Скопје, 12 мај 2021 година
На видеоконференциски состанок, беа презентирани најновите макроекономски проекции на Народната банка пред дипломатскиот кор и претставниците на меѓународните финансиски институции.
Осврнувајќи се на проекциите, во презентацијата, гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска, посочи дека макроекономското сценарио и ризиците околу него и овојпат се условени пред сѐ од натамошните случувања поврзани со здравствената криза во глобални рамки. Со најновите проекции, како што посочи гувернерката, нема значителни промени во споредба со претходниот, октомвриски циклус проекции.
„Се очекува закрепнување на македонската економија, при што и натаму целосното враќање и надминувањето на преткризното ниво се очекува во 2022 година. И ова сценарио не упатува на поголеми инфлациски притисоци, а надворешната позиција и понатаму останува поволна. Во однос на изворите на ризици, тие и понатаму се речиси целосно поврзани со пандемијата на ковид-19.“ – истакна гувернерката во текот на презентацијата.
Таа се осврна и на очекувањата за натамошен кредитен и депозитен раст, а со тоа и за значителна кредитна поддршка за економијата во текот на закрепнувањето по досегашниот шок од ковид-19.
Дипломатските претставници во земјата искажаа интерес за согледувањата на централната банка, имајќи предвид дека нејзините макроекономски проекции редовно се сметаат за клучни информации за согледувањата при носењето одлуки од страна на странските инвеститори во земјата. Притоа, се разговараше за повеќе прашања околу сегментите опфатени со проекциите, при што согледувањата на Народната банка беа и подетално образложени.
Презентирањето на макроекономските проекции на Народната банка пред дипломатскиот кор и претставниците на меѓународните финансиски институции е традиционална практика, а овојпат имајќи ги предвид околностите со пандемијата, по вторпат се одржа преку видеоконференциска врска.