Скопје, 22 мај 2020 година
Како и во другите европски земји, заради пандемијата на ковид-19, националниот натпревар на Европскиот квиз на парите ќе се одржи на начин различен од претходно објавениот.
Националниот натпревар во нашата земја ќе се одржи на 29 мај, во 12 часот на македонски јазик и во 13 часот на албански јазик. Секој учесник ќе се натпреварува индивидуално, од својот дом, преку електронската платформа Кахут (Kahoot!).
Право на учество во натпреварот имаат учениците од одделенијата и класовите пријавени од менторите на јавниот повик кој во јануари година го објави Македонската банкарска асоцијација во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност, со поддршка од Министерството за финансии и од Министерството за образование и наука.
Прашањата на Европскиот квиз на парите ќе бидат со понудени одговори од кои само еден е точен, a освен точноста на одговорите ќе се вреднува и брзината на натпреварувачот при одговарањето.
Учениците и менторите кои ќе освојат прво, второ и трето место на националното натпреварување ќе бидат наградени.
Националниот натпревар на Европскиот квиз на парите во нашата земја се одржува по вторпат, во организација на Македонската банкарска асоцијација, во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност.
Од исклучително голема важност е и во ваков период, кога корона-кризата влијае и на економијата, и натаму да се вложува во финансиската едукација, заради што сите институции коишто учествуваат и го поддржуваат одржувањето на Европскиот квиз на парите во нашата земја продолжуваат со своите активности во оваа сфера.