Скопје, 27 септември 2022
На 26.9.2022 година, беше одржана 44. сесија на Клубот на истражувачите, на која беше презентиран трудот „Анализа на читливоста, темите и тонот на соопштенијата за јавноста за монетарната политика на Народната банка“ од Анита Циунова-Шулеска, Тања Јакимова и Николина Паламидовска-Стерјадовска. Трудот којшто е изработен во соработка помеѓу Народната банка и Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје е прво истражување од ваков вид во регионот. На презентацијата присуствуваше и деканот на Економски факултет, проф. д-р Предраг Трпески, како и повеќе професори од Економскиот факултет.
На отворањето на сесијата се обрати гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која ја потврди значајната улога на комуникацијата во постигнувањето на целите на централните банки, вклучително и за Народната банка, којашто во изминативе неколку години сè повеќе се залага за проактивна улога и вклучување современи форми на комуникација коишто го следат технолошкиот развој. Гувернерката особено го нагласи значењето на комуникацијата во кризни епизоди кога е битно да се допре до целни групи и да се маргинализираат шпекулациите, за што се користат бројни алатки, меѓу кои соопштенија, конференции за печатот, интервјуа, но и сè поактуелните социјални медиуми. Гувернерката, исто така, го истакна и доброволното учество на Народната банка во пилот-оценувањето на усогласеноста со Кодексот на Меѓународниот монетарен фонд за транспарентност на централните банки, со кое транспарентноста на Народната банка беше највисоко оценета.
При презентирањето на истражувачкиот труд, во кој е обработена една од алатките за комуникација што ја користи Народната банка, беше посочено дека со цел да се обезбеди увид во читливоста, структурата и тонот на комуникацијата на Народната банка, се користени текстуални податоци на примерок од 103 соопштенија за јавноста за монетарната политика во период од средината на 2012 до 2020 година со посебен осврт на три главни аспекти: 1) читливоста – колку е лесно да се прочита и да се разбере текстот, 2) темите – клучните теми во текстот и 3) тонот – препознавање на чувствата (позитивни / негативни) во основата на текстот. Наодите во трудот упатуваат дека нивото на читливоста на соопштенијата за монетарната политика на Народната банка е слично на другите централни банки, дека инфлацијата и финансиски пазарите и монетарната политика се најзастапени теми, а Народната банка главно комуницира со неутрален тон.
По презентацијата, беше отворена дискусија помеѓу учесниците на сесијата на Клубот на истражувачи за методологијата којашто е користена за оцена, но и општо за можностите за натамошно доближување на комуникацијата на Народната банка до пошироката јавност.
Инаку, Клубот на истражувачите е отворена платформа за презентација и разработка на научно-истражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата. На сесиите учествуваат аналитичари и истражувачи од научно-образовни и финансиски институции, студенти и останати заинтересирани слушатели.
Зачленувањето во Клубот е од отворен карактер и може да се направи преку барање за членство на следнава електронска адреса: [email protected]. Членовите на Клубот добиваат редовни известувања за сесиите и активностите на Клубот на истражувачите.
Сесиите се одржуваат квартално. Народната банка објавува повик до истражувачите да поднесат свој труд, вклучително и оние коишто сè уште се во работна верзија. Трудовите се работат согласно со трендовите и стандардите на современите истражувања, што подразбира солидна емпириска анализа и систематизирани заклучоци од истражувањето. Следната сесија на Клубот на истражувачите ќе се одржи во декември годинава.