Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата шеста седница.
Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата шеста седница.
На денешната седница, Советот го усвои Стратегискиот план на Народната банка на Република Македонија за периодот 2015-2017 година со кој се потврдуваат поставените основни стратегиски цели - одржување ниска и стабилна инфлација преку стратегијата на одржување стабилен курс на денарот во однос на еврото, како и обезбедување финансиска стабилност како составен елемент на макроекономската стабилност и предуслов за остварување економски раст и просперитет. Исто така, Стратегискиот план за наредните три години претставува продолжение на претходно утврдените стратегиски цели во областа на утврдувањето и спроведувањето на монетарната политика и поддршката на финансиските пазари, управувањето со девизните резерви, одржувањето на финансиската стабилност, издавањето и управувањето со книжните и кованите пари, платните системи, статистиката, истражувањата и внатрешната ревизија. Воедно, Народната банка и натаму ќе го развива корпоративното управување и ќе го продлабочува системот на вредности. Во таа смисла, ќе продолжи процесот на создавање современ и компетентен човечки капитал, воспоставување на најновите технолошки иновации во деловните процеси и на развивање на соработката со домашните и странските институции.
Советот, на денешната седница, ја усвои и Одлуката за начинот и постапката на известување за трансакции со нерезиденти. Со оваа одлука се воведува нов начин на известување за трансакциите со хартии од вредност коишто се тргувани на странските пазари. Притоа, се овозможува за дел од субјектите (осигурителните компании, инвестициските фондови, пензиските фондови), кои имаат вложувања во хартии од вредност на странските пазари, известувањето да се врши на посреден начин, преку соодветните регулатори. Со ова би се рационализирале процедурите за прибирање податоци и би се подобриле комуникацијата со известувачите и квалитетот на податоците.
Воедно, со стапувањето во сила на оваа одлука, престанува да важи Одлуката за известување за работи со хартии од вредност и обврската за овластените учесници на финансиските пазари (брокери) да известуваат за трансакции со хартиите од вредност на нерезиденти на домашниот пазар.
На денешната седница, Советот ја донесе и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за начинот и условите за отворање и водење на сметки на нерезиденти. Со Одлуката за изменување и дополнување се овозможува уплата на ефективни странски пари во банка од страна на лицето овластено за уплата, без притоа пријавувањето при влез во Република Македонија да го извршил тој лично. Исто така, се овозможува и уплата на домашни и странски ефективни пари, без приложување писмена потврда, доколку парите потекнуваат од продажба на производи на патници во авиони.
Советот, на денешната седница, ја донесе и Програмата за истражувачката активност во периодот 2015-2017 година. Истражувањата предвидени за тригодишниот период треба да му дадат поддршка на процесот на одлучување, да придонесат за поуспешно функционирање на Народната банка и за соочување со идните предизвици. Воедно, предвидените истражувања и анализи треба да придонесат кон натамошно осовременување на работењето на Народната банка и подготовка за идното учество во Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ).
Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.