Скопје, 20 октомври 2020 година
Последиците од ковид-кризата врз економијата се видливи, но во голема мера се ублажени преку навремените и соодветни монетарни и фискални мерки. Последно расположливите податоци покажуваат значително подобрување на состојбата на економијата, но јасно е дека неизвесноста е особено изразена. Ова е карактеристично за вкупната глобална економија, чиешто закрепнување се потпира на фактори поврзани со јавното здравје и на економски фактори коишто тешко може да се предвидат. Оттаму, потребно е да се продолжи со постојано следење на состојбите, приспособување на политиките и преземање навремени мерки. ММФ и натаму, секогаш кога има потреба и простор за тоа ќе обезбедува поддршка за економиите.
Ова се дел од пораките од Годишните средби на ММФ и Светската банка, од состанокот на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, министерот за финансии, Фатмир Бесими и тимовите на Народната банка и Министерството за финансии со директорот на Одделот за Европа во ММФ, Алфред Камер, шефицата на мисијата на ММФ за нашата земја, Берглјот Бјорнсон Баркбу и резидентната претставничка на ММФ за Западен Балкан, Стефани Ебле.

На состанокот, посебно внимание им беше посветено и на предизвиците во претстојниот период, кога приоритет сѐ уште е справувањето со здравствената криза, што ќе биде од суштинско значење за заштита на економијата и на јавните финансии. Според оцените на ММФ, важно ќе биде и во текот на следните месеци да ѝ се дава поддршка на економијата, а мерките да бидат добро насочени, да имаат привремен карактер и да се спроведуваат на транспарентен начин.
Од ММФ оценуваат дека поголеми инвестициски вложувања во следниот период можат да помогнат да се зголеми потенцијалот за раст на економијата. Како што беше истакнато на состанокот, и во текот на ковид-кризата не смее да се заборави на структурните реформи коишто се предуслов за натамошниот долгорочен раст на економијата.
Во контекст на закрепнувањето на македонската економија, од високите претставници на ММФ, беше посочено и дека е од голема важност што финансиската стабилност постојано јакне и што постојано се работи и на унапредување на регулативата во оваа сфера. Банкарскиот сектор, којшто е носечки столб на финансискиот систем, како што оценуваат од ММФ, треба и може да даде клучна поддршка за економијата и во натамошниот период на ревитализација.