Обраќање на гувернерот на Народната банка на Република Македонија д-р Љубе Трпески на 55-годишното Собрание на ММФ и Светската банка во Прага
Дозволете ми во новиот милиниум да Ве поздравам од Прага, земјата домаќин на овогодинешното милениумско собрание на Меѓународниот Монетарен Фонд и Светската банка. Се надевам дека сета убавина што ја има и во себе ја носи Прага ќе биде дополнителен мотив за поуспешна работа на овој собир.
Од стекнувањето на својата независност, Република Македонија спроведе комплексни програми за макроекономска стабилизација, структурни реформи и институционални реформи со цел создавање на стабилна, модерна, ефикасна и пазарно ориентирана економија. Составен дел на вкупните реформи се и реформите на финансискиот систем, од кои во голема мерка зависи степенот на развој на македонската економија.
Имено, здравиот, конкурентен банкарски систем и адекватната институционална и регулаторна рамка се предуслови за мобилизација на финансиските ресурси и за ефикасна алокација на кредитните средства, за зголемување на штедењето и инвестициите, за создавање на оптимална структура на каматните стапки, за ефикасна трансмисија на монетарните сигнали и за ниски фискални трошоци. Сето ова има позитивно влијание врз макроекономската стабилност и степенот на економски раст. Воедно, ова е посебно значајно за земјите во транзиција и земјите во развој, во кои пазарот на капитал и воопшто финансискиот пазар се недоволно развиени и не обезбедуваат алтернативни финансиски инструменти.
Основните претпоставки за постоење на здрав и модерен банкарски систем се постоење на здрава макроекономска рамка, квалитетно интерно корпоративно управување и соодветна економска инфраструктура. Во однос на инфраструктурата постојат два битни елементи: институционална рамка, која вклучува правна, административна и политичка структура за управување со економските и финансиските трансакции и; структура на финансиските пазари, како оперативна рамка во која работат банкарските институции. Ефикасното банкарството се темели на правен систем кој ќе го олеснува спроведувањето на финансиските договори, наплатата на кредитите и реализацијата на колатералот. Банките мора да можат да ги наплатат побарувањата кои им се достасани, за што се неопходни квалитетни стечајни процедури и адекватна заштита на сопственичките права. Од друга страна, потребна е и административна структура која ќе може да ги примени законите и ќе обезбеди коректна и брза судска постапка при решавањето на финансиските спорови.
Македонскиот банкарски систем произлезе од банкарскиот систем на поранешна СФРЈ. Во моментот на монетарното осамостојување, банкарскиот систем на Република Македонија имаше класична олигополска структура, во која доминираа две најголеми банки, кои поседуваа преку 80% од банкарскиот пазар. Основната функција на работењето на банките беше инверзно поставена - наместо нивна основна цел да биде профитот - тие беа поставени во функција на сервис на нивните главни акционери, кои истовремено беа и најголеми должници, односно корисници на кредити. Дерогацијата на основна функција на банките и развивањето на "култура на неплаќање на обврските", предизвикаа нарушени перформанси на работење на банките, изразени во концентрација на големи износи на нефункционални пласмани во нивното кредитно портфолио (преку 70%), превработеност, високи трошоци, лоша географска дисперзија, доминација на должниците во управувачките органи, отсуство на кредитни политики и интерни процедури, итн. Екстерно наметнатиот проблем на замрзнување на старите девизни штедни влогови, кои останаа заробени во Централната банка на СФРЈ, дополнително ја наруши довербата во банкарскиот систем, резултирајќи во ниско ниво на штедење и финансиска интермедијација. Обидот на монетарните власти да ја разбијат олигополската структура на банкарскиот систем преку одредување на многу низок капитален цензус во првите години по монетарното осамостојување резултираше само во формирање на тнр."џуџести банки" кои реално не можеа да ја нарушат доминацијата на двете најголеми македонски банки.
Состојбите во овој домен се значително подобрени во текот на оваа година. Имено, продажбата на најголемата и единствена државна банка во Република Македонија - Стопанска банка а.д. на странски инвеститори, продажбата на Кредитна банка а.д. Скопје исто така на странски инвеститор, најавата за продажба на третата најголема банка - Тутунска банка а.д. Скопје на инвеститори од Германија и Словенија, несомнено претставуваат крупни чекори во создавањето на здрава конкуренција, како составен дел на процесот на преструктуирање на банкарскиот систем.
