
ПОЧИТУВАНИ ГРАЃАНИ,
ПОЧИТУВАНА ГУВЕРНЕРКЕ Г-ЃА АНИТА АНГЕЛОВСКА – БЕЖОСКА,
Почитувани медиуми,
Согласно известувањето на гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија, д-р Анита Ангеловска-Бежоска за укинување на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје, а во согласност со одредбите на Законот за Фондот за осигурување на депозити, ги известуваме депонентите на „Еуростандард банка“ АД Скопје дека Фондот за осигурување на депозити, ќе започне со преземање на сите потребни активности за брза и ефикасна исплата на осигурените депозити на физичките лица, депоненти во Банката.
Согласно Законот за осигурување на депозити, предмет на обесштетување се денарските и девизните депозити, трансакциските сметки, депозитите врзани за паричните картички издадени од Банката, девизните приливи на физички лица и сертификати за депозити издадени од Банката.
Предмет на обесштетување се главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до денес кога е донесено Решението за укинување на дозволата за основање и работење на оваа банка.
Депозитите на граѓаните во „Еуростандард банка“ АД Скопје кои согласно со Законот за Фондот за осигурување на депозити се осигурени, ќе бидат обесштетени од Фондот за осигурување на депозити во износ до 30.000 евра по лице во денарска противвредност. За висината на вкупните депозити кои се предмет на обесштетување, депонентите ќе добијат потврди за сопственост на депозит на депонент.
Фондот преку посебно соопштение во медиумите, на својата веб-страница и преку објава во јавните гласила ќе ги извести депонентите за датумот на почеток на исплатата на обесштетувањето на осигурените депозити на Банката, за називот на банката/банките преку која/кои ќе се врши исплатата на осигурените депозити и за начинот на подигнување на Потврдите за сопственост на депозитите.
Фондот, ќе има активна комуникација и координација со Народната банка и стечајниот управник, за што побрзо завршување на сите административни процедури и исплатата да започне во рок од 20 дена согласно со Законот за Фондот за осигурување на депозити.
Во оваа прилика сакам да истакнам дека финансиската и ликвидносната состојба на Фондот е во одлична кондиција. Тоа значи дека располагаме со потребните средства и ќе направиме напор исплатите на сите депоненти на Банката – физички лица, по основ на вкупните депозити кои ги имаат во Банката да почнат и пред истекот на законските рокови. Според податоците обезбедени од Банката (со состојба на 31 јули 2020 година), вкупниот износ на депозитите на физички лица кои ќе бидат обесштетени од страна на Фондот изнесува околу 4,4 милијарди денари.
Нашиот тим е подготвен и очекува непречена исплата на обесштетувањето на осигурените депозити.
Ви благодарам за вниманието!
Скопје, 12 август 2020 година