Скопје, 8 октомври 2020 година
Во најновиот извештај на Европската комисија за нашата земја се дадени оцени и за области коишто се во надлежност на Народната банка. Притоа, оцените упатуваат на релативно висока усогласеност со барањата и законодавството на ЕУ.
Во подрачјето на монетарната политика, во рамките на Извештајот, се оценува дека усогласувањето на регулаторната рамка на земјата со законодавството на ЕУ е во напредна фаза. Во овој контекст, Европската комисија дава позитивна оцена и за реакцијата на централната банка на ковид-кризата, оценувајќи дека Народната банка реагира брзо и со целни мерки за поддршка на економијата, како преку инструментите на монетарната политика, така и со направените промени во регулаторната рамка.
Истовремено, Европската комисија утврдува и напредок во однос на банкарската регулатива. Во Извештајот е нагласено дека правилата за управување со ликвидносниот ризик и лимитите на изложеност се надградени, а воедно позитивно се оценува и новото регулаторно барање за банките за воспоставување процес на утврдување на интерната ликвидност и негово интегрирање во нивниот систем за управување со ризиците. Комисијата заклучува дека е постигнат напредок и со измената на методологијата за адекватност на капиталот, што овозможува посоодветен третман на ризикот од порамнување и ризикот на другата договорна страна.
Според оцените на Европската комисија во Извештајот, банкарскиот систем останува добро капитализиран и ликвиден, со стапка на адекватност на капиталот којашто го надминува регулаторниот минимум. Квалитетот на кредитното портфолио, според оцените на Комисијата, се подобри во изминатиот период, при што е намалено учеството на нефункционалните во вкупните кредити на банкарскиот систем. Во тој контекст, во Извештајот е напоменато дека е важно што централната банка е посветена на спроведувањето на Стратегијата за поттикнување на справувањето и подобрувањето на управувањето со нефункционалните кредити. Одделно е посочена важноста и на Стратегијата за денаризација, при што се издвоени и податоците од крајот на 2019 година коишто покажуваат дека учеството на кредитите деноминирани во странска валута во вкупните кредити е намалено во изминатиот период.
Во поглавјето за статистиката, посебна оцена е дадена и за статистиката којашто е во надлежност на централната банка. Притоа, Европската комисија напоменува дека Народната банка е целосно посветена на примената на кодексот на статистичките стандарди и дека го подобрува својот капацитет за нивно постојано спроведување во своето работење.
Оцените на Европската комисија дадени во најновиот извештај претставуваат потврда на заложбите и остварувања на Народната банка во изминатиот период. Народната банка и натаму секојдневно ќе биде посветена на остварување на својата стратегиска определба за забрзано чекорење по патот кон Европскиот систем на централни банки.