На 12.2.2013 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика, на којашто беа разгледани податоците за банкарскиот сектор заклучно со декември 2012 година, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари во текот на јануари 2013 година, најновите макроекономски податоци за домашната економија и ликвидноста во банкарскиот систем
Соопштение на НБРМ
На 12.2.2013 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика, на којашто беа разгледани податоците за банкарскиот сектор заклучно со декември 2012 година, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари во текот на јануари 2013 година, најновите макроекономски податоци за домашната економија и ликвидноста во банкарскиот систем.
Декемвриските податоци за банкарскиот систем покажуваат раст на депозитната база, при истовремен умерен месечен раст на кредитната активност. Ликвидноста на банкарскиот сектор постојано е на високо ниво, а истовремено, согласно со првичните податоци, е забележано зголемување на ефикасноста на работењето на банките, како и умерено намалување на нефункционалните кредити.
На глобален план, се забележува постепено разрешување на државната должничка криза и враќање на довербата на финансиските пазари во евро-зоната. Притоа, показателите за деловната доверба во повеќе сектори посочуваат дека евро-регионот би можел да излезе од рецесија во првата половина од годината, со што поволно ќе влијае врз глобалната економија. Од друга страна, ризиците за економската активност во евро-зоната се претежно надолни и се однесуваат на можноста за послаба домашна и извозна побарувачка и бавно спроведување на структурните реформи.
На домашните финансиски пазари, во јануари 2013 година беше забележана зголемена меѓубанкарска активност. Прометот на пазарот на депозити забележа релативно висок пораст на месечна основа, при што најзастапени се трансакциите со рочност преку ноќ. Релативно високо учество во вкупниот остварен промет имаа и трансакциите со подолга рочност (1 недела и 3 месеци), што укажува на одржување висока доверба помеѓу пазарните учесници на овој сегмент од финансиските пазари. На девизниот пазар, пазарните движења беа стабилни, а на меѓубанкарскиот пазар беше забележан умерен раст на понудата на девизи. Во такви околности, Народната банка оствари откуп на девизи од банките-поддржувачи.
Последните макроекономски показатели упатуваат на стабилен амбиент за водење на монетарната политика. Податоците за инфлацијата за јануари 2013 година покажуваат забавување на инфлацијата, при што годишниот раст на ценовното ниво од 3,8% е малку побавен, во споредба со последните проекции. Девизните резерви од почетокот на годината бележат раст, укажувајќи на поволна позиција на билансот на плаќања. Растот на девизните резерви е предизвикан од нето-откупот на девизниот пазар, но во голема мера и од нето-приливите на државата врз основа на надворешно задолжување. Динамиката на раст на девизните резерви е во согласност со очекувањата, при што и понатаму девизните резерви се одржуваат на адекватно ниво и се доволни за апсорбирање на евентуални неповолни шокови. Првичните податоци за кредитниот пазар за јануари укажуваат на с? уште „анемична“ кредитна активност, што во услови на висока ликвидност во банкарскиот систем, упатува на с? уште присутни согледувања за ризик и воздржаност од поголемо кредитирање.
Општо гледано, најновите податоци упатуваат на тековни економски и финансиски услови, коишто засега се во рамки на очекувањата. Променливоста и непредвидливоста на светските цени на примарни производи, како и с? уште неизвесното надворешно окружување остануваат главните извори на ризици. Имајќи го предвид извршеното монетарно олабавување преку задолжителната резерва и максималната каматна стапка на благајничките записи на почетокот на годината, поставеноста на монетарната политика се оценува како соодветна. Секако, доколку поволните трендови кај девизните резерви и инфлацијата продолжат и во понатамошниот период, монетарната политика соодветно ќе се приспособи.
Имајќи ги предвид најновите макроекономски, пазарни и финансиски показатели, на оваа седница на Комитетот беше одлучено максималната каматна стапка на благајничките записи да се задржи на нивото од 3,5%. Во услови на одржување на ликвидноста во банкарскиот систем на стабилно и адекватно ниво, на седницата беше одлучено на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на достасаниот износ (24.020 милиони денари).