За целите и задачите на монетарната политика за 2001-та година
Обраќање на гувернерот на Народната банка на Република Македонија д-р Љубе Трпески во Собранието на Република Македонија, Скопје, 15.02.2001 година
За целите и задачите на монетарната политика за 2001-та година
Почитувани,
Според членот 3 од Законот за Народна банка на Република Македонија, централната банка е одговорна за стабилноста на домашната валута, за монетарната политика и за општата ликвидност на плаќањата во Република Македонија и кон странство. Исто така, Народна банка во рамките на своите права и обврски е одговорна за обезбедување и одржување на сигурен и стабилен банкарски систем на Република Македонија. Тргнувајќи од вака дефинираните законски обврски и земајќи ги предвид соодветните остварувања, во основа може да се каже дека во 2000 година Народна банка на Република Македонија, постапувајќи согласно дадените права, ги оствари законските обврски.
Стабилност на домашната валута
Стабилноста на домашната валута може да се набљудува од два аспекта:
стабилност на интерната вредност на денарот. Таа е изразена преку неговата куповна моќ, односно ценовната стабилност во Република Македонија и
стабилност на екстерната вредност на денарот. Таа е изразена преку стабилноста на девизниот курс на денарот, односно негово одржување на адекватно ниво во однос на останатите валути.
Одржувањето на ценовната стабилност е основна цел на монетарната политика на Народна банка на Република Македонија. Во 2000 година е остварена релативна ценовна стабилност и годишната стапка на инфлација мерена преку цените на мало (декември 2000 / декември 1999 година) изнесува 10,8%. Мерена преку индексот на трошоците на животот, како што е тоа договорено со аранжманот со ММФ, инфлацијата за 2000 година изнесува 6,1%. Во 2000 година инфлацијата е повисока во однос на претходните неколку години, но треба да се истакне дека причина за тоа не е монетарната политика, туку влијанието на фактори од немонетарна природа. Тие фактори се следните:
еднократниот ефект врз цените од воведувањето на данокот на додадена вредност ;
зголемувањето на цената на нафтата на светските берзи, придружено со апресијација на американскиот долар;
порастот на цената на електричната енергија и задржувањето на повисоката тарифа за пресметка на цената на електричната енергија, и
зголемување на цените на одредени услуги кои што се под директна контрола на Владата.
Сепак, клучно е дека потенцијалните фундаментални генератори на инфлацијата, како што се монетарната политика, фискалната политика, девизниот курс и платите останаа под контрола и координирани. Заради тоа, Централната банка цени дека влијанието на немонетарните фактори, кои предизвикаа пораст на инфлацијата во 2000 година, е од привремен карактер и дека во 2001 година инфлацијата ќе се врати на нивото од претходните неколку години. Мерена според индексот на трошоците на животот, годишната стапка на инфлација во 2001 година на декемвриска основа (декември 2001 / декември 2000 година) предвидено е да изнесува 1,2%. Со тоа, Народна банка на Република Македонија продолжува со интенцијата да ја одржува стапката на инфлација на ниско, стабилно и предвидливо ниво, согласно емпириски потврдените сознанија дека ценовната стабилност создава најповолен макроекономски амбиент за забрзан, долгорочно одржлив економски растеж.
Вториот аспект на стабилноста на домашната валута е одржувањето на стабилноста на девизниот курс на денарот. Во тој контекст, Народна банка на Република Македонија во целост успеа да го одржи номиналниот девизен курс на денарот во однос на германската марка на таргетираното ниво од 31 денар за една германска марка. Стабилноста на девизниот курс е одржана во услови кога на девизниот пазар понудата значително ја надмина побарувачката за девизи. Тоа детерминираше потреба НБРМ да интервенира на девизниот пазар за да се спречи апресијација на денарот, така што од почетокот на годината па заклучно со 30.12.2000 година на нето основа се откупени 190,1 милиони САД долари. Во однос на останатите валути денарот продолжи да флуктуира согласно промените на девизниот курс на германската марка спрема другите валути на светските девизни берзи.
