискиот сектор на домашната економија со Русија се мали, со што изостануваат директни негативни преносни ефекти во домашниот банкарски систем од кризата. Во поглед на банкарскиот сектор, Агенцијата ја истакнува неговата стабилност, во услови кога нефункционалните кредити сѐ уште се ниски, на нивото од 3,2%, додека стапката на капитализираност на банкарскиот сектор е соодветна и стабилна и изнесува 17,7%.
Во рамките на Извештајот, се истакнуваат мерките коишто ги презема Народната банка во однос на ликвидноста, промените во каматната политика и во задолжителната резерва, како и макропрудентните мерки. Притоа, се нагласува нивната улога за стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања, поддршка на процесот на денаризација на економијата, како и за натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем.