Почитувани новинари, почитувани колеги,
Крајот на годината вообичаено е време кога правиме ретроспектива на предизвиците со кои се соочивме, на научените поуки и лекции и секако, на напредокот што сме го постигнале. Но, мислам дека една заедничка нишка и на изминатите години и на периодот што следува е нашата заедничка посветеност на принципот на транспарентност. Ова е една од најважните вредности на секое општество, а за нејзиното доследно почитување е неопходна добра соработка помеѓу институциите и медиумите.
Предизвиците стануваат сѐ поголеми во оваа брза дигитална ера, каде што информациите се разменуваат веднаш, а „приказните брзо се прераскажуваат“ преку низа платформи. Поради сето ова, многу повеќе се поврзуваме и сме поинформирани, но истовремено стануваме и поподложни на дезинформации. Точната и навремена информација е основата на која се гради довербата и се станува одговорен. Покрај тоа, значително се менува и формата на комуницирање, односно сѐ поголем е притисокот од јавноста за куси информации што брзо се шират, поради што е потребен заеднички напор од сите нас за поефективна комуникација. Само за илустрација, некои истражувања[1] покажуваат дека денес вниманието на јавноста може да се задржи најмногу 47 секунди, наспроти 150 секунди во 2004 година.
За нас како централна банка, комуникацијата има третман на инструмент на политиките коишто ги спроведуваме. Преку неа делуваме врз очекувањата и однесувањето на економските субјекти, но гарантираме и за високата транспарентност, што е особено важно бидејќи сме независна институција, којашто има одговорност да обезбеди јавни добра. На ваков начин ги зачувуваме довербата и интегритетот, бидејќи без доверба од јавноста, мала е веројатноста за успешното исполнување на нашите основни цели.
Токму во овој дух, бевме една од првите централни банки којашто доброволно се приклучи кон пилот-проектот на ММФ за транспарентност на централните банки. Според Извештајот од мисијата на ММФ, спроведена во рамките на Кодексот на транспарентноста, Народната банка применува напредни практики во однос на транспарентноста и ужива висока доверба од јавноста, благодарение на водењето конзистентни политики коишто овозможуваат макроекономска стабилност.
Воедно, постојано работиме на подобрување и проширување на комуникацијата со јавноста. Во текот на годината којашто изминува Народната банка имаше широка комуникација со јавноста, со објавување 238 соопштенија за јавноста и 140 содржини на социјалните мрежи во делот на финансиската едукација и музејското работење, што укажува на редовна, секојдневна комуникација. Во текот на 2024 година, претставници на Народната банка имаа 115 јавни настапи на домашни и на меѓународни конференции, како и на медиумите преку гостувања и интервјуа. Активно придонесуваме и кон поттикнување на финансиската писменост, како основа за ефективно разбирање на нашата комуникација. Во оваа прилика би ги споменала и заложбите на тимот за финансиска едукација при Народната банка, којшто и годинава активно работеше и одржа 75 предавања и јавни настани со кои беа опфатени 2.317 ученици и граѓани од различни возрасни групи.
Токму овие наши напори се видливи и преку меѓународно споредливите индекси за транспарентност, како што е Индексот за транспарентност на монетарната политика[2], којшто значително е зголемен во периодот од 1998 година до 2019 година од 5 на 9, слично со просекот на регионот на ЦИЈИЕ, а малку под нивото на еврозоната (12). Во некои подиндекси на овој индекс покажуваме и остварувања многу слични на оние на ЕЦБ.
Во процесот на објективно, правилно и непристрасно пренесување на нашите пораки и информации нема никаква дилема дека вие, медиумите имате најважна улога. Вие, како новинари, не само што информирате, туку и го обликувате јавниот дискурс и ја поттикнувате јавната дебата. Вашето место во нашата комуникација со јавноста како централна банка несомнено е едно од најважните. Токму вие сте главниот канал преку којшто се приближуваме до пошироката јавност. Вие сте оние коишто ги „оформуваат и ги интерпретираат“ сите наши информации, анализи, податоци и со тоа како централна банка нѐ приближувате кон пошироката јавност.
„Информацијата е валутата на демократијата“, рекол Томас Џеферсон. Кога информацијата е јасно достапна и разбирлива, секој човек ќе може да донесе основано решение. Народната банка и медиумите делат иста цел − споделување разбирливи и објективни информации.
На крајот, дозволете ми да ви се заблагодарам во мое име и во името сите мои колеги од Народната банка за исклучително професионалната соработка и поддршка, којашто, пак, е особено значајна во периоди како овие кога се справуваме со постојани кризи и неизвесности. Да ја завршиме оваа година со желби за подобра, помирна и поуспешна иднина, а секому од вас да му посакам деновите во Новата 2025 година да му минуваат во здравје, радост и хармонија!
Ви благодарам!
[1] See Chapter Four in Mark, G. (2023), Attention span: A Groundbreaking Way to Restore Balance, Happiness and Productivity, Hanover Square Press.
[2] Dincer, Eichengreen and Geraats, "Trends in Monetary Policy Transparency: Further Updates," International Journal of Central Banking, March 2022.