Скопје, 14 октомври 2020 година
Учеството на делегацијата на нашата земја на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, коишто заради пандемијата на ковид-19 се одржуваат видеотелеконференциски, започна со состанок на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, министерот за финансии, Фатмир Бесими и тимовите на Народната банка и Министерството за финансии со тимот на Одделот за фискални работи на ММФ.
Во рамките на состанокот, гувернерката Ангеловска-Бежоска се осврна на важноста на координираноста на монетарната и фискалната политика за одржувањето на макроекономската стабилност, а во актуелниот контекст и заради ефикасно неутрализирање на ефектите од ковид-кризата. Како што посочи гувернерката, координираноста на носителите на економските политики за македонската економија не е важна само заради ефектите на краток, туку и заради ефектите на среден и долг рок, коишто се клучни не само во контекст на економското заздравување по актуелниот глобален шок, туку и заради натамошното јакнење на долгорочниот потенцијал на економијата.
Инаку, на состанокот, се посвети внимание и на подобрувањето на планирањето, распределбата и искористувањето на јавните инвестиции, на што ќе се работи во претстојниот период со поддршка од ММФ, Европската Унија и Светската банка. Притоа беше посочено дека во Министерството за финансии веќе се изготвува Акциски план за оваа намена. Тимот од Одделот за фискални работи на ММФ се осврна и на анализата на состојбите поврзани со јавните инвестиции, којашто ја има извршено годинава, во рамките на мисијата ПИМА, по што има дадено препораки како да се подобрат фазите на инвестицискиот циклус,
Министерот за финансии, Бесими, на средбата ја истакна заложбата за спроведување на концептот на СМАРТ-финансии, при што посочи дека во следниот период, реформите ќе бидат поврзани со спроведувањето на овој концепт.
Во рамките на Годишните средби на ММФ и Светската банка веќе се закажани поголем број состаноци на делегацијата со претставници на меѓународните финансиски институции.