Скопје, 16 мај 2020 година
Кредитните агенции „Стандард и Пурс“ и „Фич“ го потврдија кредитниот рејтинг на нашата земја. „Стандард и Пурс“ го задржува кредитниот рејтинг на нивото ББ-, со стабилен изглед, а „Фич“ го потврдува кредитниот рејтинг ББ+, при што изгледот е негативен, заради влијанието на пандемијата на ковид-19 врз економијата во глобални рамки. Во соопштенијата со коишто известуваат за своите одлуки за кредитниот рејтинг на земјата и ги претставуваат своите проекции и видувања за македонската економија, двете агенции се осврнуваат и на мерките коишто ги презема Народната банка, стабилноста на девизниот курс на денарот, нивото на девизните резерви и состојбите во банкарскиот систем.
Во однос на банкарскиот систем, во соопштението на „Стандард и Пурс“ е истакнато дека системот и натаму е стабилен. Од Агенцијата наведуваат дека во услови на неизвесност, притисоците врз депозитната база биле од краткотраен карактер, како во однос на динамиката, така и во однос на промените во валутните склоности. Притоа ги нагласуваат и последните трендови кај девизните резерви, коишто упатуваат на нивен раст и на стабилни движења на девизниот пазар.
Од „Фич“, пак, напоменуваат дека банкарскиот систем има здрави основи и висока ликвидност. Според нивните оцени системот е во добра кондиција, поради што може да придонесе за ублажување на шокот од корона-кризата, обезбедувајќи кредитна поддршка за македонската економија. Притоа, посочуваат дека е клучно што адекватноста на капиталот минатата година се зголеми на нивото од 16,3%, како и тоа што нефункционалните кредити се на досега најниско ниво од 4,8%. Во соопштението на „Фич“ е утврдено и дека банкарскиот систем е подготвен за апсорбирање на кредитните загуби коишто се очекувани во текот на корона-кризата, но истовремено очекуваат оваа година да има и благ пораст на вкупните кредити.
Во соопштенијата на „Стандард и Пурс“ и „Фич“ посебен акцент е ставен и на мерките на централната банка преземени за поддршка на економијата за време на глобалната пандемија на ковид-19, како што се олабавувањето на монетарната политика и регулаторната флексибилност, како мерки коишто треба да го поддржат кредитниот циклус и да придонесат за справување на економијата со ефектот од кризата.
Во однос на следниот период, двете агенции укажуваат на неповолните ризици од корона-кризата врз економијата од една страна, но и на позитивните ризици од засилени структурни и институционални реформи во рамките на евроинтегративниот процес.