Скопје, 24 јуни 2020 година
Граѓаните треба да бидат спокојни во врска со стабилноста на денарот – не постои простор за загриженост. Гарантираме дека денарот е и ќе остане стабилен. Нема да има девалвација. Граѓаните треба и понатаму да ги чуваат своите заштеди во денари – и економски тоа е порационално, во услови на различни каматни стапки кај денарското и девизното штедење и кога стабилноста на домашната валута е загарантирана.
Ова го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во изјава за телевизијата Канал 5, во врска со шпекулациите за стабилноста на денарот. Притоа, таа посочи дека може и треба да се верува во капацитетот на централната банка за успешно одржување на стабилноста на девизниот курс.

Во изјавата, гувернерката потсети дека Народната банка располага со високо ниво на девизни резерви, како и со низа инструменти коишто може да ги употреби за да ја заштити стабилноста на курсот на домашната валута.
„Ако со значително пониско ниво на девизни резерви успеавме да ја задржиме стабилноста на денарот во 2008 и 2009 година, не треба да има никаква дилема дека стабилноста на денарот е загарантирана и овојпат, со олку повисоко ниво на девизни резерви.“ – посочи Ангеловска-Бежоска.
Нашата економија влезе во корона-кризата со вкупно ниво на девизни резерви од над 3 милијарди евра, што е повеќе од двојно повисоко во споредба со 2008 година кога се случи претходната глобална криза. Само во текот на изминатите две години, нивото на резервите се зголеми за една милијарда евра.
Како што е соопштено и претходно, шпекулативните тврдења поврзани со курсот на денарот коишто беа присутни во изминатиот период не се поткрепени со економски аргументи. Стабилноста на денарот е загарантирана.
Видеоснимката од изјавата е достапна тука.