Заедничко соопштение на Народната банка и Министерството за финансии
Скопје, 11 април 2020 година
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) одобри финансиска поддршка за нашата земја, преку Инструментот за брзо финансирање, во износ од околу 176 милиони евра. Преку овој инструмент се овозможува исклучително брз и поволен пристап до финансиски средства од ММФ, во услови кога економија со здрави фундаменти е погодена од надворешен, неочекуван и привремен шок, каков што е пандемијата на вирусот ковид-19.
Како и поголем дел од економиите во глобални рамки, и македонската економија привремено ќе биде погодена од појавата на новата вирусна инфекција. Ефектите ќе се почувствуваат и преку намалувањето на глобалната побарувачка, но и преку приспособување на домашната побарувачка, во услови на неизвесност и преземени мерки за ограничување на ширењето на вирусот. Слично како и во другите економии, ваквиот контекст наметнува потреба од приспособување на макроекономските политики за привремена и целна поддршка на економијата. Користењето на средствата од ММФ е важен елемент за спроведување на овие политики, обезбедувајќи дополнителни финансии за буџетска поддршка, како и поддршка на девизниот потенцијал на економијата.
Во контекст на политиките, ММФ истакнува дека Народната банка, во рамките на својот мандат изреагира брзо соодветно одговарајќи на економските предизвици поврзани со ковид-19. Покрај намалувањето на референтната каматна стапка и целните промени во задолжителната резерва, ММФ ги издвојува и регулаторните измени со коишто се овозможи привремено олеснување на финансискиот товар на корисниците на кредити погодени од корона-кризата, притоа внимавајќи на претпазливиот пристап во управувањето со ризиците.
ММФ се осврнува и на преземените фискални мерки за заштита на ликвидноста на компаниите и за обезбедување социјална заштита за погодените домаќинства. Притоа, одделно се истакнати мерките донесени од Владата со коишто се намалуваат непотребните расходи во овој период и се обезбедува натамошно финансирање на здравствениот сектор. Од ММФ се разгледани и мерките со коишто се обезбедува сигурност на работните места и стабилност на пазарот на трудот.
Во рамките на комуникацијата со ММФ се нагласува посветеноста на носителите на политиките за одржување на макроекономската и финансиската стабилност и за зголемување на потенцијалот за одржлив долгорочен раст на македонската економија. Во однос на стабилноста на банкарскиот систем, ММФ позитивно го оценува зајакнувањето на ликвидноста и на капиталната позиција на системот во изминатиот период, што сега обезбедува гаранција за заштита од потенцијалните загуби заради корона-кризата. Притоа, укажано е и на потребата за натамошно обезбедување финансиска поддршка за економијата од страна на банките во претстојниот период, заради што е неопходно да ги одржуваат својата капитална позиција и ликвидноста на соодветно ниво.