Започнаа Деновите на финансиската писменост
Од 11 до 13 мај во Скопје сити мол ќе се одржува јавен настан за финансиската писменост
Од денеска до 13 мај во Скопје сити мол ќе се одржува јавниот настан „Денови на финансиската писменост“. Тридневниот настан има за цел да стави силен акцент на финансиската едукација кај луѓето, како и да се подигне нивото и општата свест за финансиската писменост.
На официјалното отворање на настанот свое обраќање имаа министерот за финансии, гувернерот на Народната банка на Република Македонија, претседателот на Советот на експерти од Агенцијата за супервизија на осигурувањето и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување. Настанот го водеше претседателката на Координациското тело на регулаторните институции за финансиска едукација во Република Македонија.
Според министерот за финансии, г. Драган Тевдовски, настанот претставува вистинска можност граѓаните да се запознаат со финансиските институции и нивниот начин на работење.
„Навистина ми е драго што на едно место во следниве три дена ќе бидат собрани голем број финансиски институции, а главната цел и идеја е сите граѓани коишто имаат какви било прашања поврзани со финансиите, прашања за буџетот, каматите и нивното пресметување, заштедите, осигурувањето итн. да добијат одговори директно од вработените надлежни за овие прашања. Министерството за финансии е активно вклучено во проектите за финансиска едукација, а планираме и понатаму обуки и за одредени целни групи“ ‒ изјави министерот Драган Тевдовски.
Гувернерот на Народната банка на Република Македонија, г. Димитар Богов, укажа на значењето на финансиската писменост за стабилноста на финансискиот систем.
„Пред десет години беше речиси незамисливо да се организира настан од ваков тип, но сега веќе втора година кај нас се организира настан со цел да се пренесат основните познавања во финансиската сфера, а секако продолжуваме и понатаму со вакви активности. Ако од порано се бараше граѓаните да поседуваат основни писмени вештини, сега веќе секој треба, меѓу другото, да поседува дигитална писменост и финансиска писменост. Ги повикувам сите заинтересирани да го посетат овој тридневен мултимедијален настан и да дознаат повеќе од финансиската сфера, со што би можеле да донесуваат правилни одлуки и да дознаат како најдобро да се заштитат од ризиците.“ ‒ изјави гувернерот на НБРМ.
Претседателот на Советот на експерти од Агенцијата за супервизија на осигурувањето, г. Климе Попоски, истакна дека осигурителните компании се исклучително важни за граѓаните и дека сега ќе можат да добијат одговори на сите прашања.
„Опкружени сме со сѐ поголем број ризици коишто сѐ почесто и со поголема јачина влијаат негативно врз финаниската состојба на населението и на фирмите. Финансиската едукација има за цел да ја зголеми свесноста на граѓаните за непосакуваното влијание на ризиците и препознавањето на осигурувањето како најдобар и најефикасен инструмент за управување со нив.“ ‒ изјави г. Климе Попоски.
Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, г. Булент Дервиши, истакна дека и натаму ќе поддржуваат проекти од ваков тип.
„Досега сме поддржале многу проекти чијшто фокус е финансиската едукација на граѓаните, а со особено задоволство сме поддржувачи и на овој настан којшто, од една страна, овозможува граѓаните да добијат корисни информации од финансиската област, а од друга страна, ние како државни институции да се доближиме до граѓаните и да бидеме транспарентни и отворени во начинот на работење.“ – изјави г. Булент Дервиши.
Според организаторите, oвој тридневен настан е исполнет со многу активности коишто ќе овозможат финансиска едукација на сите посетители: „На настанот преку изложбен дел посетителите ќе можат да се информираат за сите финансиски параметри во врска со одредени теми коишто ги засегаат, ќе има презентации на одредени продукти од учесниците, како и голема забава за најмладите со нивното вклучување во проекти со кои од рана возраст ќе се влијае на нивната финансиска писменост преку финансиско-едукативни активности. Мултимедијалните пултови ќе бидат отворени во периодот од 12 до 20 часот.“ – изјавија од Скопје сити мол.
„Деновите на финансиската писменост“ се во организација на Скопје сити мол во соработка со Координациското тело на регулаторните институции за финансиска едукација во Република Македонија, Народната банка на Република Македонија, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Комисијата за хартии од вредност и Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување.
На овој мултимедијален настан ќе учествуваат претставници на финансиските институции како што се: банките, штедилниците, друштвата за осигурување, друштвата за управување со инвестициските фондови, друштвата за управување со пензиските фондови и микрофинансиските институции.
|
Галерија на фотографии Деновите на финансиската писменост 11-13 мај 2018 |