Скопје, 8 јули 2022
Почитуван претседателе на Република Северна Македонија,
Почитувани членови на Владата,
ценети екселенции,
претставници од правосудните органи,
гости од академската заедница и институциите кои ја чуваат и ја негуваат културата,
дами и господа,
Независноста на нашата држава е најголема придобивка на сите нас кои живееме на ова парче земја. Под закрилата на државноста, создадовме заедничка иднина заснована на историските факти, на записите, на стремежите, како и на културните различности и историските премрежиња.
Во 1991 година го остваривме нашиот сон за независна, суверена држава, но нашата државотворна приказна не ќе беше целосна без монетарното осамостојување ‒ независна централна банка и сопствена валута. Монетарното поглавје на нашата приказна започна на 26 април 1992 година, кога првиот премиер на нашата држава, Никола Кљусев од говорницата на Собранието ги покажа првите македонски пари. Денешното име на македонската национална валута – денар, беше усвоено на предлог на академик Петар Христо Илиевски.
Но, парите не се само симбол на нашиот монетарен суверенитет, тие не говорат само за номиналната вредност којашто е испишана на нив, тие говорат за вредностите создавани во минатото, за нашата историја и култура. Дизајнот на првото транзициско издание книжни пари е дело на тимот од печатницата „11 Октомври“, а банкнотите носеа ликовни решенија од македонската историја. Зборувајќи за ликот на парите коишто денес се во оптек неминовно е да се спомне трудот на македонската уметница Билјана Унковска. Банкнотите од 200 и 2000 денари се авторски труд на графичкиот дизајнер Ласко Џуровски.
Уметничкото око и чувството на припадност и гордост на сите кои беа вклучени во процесот на изработка придонесоа нашите банкноти да ги носат на себе убавините од македонската почва.
Со тоа, на основната вредност на парите ѝ е додадена зачуваната вредност на културното богатство, на значењето на поднебјето, на придонесот на нашите предци. Токму со креирањето на ликот на парите покажавме дека од дамнина на ова наше мало парче земја се ценеле вредностите, се граделе ревносно заложбите за подобро утре. Поминувале столетијата, се вмрежувале културите, се создавале и останувале историските и културните вредности.
Прославувајќи го овогодишниот јубилеј – 30 години од монетарното осамостојување, Народната банка, како носител на ексклузивното право на печатење и издавање на нашата валута, имаше обврска да потсети на овие големи вредности од македонската почва, вредности од минатото коишто ни се пренесени и оставени нам и на идните генерации на чување и негување.
Денеска, пред нас и пред македонската јавност, овде во Музејот на Народната банка, имаме можност да ја видиме приказната на македонските пари, да сведочиме за убавината на вредностите одбрани и поставени на предните и на задните страни на македонската валута. Заеднички ја одбележуваме уметноста во македонските пари, чие име, означувајќи ги римските сребрени пари, на оваа територија се користело пред повеќе од 2000 години.
Погледнете во македонските пари. Ќе видите дел од најзначајните археолошки откритија, икони, фрески, архитектонски градби од вековите наназад, коишто го отсликуваат мултиетничкиот карактер на нашето поднебје. Ќе запловите од раниот шести милениум пред нашата ера, во време кога на оваа почва уметничката креација и верувањата на праисторискиот човек ја создале исклучителната Голема мајка. Ќе запловите во третиот и во вториот век пред нашата ера, кога вредните занаетчиски раце во древниот Лихнид изработувале раскошен златен накит, меѓу него и златната чунеста обетка ‒ сега претставена на десетденарката. Ќе го видите колоритниот паун од мозаикот во Стоби, пред вас ќе се излеат убавините на фрескосликарството, на архитектонски градби, на Шарената џамија, на таванска розета од албанска куќа од Дебар, на бакарните садови – саани, на златната маска. Ќе видите дека нашите македонски пари сведочат за непроценливо богатство и нѐ повикуваат да продолжиме со истражување и со негување на ова богатство.
Ме радува што, како резултат на заложбите на авторката на изложбата, нашата колешка Катерина Христовска и нејзиниот тим од Музејот, како и поддршката од други институции од областа на културата, денес секој од нас има можност директно да посведочи на дел од ова непроценливо богатство, за што изразувам голема благодарност.
Нашиот музеј, којшто всушност оваа година одбележува две децении од своето постоење и поддршка на културата, уште еднаш нѐ потсетува дека историјата не ги заборава и не смее да ги заборави најголемите вредности.
Почитувани,
Одамна е речено дека во моментот на создавањето, државниот суверенитет, вклучително и монетарниот суверенитет, се идеја, копнеж, аманет и остварен сон на нацијата, но во секој миг потоа, за да се зачуваат и да се развиваат, потребни се многу работа, одговорност и мудрост.
Оттаму, како централна банка имаме одговорност и чест и натаму да ја одржуваме монетарната стабилност, како наша примарна цел, но и да даваме поддршка во заштитата на нашето нумизматичко наследство и во проучување на долгото и комплексно монетарно минато на оваа почва. А еден ден, кога ќе станеме дел од европското семејство, денарот ќе остане наш историски симбол на стабилност, а новите поколенија ќе испишуваат ново монетарно поглавје од нашата автентична приказна.
На крајот, да уживаме во уметноста којашто, како што кажал германскиот уметник Пол Клии, не го репродуцира видливото, туку го прави видливо.
Ви благодарам,