Свечена академија - 20 години монетано осамостојување
Поздравен говор на првиот гувернер на НБРМ, Борко Станоевски, ресторан „Воденица“, 26.04.2012 година
Свечена академија - 20 години монетано осамостојување
Почитувани гости,
Почитувани дами и господа,
Најсрдечно ви благодарам за вашето присуство и за честа што со тоа ни ја укажавте на прославата на денот кога пред 20 години Република Македонија ја овековечи политичката сувереност и независност, со чинот на монетарното осамостојување и пуштањето во оптек на првата македонска парична единица - денарот.
Судбината одреди јас да бидам последниот гувернер на Народната банка на Македонија во Југославија, што ми овозможи да се стекнам со искуства од областа на централнобанкарското работење, а потоа да бидам прв гувернер на Народната банка во независна и суверена Република Македонија. Поради тоа, определен сум и како еден од учесниците со најголема одговорност во подготовките и остварувањето на овој историски чин.
Затоа и ми припадна честа и задоволството, во оваа свечена прилика, да ве поздравам и, со некои сеќавања, да ве потсетам на тие времиња.
Тоа што се случи на 26 април 1992 година беше успешен крај на една операција што долго се подготвуваше. Во операцијата учествуваа многу поединци и институции, а како што се ближеше крајот, нивниот број се зголемуваше. Ова е добра прилика на сите да им заблагодариме и да им честитаме на успешно завршената работа.
Во исто време, коректно учествувавме во работата на Народната банка на Југославија во донесувањето и спроведувањето на мерките на заедничката и единствена монетарна и девизна политика. Банките од Македонија непречено користеа средства од примарната емисија и купуваа девизи од девизниот пазар на Народната банка на Југославија, за потребите на македонското стопанство.
Тоа му овозможи на македонското стопанство да ја преживее најтешката состојба во која се најде со распаѓањето на единствениот југословенски пазар.
Меѓутоа, кога во март 92-та година стана сосема јасно дека Македонија покрај политичката е подготвена да прогласи и монетарна независност, Народната банка на Југославија на последната мартовска седница на Советот на гувернерите се прогласи за ненадлежна на територијата на Република Македонија.
Со моја согласност се формира заедничка комисија којашто се погрижи за спогодбена разделба на Народната банка на Југославија со Народната банка на Македонија.
Следеа интензивни подготовки и на 26 април 92-та година со закон, Народната банка на Република Македонија се конституира во независна емисиска централна банка, а денарот во единствено платежно средства.
Тоа се случи во многу неповолни услови за одржување стабилност на денарот. Месечна стапка на инфлација од 86 проценти. Висок пад на производството и извозот. Удвоен дефицит на платниот биланс, намалени девизни приливи и минимално ниво на девизни резерви од само 19 милиони долари.
Сепак денарот беше прифатен од граѓаните со голема радост и задоволство. Тоа н? охрабруваше и ни даваше надеж дека мораме да успееме.
И токму во тие денови, во екот на еуфоријата од успешно завршената акција на монетарно осамостојување, ме посети директорот на Рафинеријата за нафта и ме врати во реалноста. Ме информира дека залиха на нафта има уште за околу триесетина дена и дека нашите банки не можат да отворат акредитив за увоз на нафта.
Ова беше огромна закана за стабилноста на денарот во блиска иднина. Моравме да најдеме излез од неповолната состојба што ни се закануваше.
Во тоа време, вкупната сопственост на тогашна Југославија во странство, поради војната што се водеше, беше блокирана во целиот свет, а блокирани беа и таканаречените мешовити банки на Народната банка на Југославија што работеа во странство. Со директорот на Англо-југословенската банка во Лондон од поодамна бевме добри пријатели. Го замолив да ги искористи сите свои познанства и авторитет и да најде англиска или друга банка којашто ќе ни отвори акредитив за 1 танкер нафта. Тој изнесе противпредлог: да ни организира посета на Банката на Англија, а јас таму да побарам да ја деблокираат Англо-југословенската банка исклучиво за кредитирање банки од Македонија.
За 2-3 дена беше договорена 15-минутна средба со гувернерот на Банката на Англија, сер Леин Пембертон. Средбата се случи во мај 1992 година.
Тоа беше мојата прва посета како гувернер на Народната банка на Република Македонија на една странска централна банка.
Разговорот со сер Леин Пембертон траеше 1 час и 15 минути, бидејќи го заинтересира приказната за случувањата во Македонија. Посебен ефект кај него остави фактот што Македонија мирно се раздружи со Југославија и не учествуваше во воените операции, а внимание му привлекоа начинот на кој се раздруживме со Народната банка на Југославија и примероците од вредносните бонови што му ги подарив.
Тој ги исполни сите мои барања:
- Прво, веднаш делумно ја деблокираа Англо-југословенската банка за работа само со банки од Македонија, и за таа намена утврдија лимит од 15% од кредитниот потенцијал на Банката, што изнесуваше околу 60 милиони долари. Подоцна, при една посета на претседателот на Република Македонија на Англија, лимитот беше зголемен на 18%;
- Второ, обезбедија прием и обука на кадри од Народната банка на Република Македонија во доменот на платниот промет со странство и супервизија на банките, на нивна сметка;
- Трето, добив охрабрување дека тој лично и Банката на Англија, преку своите претставници, ќе помогнат што побргу Народната банка на Република Македонија да се зачлени во Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка и другите меѓународни финансиски институции.
Така, заканата за стабилноста на денарот уште во првите денови од неговото пуштање во оптек беше надмината.
Неколку години подоцна, со писмо му испратив на сер Леин Пембертон на адреса на Банката на Англија примероци од прекрасната трета серија на македонскиот денар и уште еднаш срдечно му се заблагодарив.
Најпосле, дозволете ми да го искажам моето задоволство што во сите тие изминати 20 години денарот остана стабилен.
Исто така, сакам да ја споделам искажаната надеж на мојот наследник наскоро да бидеме сведоци на замената на денарот со еврото.
Почитувани гости, се надевам дека не го злоупотребив вашето трпение. Уште еднаш ви благодарам и ви посакувам пријатна вечер.