Почитувани,
Ми претставува особено задоволство што сум со вас денес, во предвечерието на одбележувањето на 18 мај – Меѓународниот ден на музеите, во Музејот на Народната банка, нашиот чувар на културно-историското богатство, свидетелот на нашата култура и традиција.
Горди сме на вложениот труд и настојуваме преку постојаната музејска поставка да го поддржиме опстанокот на нашето знаење за древните монети, да ѝ овозможиме на иднината да ја вреднува и да ја препознае патеката на парите од оваа почва, нивната еволуција, сведочењето за старите времиња и премрежиња, како влог од минатото и историјата – во нашата иднина.
Народната банка, веќе трета деценија, поточно од 1999 година, вложува во грижата за сопственото културното наследство. Активно откупувавме стари и ретки пари, за денес, пред нас да ни биде распослано вековното богатство на најголемата нумизматичка збирка на нашите простори. Збирката на ретки пари брои околу 22 000 примероци на монети, медали, ексагии и модерни банкноти, што е резултат на систематски откуп и донации.
Денес, Музејот на Народната банка сведочи за универзалната вредност на минатите цивилизациски достигнувања. Збирката, меѓу другото, го оживува стариот град Стоби, поддржувајќи ја најголемата јавна збирка монети ковани во овој антички град во римскиот период. Тука е и уникатната монета што го носи името на пајонскиот крал Тевтај, којашто е единствениот доказ за неговото постоење. Ја чуваме и најстарата монета издадена на овие простори, еден триобол на пајонското племе Дерони, искован на преминот од VI во V век пред нашата ера. Тука се и древните примероци пари од монетарниот систем на Аргеадите ‒ првата владетелска куќа на Македонското Кралство во периодот на V и IV век пред нашата ера.
Како што рекол познатиот историчар Џеј Винтер: „Музеите се катедрали на современиот свет, места каде што се изразуваат и свети прашања, каде што луѓето доаѓаат да размислуваат за нив.“ Но, пред сè, музејот е еден суштински мост помеѓу академските знаења и јавноста.
Така и ние, Народната банка, ја поддржуваме музејската дејност и во активностите за натамошно ширење знаења за долгата историско-еволутивна патека на парите, како едно од најважните технолошки откритија на човекот, а посебно за нивните особености својствени за овдешната македонска територија. Музејот на Народната банка веќе две децении дејствува едукативно преку постојаната музејска поставка, но и преку издавање публикации од кои општата, но и стручната јавност добиваат увид во развојот на монетарните системи и нивните стандарди, иконографијата и дизајнот на парите низ минатото на овие простори што оставиле свој белег во историјата на државата.
Објавените стручни публикации од областа на нумизматиката, монетарната историја и конзервацијата се значаен дел за нашата доследност во постојаното создавање, надградување, откривање и зачувување на традицијата.
Резултат на заложбите на Народната банка за зачувување на културното наследство од минатото, како темел на сегашноста и гаранција за иднината, е и денешната промоција на публикацијата „Монетите на Аргеадите од Нумизматичката збирка на НБРСМ“ од д-р Ефтимија Павловска, кустос во Музејот на Народната банка. Трудот претставува прво систематизирано објавување на древните примероци пари од Нумизматичката збирка на Народната банка коишто биле дел од монетарниот систем на Аргеадите.
Почитувани,
Народната банка има задача да биде столб на монетарната сигурност, за што низ годините посветено работиме и го зацврстуваме темелот на монетарната самостојност. Ценовната стабилност е нашиот основен мандат на кој ќе му бидеме бескомпромисно посветени и во иднина. Монетарната самостојност е нашиот симбол, нашата гордост, симбиоза на нашата државност, на историските достигнувања, на нашата сплотеност и нашето сидро на стабилноста.
Но, едновремено, напорно работиме за да вградуваме и дополнителни вредности бидејќи афирмацијата на трајните цивилизациски придобивки од минатото, коишто на различни начини ги обликувале општествените констелации во економска, културна и технолошка смисла, е нашиот влог во иднината. Како што и Конфучиј истакнал: „Проучете го минатото, ако сакате да ја дефинирате иднината.“
Ви благодарам!
18 мај – Меѓународниот ден на музеите востановен на Генералното собрание на Меѓународниот совет на музеите (ИКОМ), одржано во Москва во 1977 година.
Американски историчар и професор на Универзитетот Јејл, специјалист за европска историја на 20-тиот век.
Конфучиј - учител, филозоф и политички теоретичар, чии идеи имаат длабоко влијание врз цивилизациите.