Скопје, 1 декември 2023 година
Домашниот финансиски сектор добро се справи со глобалните предизвици и уште еднаш покажа дека е отпорен на шокови и има капацитет за справување со кризи, се заклучува во Извештајот за финансиска стабилност за 2022 година. На седницата на Комитетот за финансиска стабилност, одржана на 27 ноември, беше презентиран Извештајот за финансиската стабилност во Република Северна Македонија во 2022 година, а исто така беа разгледани и потребните активности коишто треба да се преземат за спроведување на Законот за решавање банки.
На седницата на Комитетот, разгледувајќи ги показателите за различните сегменти од финансискиот сектор во 2022 година, беше нагласено дека финансиската стабилност е успешно задржана, и покрај сложените услови на работење на финансискиот систем. Вкупните средства на финансискиот систем растат и во 2022 година, но со побавни стапки на раст. Вкупниот кредитен раст изнесуваше 9,4%, со што се обезбеди солидна кредитна поддршка и на корпоративниот сектор којашто забележа раст од 11,5% и на населението со раст за 7,3%. Овие стапки на кредитен раст се значително повисоки од ЕУ каде што изнесуваа 4,8%, 6,4% и 3,8%, соодветно. Беше заклучено дека и натаму е ограничена можноста за прелевање на ризиците помеѓу одделните сегменти на системот во услови на едноставна структура на финансискиот систем, мала меѓусебна зависност и отсуство на посложени финансиски инструменти. Резултатите од стрес-тестирањето и посебните оцени и симулации за изложеноста на ризикот од промена на каматните стапки содржани во Извештајот укажуваат дека домашниот финансиски систем има капацитет за справување со шокови од поголем интензитет.
Остварувањата на корпоративниот сектор во 2022 година беа солидни, при што речиси кај сите дејности од корпоративниот сектор се зголемија приходите од работењето и се подобри профитабилноста. Профитабилноста на корпоративниот сектор порасна за 19,8%, по раст од 32,1% во 2021 година. Показателите за конкурентноста исто така укажуваат на подобрена продуктивност на корпоративниот сектор којашто расте, и тоа забрзано втора година по ред. Сепак, ликвидносниот ризик и натаму е клучниот извор на ранливост за домашниот корпоративен сектор, и покрај оствареното подобрување на оперативната ефикасност во 2022 година. Финансиските показатели исто така укажуваат и на подобрување на финансиската дисциплина, во услови на забрзување на плаќањето на обврските и побрза наплата на побарувањата на компаниите. Ликвидносните потреби на компаниите во значителна мера беа покриени и со зголемената кредитна поддршка на банките, при што покрај долгорочните кредити коишто вообичаено имаат најголем придонес, во 2022 година, зајакна и краткорочното кредитирање.
Сепак, беше посочено дека неизвесното макроекономско окружување може да биде извор на ранливости за финансискиот сектор. Оттука, и натаму најважно е постојаното јакнење на отпорноста на банкарскиот и на финансискиот сектор во целина, а ова се овозможува и со макропрудентниот мандат на финансиските регулатори обезбеден со новиот Закон за финансиска стабилност и со макропрудентните мерки коишто може да се преземат.
На седницата беше разгледана и Информацијата за потребните активности во врска со Законот за решавање банки. Kомитетот ги утврди подготвителните активности коишто треба да се спроведат од страна на институциите за да може да се почне со примена на Законот во предвидениот рок, односно од октомври 2025 година.