Врз основа на член 59 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија и Одлуката за утврдување потреба од засновање работен однос бр.04-15729/1 од 5 мај 2025 година, Народната банка на Република Северна Македонија распишува
ОГЛАС
за вработување во Народната банка на Република Северна Македонија
1.Се утврдува потреба од засновање на работен однос во Народната банка на Република Северна Македонија на два (2) извршители, на определено време во траење од 1 година и тоа:
- 1 извршител на работното место „помлад организатор“ во Отсекот за спроведување на склучените договори за јавни набавки во Дирекцијата за јавни набавки и
- 1 извршител на работното место „економ почетен I степен“ во Отсекот за спроведување на склучените договори за јавни набавки во Дирекцијата за јавни набавки.
2.Кандидатите за работните места од точка 1, треба да ги исполнуваат следните општи услови за засновање работен однос, утврдени во Колективниот договор на ниво на Народната банка на Република Македонија: да се државјани на Република Северна Македонија, да се полнолетни, да имаат општа здравствена способност за работното место и да не им е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност.
3.Покрај општите услови за засновање работен однос утврдени во Колективниот договор на ниво на Народната банка на Република Македонија, кандидатите треба да ги исполнуваат и следните посебни услови:
- за работното место „помлад организатор“ во Отсекот за спроведување на склучените договори за јавни набавки во Дирекцијата за јавни набавки, да имаат завршено факултет од областа на правните, економските или организационите науки и управување (менаџмент), со најмалку 180 ЕКТС кредити (VIБ), да имаат работен стаж најмалку 1 година стекнат по завршување на високото образование, да имаат познавање на англиски јазик, работа со компјутер и познавања од областа на работењето на Народната банка.
Кандидатите за работното место од оваа алинеја ќе бидат тестирани за нивните теоретски и практични познавања од областа на јавните набавки.
- за работното место „економ почетен I степен“ во Отсекот за спроведување на склучените договори за јавни набавки во Дирекцијата за јавни набавки, да имаат завршено средно гимназиско или економско училиште во траење од 4 години, да бидат со или без работен стаж, да имаат познавање на англиски јазик и работа со компјутер.
4.Кандидатите за работните места од точка 1 треба да достават:
‒ пријава и изјава за согласност за обработка на лични податоци;
‒ кратка биографија на македонски јазик или на македонски и албански јазик, за кандидатите припадници на албанската заедница;
‒ препораки за професионално искуство и меѓучовечки односи од претходните и тековните работодавачи доколку имаат;
‒ доказ за државјанство издаден од надлежниот орган на Република Северна Македонија;
‒ потврда од надлежен орган (Централен регистар на Република Северна Македонија или надлежен суд) којашто изречно ќе гласи дека на лицето не му е изречена казна, забрана за вршење професија, дејност или должност, не постара од шест месеци пред денот на поднесувањето на пријавата (други потврди коишто нема да гласат согласно со наведеното, нема да се прифаќаат);
‒ диплома или уверение за завршено образование;
‒ доказ за работен стаж задолжително за работното место од точката 1 алинеја 1, а за работното место од точката 1 алинеја 2 само доколку го имаат од Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија (други потврди од Агенцијата за вработување нема да се прифаќаат);
‒ доказ за познавање на англиски јазик (уверение, потврда, друг документ, или свидетелство од образовна институција како доказ дека се учело англиски јазик) и доказ за работа со компјутер (уверение, потврда, друг документ, или свидетелство од образовна институција како доказ дека се учело работа со компјутери).
Сите докази може да бидат доставени во копија.
5.Работното време во работната недела за работните места од точка 1 започнува помеѓу 8,00 и 9,00 часот, а завршува помеѓу 16,00 и 17,00 часот.
6.Во согласност со Колективниот договор на ниво на Народната банка, со кандидатот кој ќе заснова работен однос на работното место од точка 1 алинеја 1 кој за првпат склучува договор за вработување со Народната банка, ќе се склучи договор за вработување на определено време со вршење пробна работа во времетраење од 1 месец.
Со кандидатот кој ќе заснова работен однос на работното место од точка 1 алинеја 2 кој има работен стаж и за првпат склучува договор за вработување со Народната банка, ќе се склучи договор за вработување на определено време со вршење пробна работа во времетраење од 1 месец, а доколку кандидатот нема работен стаж, ќе се склучи договор за вработување на определено време со вршење на приправнички стаж во времетраење од најмногу 6 месеци.
7.Договорот за вработување склучен на определено време, може да се продолжи со анекс кон Договорот, во согласност со одредбите од Законот за работните односи.
8.Висината на основната (нето) плата за работното место од точка 1 алинеја 1 изнесува 57.629,00 денари, додека за време на пробната работа висината на основната (нето) плата изнесува 50% од основната (нето) плата, односно 29.327,00 денари.
Висината на основната (нето) плата за работното место од точка 1 алинеја 2 изнесува 38.696,00 денари, додека за време на пробната работа висината на основната (нето) плата изнесува 50% од основната (нето) плата, односно 19.229,00 денари, а за време на приправничкиот стаж изнесува 70% од основаната (нето) плата односно 27.392,00 денари.
9.Рокот за доставување на документите изнесува 5 работни дена, сметано од денот на објавувањето на огласот.
10.Изборот на работниците кои ќе засноваат работен однос во Народната банка ќе се изврши во рок од 45 дена по истекот на рокот за пријавување.
11.Ненавремената и некомплетната документација нема да биде разгледувана.
12.Пријавата и Изјавата за согласност за обработка на личните податоци[1] се објавени на интернет-страницата на Народната банка на Република Северна Македонија.
Бараните документи да се достават до Архивата на Народната банка на Република Северна Македонија на бул. „Кузман Јосифовски-Питу“ бр. 1, Скопје.
[1] Народната банка може да контактира со претходните и со тековните работодавачи за професионалното искуство на кандидатите и за нивните меѓучовечки односи.