„Цели на новата регулативна рамка во платежната сфера“
„Цели на новата регулативна рамка во платежната сфера“
Почитувани претставници на медиумите, драги новинари, почитувана гувернерке, драги колеги,
Задоволство е да се учествува денеска на средба на која ќе говориме за новиот Закон за платежни услуги и платни системи и соодветната подзаконска регулатива, за кои Народната банка вложи големи напори во нивнoто изготвување и успешната примена.
Промените на навиките на граѓаните и компаниите за извршување на плаќањата, коишто се должат на напредокот на технологијата, наложуваат значителни промени во правната рамка на глобално ниво. Еклатантен пример во овој контекст е правната рамка на Европската Унија којашто во изминатата деценија беше значително изменета и проширена преку усвојување голем број директиви и регулативи во платежната сфера со цел да им одговори на предизвиците во новото дигитално окружување во кое се извршуваат плаќањата.
Граѓаните и компаниите во нашата држава сѐ повеќе користат дигитални решенија за извршување на плаќањата. Така, во првите три квартали од 2022 година, 54% од кредитните трансфери на граѓаните и компаниите биле извршени по електронски пат, што е раст од 14 п.п. во споредба со истиот период од 2016 година, од кога се прибираат податоци по меѓународно усогласена методологија за платежната статистика. Истовремено, платежните картички станаа многу важен инструмент за извршување на плаќањата во трговијата. Така, граѓаните ги користеле платежните картички за извршување на плаќањата на физичките места на продажба три и пол пати повеќе во првите три квартали од 2022 година во споредба со истиот период од 2016 година. Брзината на прифаќање на платежните картички во интернет-трговијата е уште поголема, имајќи предвид дека граѓаните извршиле осум и пол пати повеќе трансакции во анализираниот период.
Ваквите трендови наметуваат потреба за осовременување на постојната регулатива. Водејќи се од правната рамка на Европската Унија, новиот регулативен пакет, којшто го опфаќа Законот за платежни услуги и платни системи (ЗПУПС) и 26 подзаконски акти донесени од Советот на Народната банка во текот на последниот квартал на 2022 година, исцртува рамка во која новите, но и постојните, даватели на платежни услуги ќе може да создаваат иновативни решенија за извршување на плаќањата од страна на граѓаните и компаниите на поудобен, побрз, побезбеден и поевтин начин.
Новиот регулативен пакет има повеќе цели. Една од нив е поттикнувањето и зголемувањето на конкурентноста преку отворањето на пазарот за нови даватели на платежни услуги. Условите за нивниот влез се исцртани во Законот, а Народната банка ги разработи подетално со сет одлуки во кои се пренесуваат актите на Европското банкарско тело и најдобрите практики на земјите членки на Европската Унија. Така, во улога на даватели на платежните услуги, покрај банките, со исполнување на регулативните барања, може да се јават и штедилниците, сосема нови специјализирани платежни институции и институции за електронски пари, како и институции од доменот на финтек-секторот. Отворањето на пазарот на платежни услуги со новата регулативна рамка претставува значаен чекор за зголемување на конкуренцијата, а како одраз од променетиот амбиент се очекува дека ќе ги поттикне банките за збогатување на понудата и квалитетот на услугите, дури и пред појавата на конкуренцијата. Компетитивниот амбиент ќе придонесе за збогатување на сетот платежни услуги коишто ќе се нудат на пазарот, забрзување на процесот на дигитализација, поттикнување на иновациите, како и намалување на надоместоците за услугите.
Заштитата на потрошувачите при користењето на платежните услуги е многу значајна цел којашто треба да се оствари со спроведувањето на новата регулативна рамка. Со Законот, за првпат во историјата на нашата земја, се воведува обврска за давателите на платежните услуги да ги уредат правата и обврските на потрошувачите со рамковен договор во стандардизирана форма. Со тоа се обезбедува поголема транспарентност на давателите за нивните услуги, но и подобра информираност и правна сигурност на потрошувачите, како и нивен еднаков третман кај давателите на платежните услуги. Законот носи со себе една многу битна новина за граѓаните, а тоа е можноста да користат платежна сметка со основни функции. Од оваа сметка ќе може да вршат плаќања слично како и со другите сметки, меѓутоа само до висината на средствата со кои располагаат, односно без да можат да користат договорно пречекорување од банката. Токму затоа, за услугите преку оваа сметка, банката или штедилницата може да наплаќа месечен надоместок само до одредена разумна висина, чиешто утврдување е децидно пропишано со новата регулативна рамка. Особена заштита, што придонесува и за промовирање на финансиската вклученост, претставува законската обврска за банките и штедилниците да не наплатуваат надоместок за услугите преку сметката со основни функции од потрошувачите коишто ѝ припаѓаат на групата корисници на законски дефинирани права.
За поголема и навремена информираност на граѓаните, давателите на платежни услуги се должни да им дадат информативен документ за висината на надоместоците пред да склучат рамковен договор и најмалку еднаш годишно да им доставуваат извештај за надоместоците што ги наплатиле. Но, она што е посебно важно да се истакне како новина и придобивка од овој закон е воведувањето на обврската, давателите на платежните услуги да доставуваат до Народната банка податоци за висината на надоместоците за најрепрезентативните услуги поврзани со платежната сметка. За таа цел, Народната банка со подзаконски акт дефинира листа од 11 најрепрезентативни услуги за чиишто надоместоци ќе прибира податоци од секој давател на платежни услуги и ќе ги објавува на својата интернет-страница, во компаративен контекст. Се планира првите податоци за надоместоците да бидат објавени до крајот на септември оваа година. На овој начин, граѓаните ќе имаат брза и лесно достапна информација за надоместоците кога одлучуваат кај кој давател да користат платежни услуги. Се очекува дека преку поголемата транспарентност и олеснетата споредливост на надоместоците ќе се зголеми конкурентноста и ќе се понудат поповолни цени за платежните услуги за граѓаните.
Почитувани,
Регулаторната улога на Народната банка е важна заради разработувањето и прецизирањето на законските решенија за да се овозможи нивно ефикасно спроведување и доследна примена од сите инволвирани страни. Со тоа, Народната банка создава регулаторно окружување коешто ја поттикнува финансиската вклученост на граѓаните и на економските субјекти во поддршка на економијата и финансиската стабилност во земјата. Деталните аспекти на решенијата од новиот регулативен пакет којшто е насочен кон зголемување на конкуренцијата и заштитата на потрошувачите во дигиталното окружување ќе бидат објаснети и разгледани во рамките на презентациите предвидени за денеска и во текот на утрешниот ден.
На крајот на моето излагање, би сакала да ви се заблагодарам за вашиот интерес за вклучување во оваа работилница којашто овозможува да ги презентираме и да ги разгледаме новините во платежната сфера, со цел да го олесниме протокот на информации до јавноста на јасен, едноставен и разбирлив начин, преку веќе изградениот канал за комуникација со вашата фела.
Посакувам плодна и успешна работа на денешната работилница. Народната банка ќе биде отворена и за време на работилницата, како и досега, но и во иднина, за потребните појаснувања во врска со секој ваш интерес.