Скопје, 22 декември 2022
Здравиот и развиен финансиски сектор е значен за поттикнување на економскиот раст. Финансискиот систем што е доволно голем, диверзифициран, добро регулиран и разбран може да придонесе да се подобри животниот стандард и унапреди социјалната инклузија и со тоа да влијае да се намали сиромаштијата. Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата „Сиромаштијата, економскиот раст и финансискиот сектор“ која се одржа во рамки на Годишната конференција на Обединетите нации, со наслов „Поглед подалеку“.
„Во земјите од Западен Балкан, вклучително и во нашата, финансискиот систем е банкоцентричен, со што банките имаат клучна улога во финансирањето на реалната економија со континуирано солидно темпо во изминативе неколку години на кризи. Одржаната кредитна активност и во услови на криза во голема мера се должи на научените лекции од глобалната финансиска криза во светски рамки и зајакнатата регулатива во линија со измените на меѓународните и европските стандарди што придонесе банките да ги пресретнат предизвиците со зајакнати биланси и подобрена способност за справување со ризици“, наведе гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Говорејќи за натамошна поддршка на растот и побрзо приближување до доходот на Европската Унија, гувернерката додаде дека е значајно да продолжи трендот на раст на финансискиот систем, вклучително и на банкарскиот систем. Притоа истакна: „Исклучително е важно банките да продолжат со јакнење на отпорноста и здравоста на билансите, што заедно со обемот на финансиски потенцијал, е предуслов за соодветна кредитна поддршка на економијата. Важен е и развојот на пазарите на капитал кои во целиот регион се недоволно развиени, а можат да бидат значаен извор за финансирање особено на малите и средните претпријатија кои вообичаено имаат потежок пристап до финансирање од банкарскиот сектор.“
Ангеловска-Бежоска посочи дека, иако здравиот и развиен финансиски сектор не може да биде замена за структурните реформи што се клучни за долгорочен економски раст, сепак, тој може да даде значајна поддршка на економијата, особено во вакви периоди на криза коишто ги нагласуваат структурните слабости на економијата и потребата за енергетска и дигитална трансформација.
Во изминатиот период се согледува растечка поддршка на банкарскиот систем на проекти за енергетска трансформација на економиите, при што во домашната економија зеленото кредитирање во изминативе три години е зголемено за 80%. За посилен економски раст важен е и финтек секторот, кој што сеуште е мал, но растечки во земјите од Западен Балкан. Финтек секторот има потенцијал да ја зајакне финансиската инклузија и да го зголеми потенцијалот на финансискиот сектор, за што важно е и натамошно унапредување на финансиската и дигиталната писменост.
На панел-дискусијата, покрај гувернерката на Народната банка, учествуваа и министерот за финансии Фатмир Бесими, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, програмскиот лидер за земјите од Западен балкан на Светската банка, Ричард Рекорд и претставничката од УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани.