Од Пролетните средби на ММФ и Светската банка
Скопје, 23 април 2020 година
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) обезбеди значителна поддршка преку Инструментот за брзо финансирање, во износ од околу 176 милиони евра, а и натаму во рамки на можностите ќе дава поддршка за што посоодветно да се одговори на предизвиците и што побрзо да дојде до закрепнување на македонската економија. Економските фундаменти се здрави, а преземените мерки се соодветни и ќе придонесат за справување на економијата со шокот од пандемијата на ковид-19.
Ова се дел од пораките од состанокот на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии, Нина Ангеловска, со директорот за Одделот за Европа во ММФ, Пол Томсен, во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светската банка, коишто годинава се одржуваат електронски.

Како што беше истакнато на состанокот, состојбата со корона-вирусот, оваа година, ќе доведе до пад на активноста на сите економии во глобални рамки. Тоа веќе јасно го покажуваат и проекциите на ММФ. Но, падот на македонската економија и воопшто на економиите во развој ќе биде помал во споредба со она што се очекува кај развиените економии. Ако во глобални рамки, корона-кризата стивне до средината на годинава, веќе следната година ќе има закрепнување на македонската економија и забрзување на нејзиниот раст.
Во текот на вчерашниот ден, гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии, Ангеловска, учествуваа и на состанокот на Конституенцата на ММФ и Светската банка во којашто членува нашата земја. Се разгледуваа главно предизвиците со коишто се соочуваат земјите од Конституенцата, при што посебен акцент беше ставен на нашиот регион.
ММФ и во следниот период ќе ги следи случувањата во македонската економија и ќе биде во постојана комуникација со Народната банка и Министерството за финансии.