Монетарна политика
За остварување на ценовната стабилност како основна цел, Народна банка на Република Македонија и во 2000 година успешно ја спроведуваше монетарната стратегија на таргетирање на номиналниот девизен курс на денарот во однос на германската марка. Со тоа, Централната банка ја подреди монетарната понуда на одржувањето на стабилноста на девизниот курс на денарот како номинална котва во економијата. Притоа, паричната понуда беше димензионирана согласно потребите за нормално одвивање на стоковно - паричните трансакции. Значајно е да се напомене дека во првата половина од 2000 година паричната маса остваруваше исклучително високи меѓугодишни стапки на пораст, додека во втората половина од годината дојде до нивно забавување, како последица на високата споредбена основа од минатата година. Така, паричната маса М2 - денарски дел во јуни 2000 година во однос на истиот месец од минатата година беше повисока за 24,4%, додека нејзиното ниво во декември 2000 година во споредба со декември 1999 година е повисоко за 17,5%. Најшироко дефинираната парична маса М4 на крајот од декември 2000 година оствари меѓугодишен пораст од 21,7%.
За НБРМ посебен предизвик во 2000 година претставуваше натплански високиот откуп на девизи од страна на Централната банка на девизниот пазар. Меѓутоа, добрата координација на монетарната и фискалната политика и високиот пораст на депозитите на државата кај НБРМ овозможи адекватно стерилизирање на монетарните ефекти од девизните трансакции на Централната банка. Високиот откуп на девизи на девизниот пазар влијаеше во правец на зголемување на бруто девизните резерви на НБРМ. На 30.12.2000 година тие достигнаа 713,6 милиони САД долари, што во однос на крајот на 1999 година претставува пораст од 235,5 милиони САД долари.
Во 2000 година продолжи трендот на зголемување на депозитите кај банките, како одраз на постепено јакнење на довербата на економските субјекти во банкарскиот сектор. Така, вкупните депозити на недржавниот сектор кај депозитните банки во периодот декември 2000 / декември 1999 година се зголемија за 6.906 милиони денари, или за 23,1%. Притоа, девизните депозити остварија поинтензивен пораст од 49,1%, додека денарските депозити се зголемија за 13,9%. Од аспект на рочноста, краткорочните депозити се повисоки за 27,0%, а долгорочните депозити за 4,4%.
Од особено значење е да се истакне дека во 2000 година е регистрирана значајна експанзија на кредитната активност на банките. Така, вкупните пласмани на банките кај недржавниот сектор (според фактичката состојба) во декември 2000 година во однос на истиот месец од 1999 година беа повисоки за 6.042 милиони денари, или за 17,2%. Тоа се должи на добрата координација на монетарната и фискалната политика кои создадоа предуслови за ваков пораст на кредитите, на значително зголемената ликвидност на банките, на елиминацијата на кредитните лимити од страна на НБРМ и зголемениот депозитен потенцијал на банките.
Набљудувано од валутен аспект, порастот на вкупните пласмани на банките во целост е резултат на зголемувањето на денарските пласмани, додека девизните пласмани забележаа пад. Имено, денарските пласмани на банките се зголемија за 7.463 милиони денари, или за 27,8%. Порастот во голем дел се должи на укинувањето на кредитните лимити на денарските пласмани на банките на крајот од март 2000 година, кога беше регистрирана значајна кредитна експанзија. Значајно е да се истакне дека согласно супервизорските контроли на НБРМ новоодобрените кредити се насочени кон добри комитенти. Девизните пласмани на банките кај недржавниот сектор во декември 2000 година во споредба со истиот месец од 1999 година се намалија за 1.421 милиони денари, или за 17,2%. Падот главно се должи на поголемата атрактивност на денарските пласмани за банките заради повисоките каматни стапки.