Од системски аспект, основа на реформите на банкарскиот систем од тнр. "втора генерација", претставува донесувањето на нов Закон за банки во јули 2000 година. Основна интенција при припремата на новата законска регулатива, беше да се оствари оптимална рамнотежа меѓу стриктното регулирање на супервизорските аспекти и оставањето на висок степен на либерализација во кој ќе дојдат до израз конкуренноста, способноста и креативноста на поодделните банкарски институции. Донесувањето на овој модерен законски текст ги сублимира заедничките едногодишни напори на експертските тимови од Народна банка на Република Македонија и Министерството за Финансии, но и искуствата и сугестиите на еминентни странски експерти од Светската банка.
Новиот банкарски акт е изработен врз основа на директивите на Европската Унија за банкарство и осигурување од тнр. "Бела книга" и тнр. "25-те Базелски принципи за ефикасна банкарска супервизија". Имајќи предвид, дека влезот на Република Македонија во Европската Унија е долгорочна цел на Владата на Република Македонија, започнувањето на усогласувањето на законската регулатива во банкарската сфера е само добар почеток на овој процес. При работата на овој закон, покрај законските текстови на развиените европски земји, консултирани се и решенијата во оваа област во неколку напредни земји во транзиција.
Основните принципи и промени кои ги носи новиот Закон за банки се фокусирани на неколку пунктови и тоа: полиберална постапка за лиценцирање на банка и стекнување на акции со право на управување; повисок степен на либерализација на повеќе законски решенија; зајакнување на супервизорските стандарди, со кои се регулира тековното работење на банките; зајакнување на корпоративното управување во банките и воведувањето на тнр" принцип на четири очи"; зајакнување на процедурите на работење на банките; дефинирање на постриктни и подетално разработени корективни мерки кои Централната Банка е должна да ги преземе спрема банките кои не работат согласно законските одредби; зајакнување на улогата и одговорноста на Управниот Одбор во банките и т.н.
Донесувањето на новиот Закон за банки, продажбата на Стопанска банка а.д. Скопје, промените на законската регулатива насочени кон подобрување на финансиската дисциплина, како и донесувањето на нов Закон за хартии од вредност со кој на банките им се дава можност за работа на пазарот на капитал, се дел од договорените активности со аранжманот со Светската банка наменет за преструктуирање на финансискиот сектор и на претпријатијата (ФЕСАЛ 2). Но, реформските активности не се завршуваат со овие крупни проекти. Од институционален аспект, со ФЕСАЛ 2 аранжманот е предвидена и една значајна организациона промена - во рамките на НБРМ формирана е посебна единица во рамките на Дирекцијата за супервизија за работа со проблематични банки. Ова единица е веќе формирана и за задача ќе има да го следи работењето на банките. Притоа, доколку на некоја банка и е загрозена ликвидноста или солвентноста, и ги исполнува критериумите за да биде дефинирана како "проблематична банка", веднаш ќе биде ставена под специјален надзор (мониторинг) и кон истата ќе бидат преземени корективни мерки.
Меѓу останатите реформски активности кои се насочени кон подобрување на состојбите во банкарскиот систем, е и предвиденото донесување на нов Закон за девизно работење до крајот на 2000 година, со кој се планира да се внесе поголем степен на либерализација во оваа област, со задржување на потребната претпазливост. Последен крупен реформски проект во финансиската сфера кој ќе се спроведува во оваа и во првата половина од 2001-та година, се реформите на платниот промет, со кои се предвидува воведуваање на тнр. "систем на бруто порамнување во реално време" (РТГС), а банките ќе добијат главна улога во извршувањето на платниот промет. Тоа ќе овозможи банките да имаат подобар увид врз ликвидноста на комитентите, што ќе го подобри процесот на управување со ликвидноста (cash-flow management) и ќе влијае за создавање на поздрав и поликвиден банкарски систем.
Благодарам.
д-р Љубе Трпески
гувернер