„Примена на новите технологии, предизвици и можности за поефикасна заштита на корисниците на платежните услуги“
Почитувани претставници на банките, јавните институции
Почитувани колеги,
Би сакала да ви посакам добредојде на Работилницата на која акцентот ќе биде ставен на предизвиците во справувањето со киберризиците, коишто сѐ повеќе добиваат на тежина во услови на забрзана дигитализација на општествата, вклучително и на финансиските системи.
Четвртата индустриска револуција му донесе на светот огромен технолошки напредок. Вештачката интелигенција, роботиката, интернетот на нештата (ИН) со огромна брзина ги менуваат, а верувам дека и во иднина ќе ги менуваат работните процеси, услугите, комуникацијата, но и општо, човековото секојдневие. Во предзорието на когнитивната ера, во која несомнено ќе зачести заедничкото делување меѓу човечката и машинската интелигенција, треба да бидеме свесни дека технолошката трансформација е неизбежна компонента на натамошниот општествен и економски развој.
Сѐ поголемата примена на новата технологија во сферата на финансиите му дава една поинаква димензија на глобалниот финансиски пејзаж. Според податоците на Светскиот економски форум[1], во изминативе неколку години (2020 − 2022) финтек-индустријата бележи силен раст на корисниците на услуги, со просечна годишна стапка на раст од 50%, со што се задржува трендот којшто постоеше и претходно, а беше особено изразен за време на пандемијата. Притоа, очигледна е склоноста на финтек-секторот, особено во помалку развиените економии, за финансирање на оние сегменти коишто имаат потежок пристап до финансии, како што се микро, малите и средните претпријатија, лицата со помал доход, жените и младите на кои во просек отпаѓаат околу 55% од вкупното финтек-портфолио. Ова делува како поттик и за традиционалните финансиски институции коишто сѐ повеќе инвестираат во дигиталната технологија и ја зајакнуваат соработуваат со финтек-фирмите.
Нема сомнеж дека финтек-секторот поседува трансформативен потенцијал, обезбедувајќи поефикасни, побрзи и подостапни финансиски системи и поголема финансиска вклученост, а со тоа и поголем економски раст. Од Шумпетер наваму, повеќе економисти ја посочуваат врската помеѓу иновациите во финансиските услуги и економскиот раст. Постојат неколку студии коишто емпириски го истражуваат овој сооднос. Според еден труд објавен неодамна од страна на Меѓународниот монетарен фонд[2], во кој се користат динамички модели за оцена на емпириската врска помеѓу финтек-секторот и растот на БДП за 198 земји (за периодот од 2012 до 2020 година), севкупниот ефект на финтек-секторот врз растот е позитивен, а овој заклучок е релевантен и за развиените, и за помалку развиените економии.
Имајќи го предвид потенцијалот на современите технологии и нивната примена во финансиите, Народната банка сѐ повеќе го зголемува интересот за овој сегмент, што се гледа преку повеќе активности, вклучително формирањето на Работната група за финтек-секторот, Портата за иновации, како платформа за комуникација со иновативната бизнис-заедница, спроведувањето на првото сеопфатно истражување на оваа тема, коешто беше и основа за подготовка на првата национална финтек-стратегија донесена минатата година. Новиот Закон за платежни услуги и платни системи е исто така значаен исчекор во овој домен, а во моментов се работи и на студија за дигиталниот денар.
Сепак, овој бран на дигитализација на финансиите, покрај бројните придобивки носи и зголемени ризици, како за корисниците на финансиските услуги, така и за стабилноста на вкупниот финансиски систем. Еден од тие ризици се и кибернападите коишто бележат постојан раст, а стануваат и сѐ посложени и посилни. Се проценува дека на дневна основа има повеќе од 2200 напади, односно еден напад на секои 39 секунди[3]. Финансиската индустрија традиционално е прва на листата по бројот на кибернападите. Според некои анализи, кибернападите оваа година ќе ја чинат глобалната економија 9,5 трилиони американски долари, а во наредните две години загубата би се зголемувала со стапка на раст од околу 15%[4], особено во услови на зголемени геополитички тензии и неизвесност. Една анкета покажува дека 97% од испитаниците забележале голем раст на кибернападите по избувнувањето на војната во Украина[5].
Овие трендови несомнено ја нагласуваат потребата од зголемен интерес за киберотпорноста. Истражувањето на Банката за меѓународни плаќања (2022[6]) покажува дека 55% од централните банки во развиените економии и околу 40% во помалку развиените економии ги зголемиле своите инвестиции во овој сегмент за 5 до 10%, што веројатно е недоволно. Притоа, со оглед на природата на овие напади, од исклучителна важност е унапредување на соработката и заедничките напори, како на глобално ниво, така и на национално ниво. Развивањето глобални стандарди за киберотпорност на финансискиот сектор, зајакнувањето на регулативната рамка, размената на информации и искуства, но и зголемувањето на дигиталната писменост и свесноста за ризиците на корисниците на финансиските услуги се дел од неопходните заеднички напори.
Следејќи ги меѓународните стандарди, Народната банка постојано воведува и ги јакне регулаторните барања коишто треба да ги исполнуваат банките, а се однесуваат на обезбедувањето дигитална отпорност. Канцеларијата за супервизија на информативните системи, којашто во рамките на Народната банка беше формирана пред малку повеќе од две години, активно ги следи заканите од дигиталниот простор и презема мерки за справување со овие ризици коишто допрва ќе добијат на тежина. Според Извештајот на Светскиот економски форум (2024 година), киберризиците се еден од клучните пет глобални ризици на среден рок. Оттаму, неопходна е голема посветеност на финансиските институции на дигиталните ризици во нивниот процес на дигитална трансформација.
Почитувани,
Нема дилема дека дигитализација носи бројни придобивки за економиите, но истовремено и неизвесност и ризици. Оттаму, како да се извлечат максималните придобивки и како да се сведат ризиците на минимум се особено важни прашања за регулаторите и финансиските институции, што е впрочем и темата на денешната работилница.
Ви благодарам и ви посакувам успешна работилница!
[1] The Future of Global Fintech: Towards Resilient and Inclusive Growth, WEO, January 2024
[2] “Is Schumpeter Right? Fintech and Economic Growth”, IMF, February 2024
[3] A Clark School study at the University of Maryland
[4] Cybersecurity Ventures
[5] State of Cybersecurity Resilience 2023 | Accenture