Скопје, 20 мај 2023 година
Инфлациските притисоци во македонската економија главно произлегуваат од цените на примарните производи при високо учество на храната и енергијата во потрошувачката кошничка. Во услови на зголемена неизвесност, поради надворешните шокови се забележани и одредени притисоци врз валутните склоности. Народната банка даде соодветен одговор на растот на инфлацијата и повисоката склоност за странска валута, со соодветно затегнување на монетарната политика. Ова се посочува во заклучоците од овогодишниот економски и финансиски дијалог на Европската Унија со земјите од Западен Балкан и Турција, којшто има за цел да ги подготви земјите за идното учество во координацијата на економските политики на ЕУ (Европски семестар). Во заклучоците се истакнува дека и покрај пандемијата и енергетската криза, банкарскиот сектор е стабилен, односно високо капитализиран и ликвиден, со ниско учество на нефункционалните пласмани. За ова придонесува и воведувањето на противцикличниот заштитен слој на капиталот, a со воведувањето дополнителни макропрудентни мерки би се ублажиле потенцијалните ризици во однос на кредитирањето на недвижностите. Во заклучоците се нагласува потребата од натамошно будно следење и соодветно реакција на политиката доколку е потребно, заради одржување на ценовната стабилност на среден рок. За остварувањето на овие цели во заклучоците се наведува потребата од одржување и заштита на независноста на централната банка.
Во рамките на економскиот и финансискиот дијалог на Европската Унија со земјите од Западен Балкан и Турција, којшто се води врз основа на поднесената Програма за економски реформи 2023 ‒ 2025 година од страна на земјите кандидатки, институциите на ЕУ даваат свој осврт и оцена на реформите во различни сфери на економијата и финансискиот систем. Оваа година, просечното остварување на препораките за нашата земја изнесува 48,6%, што е подобрување во однос на лани (43,1%) и воедно втор резултат во групата земји. Во рамките на препораките од доменот на работењето на Народната банка, препораката во однос на внимателно следење на инфлацијата и подготвеност за затегање на монетарната политика доколку е неопходно за одржување на среднорочната ценовна стабилност, е единствената препорака за нашата земја којашто е оценета како „целосно спроведена“. Препораката за натамошно подобрување на регулативната рамка за банкарскиот систем е оценета како „значително спроведена“, во согласност со донесениот Закон за финансиска стабилност, како и очекувањето за донесување на Законот за решавање банки.
Вицегувернерката Емилија Нацевска ја претставуваше Народната банка на дијалогот со ЕУ. Во своето излагање, таа истакна дека носителите на политиките се наоѓаат пред сериозни предизвици да управуваат со повеќе кризи коишто се преклопуваат. Централните банки ја заменија долгогодишната олабавена со затегната монетарна политика. Притоа, и нашата централна банка започна со постепено приспособување на монетарната политика, соодветно на новите предизвици. Зборувајќи за одговорот на Народната банка, вицегувернерката Нацевска истакна дека реакцијата на монетарната политика започна на крајот на 2021 година, најпрво преку интервенциите на девизниот пазар за зачувување на стабилноста на девизниот курс на денарот, а од април 2022 година и преку постепено, но постојано зголемување на каматната стапка на монетарните инструменти. Дополнителни мерки беа преземени и кај задолжителната резерва, насочени кон поттикнување на растот на заштедите во домашна, наместо во странска валута, а беа донесени и макропрудентни мерки за унапредување на отпорноста на банкарскиот сектор. „Промената во монетарната политика влијаеше врз условите на финансирање, ги стабилизира очекувањата и придонесе кон забавување на инфлацијата“, посочува Нацевска и објаснува дека инфлацијата кај нас кон крајот на минатата година го достигна својот врв и оттогаш растот забавува. Годинава имајќи ги предвид намалувањето на глобалните ценовни притисоци, како и затегнатите финансиски услови, се очекува дека инфлацијата ќе се стабилизира на 8 ‒ 9%, пред да се врати на историски „нормалното ниво“ од околу 2%.
Вицегувернерката истакна дека и покрај постојаната појава на разни кризни ситуации, успешно е задржана стабилноста на курсот на денарот, којшто, пак, е сидро и на ценовната и на финансиската стабилност. Едновремено, мерките коишто ги презеде Народната банка придонесоа кон поттикнување на штедењето во денари, со видливи ефекти во валутната структура кај штедните влогови од крајот на 2022 година наваму.