Во 2000 година НБРМ продолжи со реформите кај инструментите на монетарната политика, при што најзначајна промена е укинувањето на кредитните лимити на денарските пласмани на банките на крајот од март 2000 година. Со тоа, остварен е целосен премин кон пазарни индиректни инструменти на монетарно регулирање. Покрај ова, направени се и бројни подобрувања на постојните монетарни инструменти со цел нивно осовременување и доближување до соодветните во развиените пазарни економии. Во рамки на континуираните и интензивни напори за намалување на каматните стапки на банките, НБРМ во април 2000 година изврши намалување на есконтната стапка и каматната стапка на ломбардните кредити за еден процентен поен, со што тие на годишно ниво изнесуваат 7,9%, односно 17,5%, соодветно.
Ликвидност на плаќањата во Република Македонија и кон странство
Во 2000 година дојде до значајно подобрување на ликвидноста на банкарскиот систем. Имено, просечната дневна ликвидност на банкарскиот систем во периодот јануари - декември 2000 година во однос на истиот период од 1999 година беше повисока за 42,1%. Ова детерминираше намалување на побарувачката за ликвидни средства од страна на банките, што се одрази врз движењето на каматната стапка на пазарот на пари. Така, пондерираната просечна каматна стапка на пазарот на пари во декември 2000 година изнесуваше 7,1% и во однос на истиот месец од 1999 година беше пониска за 4,5 процентни поени.
Ликвидноста во плаќањата кон странство се рефлектира преку способноста да се сервисираат долговите кон странство. Надворешниот долг на Република Македонија врз основа на користени среднорочни и долгорочни кредити од странство на 30.09.2000 година изнесуваше 1.400,8 милиони САД долари. Споредено со крајот на 1999 година, надворешниот долг на Република Македонија е намален за 37,7 милиони САД долари, како резултат на извршената отплата на редовните обврски, како и на курсните разлики. Според планот за отплата, во последниот квартал од годината е предвидено да се отплатат обврски во вкупен износ од 43,3 милиони САД долари. Краткорочниот долг на Република Македонија, кој се однесува на приватни субјекти, на крајот на септември 2000 година изнесуваше 42,9 милиони САД долари и во однос на крајот од 1999 година е понизок за 10,8 милиони САД долари. Учеството на надворешниот долг во БДП изнесува 42,0%, со што Република Македонија се рангира меѓу земјите со умерена - средна задолженост.
Сигурен и стабилен банкарски систем на Република Македонија
Во 2000 година банкарскиот сектор во Република Македонија продолжи да заздравува од негативните последици предизвикани од екстерниот шок во 1999 година. Учеството на високоризичните пласмани во вкупната кредитна изложеност на банките во првите девет месеци од 2000 година се намали за 4,1 процентни поени, но и понатаму е високо и изнесува 37,3%. Сепак, врз стабилноста на банкарскиот систем поволно влијае високата просечна адекватност на капиталот од 33,8% на крајот на септември 2000 година, која далеку го надминува пропишаниот минимум од 8%. Во првите шест месеци од 2000 година се реализираа и значителни вложувања на странски капитал во македонските банки, со што учеството на странски капитал во вкупниот банкарски капитал се зголеми од 19% на 33,3%.
Во 2000 година се остварени битни промени во законската рамка која го регулира работењето на банките. Притоа од особено значење е новиот Закон за банки во чие дизајнирање Народна банка на Република Македонија имаше голем придонес. Со овој закон се остварува поголемо приближување кон соодветното Европско законодавство и Директивите на Европската Унија и се постигнува поголема усогласеност со т.н. Основни Базелски принципи за ефикасна банкарска супервизија.
Во ноември 2000 година извршени се одредени промени и во регулативата за девизно работење на банките, при што намалена е обврската за држење на дел од прибраните девизни депозити од страна на банките на нивните сметки во странство. Оваа мерка се очекува да има позитивен одраз врз кредитната понуда на банките во економијата.
