„Споредба на надоместоците помеѓу давателите на платежните услуги“
Почитувани претставници на медиумите, драги новинари и колеги,
Задоволство ми е да ве поздравам и да ви посакам добредојде на денешната работилница на тема: „Споредба на надоместоците помеѓу давателите на платежните услуги“. Целта на оваа работилница е да даде мал потсетник за клучните придобивки од новиот Закон за платежни услуги и платни системи и соодветната подзаконска регулатива, подготвени од Народната банка. Овојпат главниот акцент ќе го ставиме на аспектот на ценовната транспарентност во платежната сфера и на концептот на заштита на потрошувачите, преку презентација на новата алатка којашто овозможува споредба на надоместоците коишто ги наплатуваат давателите на платежните услуги (банките).
Сите сме сведоци на една модерна ера, каде што новиот глобален платежен пејзаж наложи промени во регулативата во многу земји преку кои се создава нова правна рамка за постојните и за новите даватели на платежните услуги на пазарот, со особено внимание на нивните договорни односи со корисниците на финансиските услугите, а особено со граѓаните, на кои со оглед на пониските финансиски предзнаења им е потреба поголема институционална заштита. Правната рамка на Европската Унија во изминатата деценија беше значително изменета и проширена преку усвојување голем број директиви и регулативи во платежната сфера, со цел да им одговори на предизвиците во новото дигитално окружување во кое се извршуваат плаќањата.
Кај нас, новодонесениот регулативен пакет, којшто го опфаќа Законот за платежни услуги и платни системи (ЗПУПС) и дваесет и шесте подзаконски акти, претставува значајно усогласување со европските стандарди и регулативи. Суштински, тој значи отворање на пазарот за платежни услуги, поттикнување и зголемување на конкурентноста преку отворањето на пазарот за нови даватели на платежните услуги, а со тоа и можност за намалување на трошоците и зголемување на ефикасноста на плаќањата. Така, во улога на даватели на платежни услуги, покрај банките, со исполнување на регулативните барања, за првпат може да се јават и штедилниците, сосема нови специјализирани платежни институции и институции за електронски пари, како и институции од доменот на финтек-секторот.
Особена придобивка за граѓаните и компаниите е што новата правна рамка создава можност за трансформирање на традиционалните начини на плаќањата во иновативни решенија за извршување на плаќањата на побрз, побезбеден и поевтин начин, што би требало дополнително да го поттикне веќе започнатиот нагорен тренд на дигитално извршување на плаќањата. На пример во 2022 година, 52% од кредитните трансфери на граѓаните и компаниите биле извршени по електронски пат, што е раст од 11 п.п. во споредба со истиот период од 2016 година, од кога се прибираат податоци по меѓународно усогласена методологија за платежната статистика. Истовремено, платежните картички стануваат сѐ позначаен инструмент за извршување на плаќањата во трговијата. Така, минатата година граѓаните ги користеле платежните картички за извршување на плаќањата на физичките места на продажба трипати повеќе во споредба со 2016 година, или седумпати повеќе кај плаќањата во интернет-трговијата.
Од аспект на заштитата на потрошувачите, како една од најзначајните цели којашто треба да се оствари со спроведувањето на новата регулативна рамка, за првпат во историјата на нашата земја, со овој закон се воведе обврска за банките да ги уредат правата и обврските на корисниците со рамковен договор во стандардизирана форма. На тој начин се обезбедува поголема транспарентност на банките, но и подобра информираност и правна сигурност на потрошувачите, како и нивен еднаков третман кај банките.
Понатаму, како една од позначајните новини, законската регулатива превидува обврска за јасно, редовно и транспарентно известување за висината на надоместоците за најрепрезентативните услуги поврзани со платежната сметка од страна на банките. За поголема и навремена информираност на граѓаните, банките се должни да им дадат информативен документ за висината на надоместоците пред да склучат рамковен договор. Истовремено, тие се должни да доставуваат до Народната банка податоци за висината на надоместоците за најрепрезентативните услуги поврзани со платежната сметка. За таа цел, Народната банка со подзаконски акт дефинира листа од 11 најрепрезентативни услуги за чиишто надоместоци започна да прибира податоци од секоја банка и за првпат на 30 септември 2023 ги објави информативните документи за секоја банка, засебно, како и споредбените податоци за надоместоците. На овој начин, граѓаните добиваат брза и лесно достапна информација за надоместоците кога одлучуваат кај која банка да користат платежни услуги. Се очекува дека во иднина, преку поголемата транспарентност и олеснетата споредливост на надоместоците, ќе се зголеми конкурентноста помеѓу банките и ќе се понудат поповолни цени за платежните услуги за граѓаните и компаниите.
Почитувани,
На крајот на моето кратко излагање, би сакала да ви се заблагодарам за вашиот интерес за вклучување во оваа работилница на којашто ќе ја презентираме новата алатка за споредба на надоместоците помеѓу банките и ќе ги разгледаме нејзините функционалности, со цел подробно да ја запознаеме јавноста за начинот на нејзиното функционирање и придобивките коишто ги носи за граѓаните. Посакувам плодна и успешна работа и ги поканувам колегите од Дирекцијата за платни системи да ја одржат презентацијата.