Во врска со клеветите изречени од една политичка партија Ве информираме за следново:
Ревизијата на статистичките податоци претставува стандардна, меѓународна, статистичка практика којашто се применува во сите земји, вклучително и во Република Македонија
Во врска со клеветите изречени од една политичка партија Ве информираме за следново:
Ревизијата на статистичките податоци претставува стандардна, меѓународна, статистичка практика којашто се применува во сите земји, вклучително и во Република Македонија. Оттаму, се работи за стандардна практика којашто отсекогаш се применувала, при што ревизиите биле во различна насока, односно некогаш во нагорна, а некогаш во надолна насока, во зависност од изворите на податоци. Народната банка објавува јасни информации за текот и природата на ревизиите коишто ги врши, во рамки на методолошките објаснувања, коишто се дадени покрај сите видови официјални податоци што ги објавува. Во случајов, и за странските директни инвестиции, но и за сите останати извештаи од областа на екстерните статистики, е објавена Политиката на ревизија на податоците, каде што се вели дека: „Податоците се ревидираат на редовна годишна основа, во рок од т+270 дена по истекот на извештајната година.“ Впрочем, Политиката на ревизија е објавена и во Програмата за статистички истражувања за периодот 2013-2017 година.
Покрај ова, во методолошките појаснувања за директните инвестиции и билансот на плаќања е наведено следново:
„За поткатегоријата сопственички капитал, за тековната година, извор на податоци за паричните влогови е платниот промет на банките со странство, а за стоковните влогови извор е единствениот царински документ (ЕЦД) за надворешнотрговската размена на Република Македонија. Податоците за претходните години се ревидираат на годишна основа, при што како дополнителен извор се користи Годишниот прашалник за вложувањата во земјата (ВС 22).
За поткатегоријата реинвестирање на добивката, за тековната година, се прават проценки врз основа на резултатите од кварталното истражување за остварениот и планираниот финансиски резултат во тековната година (КВС). Податоците за претходните години се ревидираат на годишна основа, при што како главен извор се користи Годишниот прашалник за вложувањата во земјата (ВС 22).“
Слично појаснување за основата за вршење годишни ревизии е наведено и кај должничките инструменти, како дел од директните инвестиции.
Што се однесува до конкретната ревизија на податоците од септември 2016 година, за извештајната 2015 година, во Извештајот за платниот биланс, како и секоја година, во фуснота, е појаснето дека се извршени ревизии кај категориите: директни инвестиции, примарен доход, секундарен доход, капитална сметка ‒ поради вклучување на податоците од Годишниот прашалник за вложувањата во странство ВС 11 и ВС 22. Со тоа, се врши замена на претходно оценетите податоци со податоците од Годишниот прашалник за директните инвестиции, добиен од фирмите со странски капитал, којшто главно се заснова врз завршните сметки. Притоа, согласно со податоците од овој прашалник, податоците за директните инвестиции во земјата, по ревизијата, се повисоки за речиси 60 милиони евра, што главно произлегува од повисоката реинвестирана добивка согласно со завршните сметки на компаниите.
Што се однесува на ревизијата на податоците за извештајната 2016 година, се работи за редовна квартална ревизија врз основа на резултатите од кварталното истражување за остварениот и планираниот финансиски резултат во тековната година (КВС), при што фирмите оценуваат дека ќе остварат повисок финансиски резултат од оној којшто го предвиделе заклучно со првиот квартал.