Монетарната политика во 2001 година
Монетарната политика за 2001 година е дефинирана во пакетот на макроекономски политики инкорпорирани во аранжманот со Меѓународниот монетарен фонд. Во основа, монетарната политика во 2001 година ќе биде насочена кон одржување на стабилен макроекономски амбиент, како предуслов за остварување на долгорочно одржлив економски растеж. Притоа, преку адекватна понуда на пари и кредити ќе се поддржи остварувањето на проектираниот економски растеж, избегнувајќи истовремено монетарната понуда да претставува извор за нарушување на ценовната стабилност.
Монетарна стратегија
Во 2001 година НБРМ ќе продолжи да ја применува монетарната стратегија на таргетирање на девизниот курс , кој и понатаму ќе се користи како номинална котва во македонската економија. Така, номиналниот девизен курс на денарот во однос на германската марка и во 2001 година ќе се одржува на таргетираното ниво од 31 денар за една германска марка. Одржувањето на стабилноста на девизниот курс на денарот, како посредна цел, ќе биде насочено кон остварување на крајната цел на монетарната политика - стабилноста на цените. Притоа годишната стапка на инфлација, мерена преку индексот на трошоци на животот, е проектирана да изнесува 1,2% (декември 2001 / декември 2000 година).
Монетарни агрегати
Земајќи ги предвид претпоставките за стапката на инфлација, реалниот пораст на бруто домашниот производ и порастот на реалната побарувачка за пари во 2001 година, се проценува дека номиналниот пораст на понудата на пари, изразен преку паричната маса М1 ќе изнесува 12,0%. Паричната маса М2 - денарски дел и најшироко дефинираната парична маса М4 во 2001 година треба да остварат пораст од 12,1% и 13,3%, соодветно. Проектираниот пораст на паричната маса ќе овозможи нормално извршување на стоковно-паричните трансакции во економијата и адекватна ликвидност на банкарскиот сектор, а истовремено нема да влијае во правец на нарушување на стабилноста на домашната валута.
Примарни пари и нето откуп на девизи
Стабилноста на монетарниот мултипликатор, односно постоењето на стабилна врска меѓу примарните пари и паричната маса, е земена како појдовна претпоставка при проектирањето на примарните пари. Според тоа, за да се оствари проектираниот пораст на паричната маса предвидено е во 2001 година примарните пари да се зголемат за 12,0%. Емисијата на примарни пари е предвидено да се врши преку девизните трансакции на НБРМ. Имено, и во 2001 година се предвидува понудата да ја надмине побарувачката за девизи на девизниот пазар. Согласно стратегијата на таргетирање на номиналниот девизен курс на денарот во однос на германската марка, за да се одржи девизниот курс на денарот на таргетираното ниво, се предвидува во 2001 година НБРМ да изврши нето откуп на девизи на девизниот пазар во вкупен износ од 29,0 милиони САД долари. Емисијата на примарни пари врз основа на девизни трансакции на Централната банка ќе биде поддржана преку понатамошно зголемување на депозитите на државата кај НБРМ. Поддршката на монетарната политика од страна на фискалната политика преку порастот на депозитите на државата кај НБРМ ќе овозможи зголемувањето на примарните пари да биде ставено во функција на динамизирање на кредитната активност на банките.
Инструменти за монетарно регулирање
Во 2001 година се предвидува НБРМ да продолжи со користење на индиректни, пазарни инструменти на монетарно регулирање. Притоа, најупотребуван инструмент ќе биде аукцијата на благајнички записи, преку која ќе се врши динамичко регулирање на нивото на ликвидноста во банкарскиот сектор. Во контекст на промените на инструментариумот за монетарно регулирање, треба да се истакне дека реализацијата на дел од критериумите за извршување содржани во аранжманот со ММФ ќе се одвива во квалитативно различен амбиент Имено, отсуството на директни инструменти, како што беа кредитните лимити на банките, ги усложнува работите за Централната банка, но таа останува доследна на определбата да користи исклучиво индиректни инструменти на монетарно регулирање.
