Со поддршка од Фондот за развој на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ ДФ)
Скопје, 29.05.2018
Вчера, Народната банка на Република Македонија, со поддршка од Фондот за развој на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ ДФ), одржа еднодневна работилница за финансиска технологија – Финтек. Целта на оваа работилница е подетално запознавање на дел од стручните лица од централната банка со оваа нова финансиска индустрија, како и анализирање на актуелноста на ова прашање во глобални рамки, и какви се досегашните искуства на земјите каде што има развиена индустрија на Финтек и во земјите во развој.
Како што истакна гувернерката на Народната банка, д-р Анита Ангеловска-Бежоска во нејзиното воведно обраќање, иако во континентална Европа, Финтек-компаниите сочинуваат само мал дел од пазарите за банкарство, платежните услуги и управувањето со средства, сепак, тие се во пораст, бидејќи брзо влегуваат на пазарите и се натпреваруваат со банките. Според Индексот за прифаќање на Финтек, една третина од потрошувачите користат најмалку две или повеќе Финтек-услуги и стануваат сѐ посвесни за Финтек како дел од нивниот секојдневен живот. Со процена на услугите коишто ги нудат Финтек-организациите во пет широки категории – трансфери на пари и платежни услуги, алатки за финансиско планирање, заштеди и инвестиции, позајмување и осигурување, Индексот покажува дека трансферите на пари и платежните услуги и натаму се најзаслужни за промената остварена преку Финтек. Ова е сигнал дека и централните банки треба секојдневно да се интересираат за случувањата коишто произлегуваат од развојот на оваа финансиска технологија и да го едуцираат својот кадар за да биде подготвен за новите предизвици на глобално ниво, бидејќи како што потенцира гувернерката Ангеловска-Бежоска, брзиот пораст на Финтек-организациите создаде многу дилеми, меѓу кои клучна е дилемата кои се придобивките што ги носи во општеството Финтек, но и кои се ризиците што Финтек ги создава.

„Темата Финтек добива сѐ поголемо внимание во централнобанкарската заедница, вклучително и во нашата централна банка. Ние внимателно го следиме развојот на Финтек, проценувајќи ги придобивките и ризиците што тие ги носат и се обидуваме да ги постигнеме оптималните придобивки, имајќи го предвид локалниот контекст. Важен чекор во оваа насока е нацрт-законот за плаќања, кој се очекува да обезбеди импулс за нови иновативни компании со иновативни, но безбедни финансиски услуги“ – истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска во завршницата на нејзиното обраќање.
Неколкучасовната работилница ја водеше, г. Џеј Тикам, експерт во областа на Финтек, којшто има дваесет и шестгодишно работно искуство во областа на комерцијалното работење, од кое дваесет и две години работи во сегментот на финансиските услуги. Акцентот на неговата презентација беше ставен на согледување и анализирање на Финтек од позицијата на централните банки, при што на стручните лица од Народната банка им пренесе и бројни искуства и ставови на други централни банки од Европа. Во вториот дел на работлницата се водеше плодна дискусија во која учествуваа стручните лица од Народната банка чие работење има допирни точки со проблематиката на Финтек.

Оваа работилница е само еден од многуте проекти коишто Народната банка ги спроведува со поддршка од Фондот за развој на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ ДФ), којшто е долгогодишен партнер на нашата централна банка во доменот на финансиската едукација.
|
Галерија на фотографии НБРМ 29.5.2018 |