Скопје, 24 април 2023
На седницата одржана на 19 април 2023 година, Комитетот за поддршка на развојот на иновациите во финансискиот систем во Република Северна Македонија (Комитетот за финтек) ја усвои Финтек Стратегија за финансиските регулатори, којашто има за цел да обезбеди услови за поддршка на иновациите во областа на финансиите, притоа имајќи ја предвид заштитата на потрошувачите и инвеститорите и стабилноста на финансискиот систем.
Финтек Стратегија за финансиските регулатори се однесува на регулаторните аспекти поврзани со трансформацијата на финансискиот систем предводена од финтек-секторот. Во неа се содржат препораки за регулаторите при што за нивно успешно спроведување, неопходен е координиран пристап на регулаторите и соодветен механизам за надзор на спроведувањето на препораките од Финтек Стратегија за финансиските регулатори.
Усвоениот стратегиски документ го трасира патот за ползување на придобивките од развојот на иновациите на финансиите, коишто се повеќекратни. Според Извештајот на Експертската група на ЕУ за регулативните пречки поврзани со финансиските иновации (РОФИЕГ), развојот на иновациите во сферата на финансиите може да донесе пониски цени на финансиските услуги, поширока лепеза производи и услуги, поголем избор на потрошувачите и компаниите, подобри можности за финансирање, поефикасна регулатива и усогласеност со најдобрите меѓународни практики.
Финтек Стратегија за финансиските регулатори ќе придонесе кон флексибилност и отвореност за промена на регулативната рамка заради поттикнување конкуренција во интерес на потрошувачите и кон натамошно зголемување на отпорноста и стабилноста на финансискиот систем. Користењето иновативни финтек-решенија ќе доведе до повисока оперативна ефикасност, подобро управување со ризикот и подобра регулативна усогласеност на финансиските институции.
Усвоената Финтек Стратегија за финансиските регулатори е првиот дел од Националната стратегија за финтек-секторот којашто беше разгледана на седницата на Комитетот за финтек. Станува збор за завршница на активностите преземени од Народната банка во изминатите години спроведени преку проект на ЕФСЕ започнат во 2018 година, насочен кон поставување на основите за трансформација на финансискиот систем во РСМ предводена од финтек-секторот. Во 2019 година во Народната банка беше формирана работна група за финансиски технологии со експерти од различни организациски единици, којашто ја создаде Портата за иновации, како платформа за комуникација со иновативната бизнис-заедница. Во октомври 2020 година, беше спроведена анкета за сеопфатно истражување на екосистемот во која учествуваа 220 испитаници од различни сегменти на екосистемот, при што дури 90% од нив ја потврдија потребата за трансформација на финансискиот систем во РСМ, предводена од финтек-секторот. Воедно, Народната банка и Министерството за финансии беа активно вклучени во процесот на усогласување на регулативата за платежните услуги и платните системи, со која исто така се промовираат технолошките иновации во областа на финансиите. На иницијатива на Народната банка, а заради создавање услови за поддршка на развојот на финтек-секторот, финансиските регулатори ‒ Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, минатата година склучија Меморандум за соработка, со кој се постави систем преку кој регулаторите координирано дејствуваат, секој во својата надлежност, во однос на спроведувањето на Финтек Стратегија за финансиските регулатори.