Депозити на недржавниот сектор
Во 2001 година се предвидува да продолжи тенденцијата на пораст на депозитите кај банките. Се предвидува вкупните депозити на недржавниот сектор кај банките (вклучувајќи ги и депозитните пари) во 2001 година да се зголемат за 5.139 милиони денари, или за 13,6%. Порастот на депозитите треба да произлезе од зголемената доверба на економските субјекти во банкарскиот систем, како резултат на:
Стабилниот макроекономски амбиент.
Зголеменото ниво на доход на економските субјекти при проектирано интензивирање на економската активност.
Почетокот на исплатата на обврзниците за т.н. "старо девизно штедење".
Промената на законската регулатива за функционирањето на Фондот за осигурување на депозити. Тој е трансформиран во државен фонд, при што е зголемен износот на депозит кој се осигурува и зголемен е процентот на обештетување во случај на настанување на ризичен настан.
Зголеменото присуство на странски инвеститори во банкарскиот систем на Република Македонија.
Набљудувано од валутен аспект, во 2001 година е предвиден пораст на денарските депозити за 3.139 милиони денари, или за 12,0% и пораст на девизните депозити за 2.000 милиони денари, односно за 17,5%. Порастот на девизните депозити ќе биде мотивиран и од засилената конверзија во евра на девизните заштеди на населението кои се надвор од банкарскиот систем, а се деноминирани во валути на земјите членки на ЕМУ. Тоа е предвидено да се случува во пресрет на престанокот на важење на овие валути и воведувањето на еврото во физички облик во првата половина од 2002 година. Се очекува дека дел од заменетите девизи ќе остане во банкарскиот систем и ќе резултира со зголемување на девизните депозити.
Кредити
Монетарната проекција за 2001 година предвидува продолжување на интензивираната кредитна активност на банките регистрирана во 2000 година. Тоа е конзистентно со очекуваниот пораст на депозитниот потенцијал на банките и порастот на депозитите на државата кај Централната банка. Вкупните кредити на банките во корист на недржавниот сектор во 2001 година треба да се зголемат за 5.420 милиони денари, или за 13,1%. Набљудувано од структурен аспект, денарските кредити треба да се зголемат за 3.610 милиони денари, или за 10,9%, додека порастот на девизните кредити е проектиран да изнесува 1.810 милиони денари, односно 21,5%. Овозможувајќи простор за пораст на кредитите на банките на недржавниот сектор монетарната политика ќе биде во функција на остварување на предвиденото динамизирање на економскиот растеж во Република Македонија. Истовремено, се очекува да продолжи тенденцијата на намалување на учеството на нефункционалните пласмани во вкупната кредитна изложеност на банките. Тоа треба да произлезе како од започнатите подобрувања на кредитната политика на банките, поттикнати од зацврстеното корпоративно управување на банките, така и од континуираната стриктна супервизорска контрола над работењето на банките од страна на Централната банка.
Девизни резерви, биланс на плаќања
Нето откупот на девизи на девизниот пазар од страна на Централната банка, надополнет со движењата на екстерната сметка на државата кај НБРМ и приливот врз основа на камати од депонираните девизни средства во странство предвидено е во 2001 година да резултира со пораст на бруто девизните резрви на НБРМ за 75 милиони САД долари (вклучени и депозитите на државата кај НБРМ - нова дефиниција на девизните резерви). Со тоа, девизните резерви треба да се зголемат од 3,5 на ниво од 3,6 месечен увоз на стоки и услуги во тековната година. Проектираните движења во билансот на плаќања во 2001 година треба да резултираат со остварување на дефицит на тековната сметка во висина од 8,2% од БДП (доколку се вклучат официјалните трансфери), односно 9,1% од БДП (доколку се исклучат официјалните трансфери).
д-р Љубе Трпески
гувернер