5 – 7 јули 2017 година, Охрид, Македонија
Дами и господа,
Почитувани гости од земјата и странство,
Ми претставува задоволство да ви посакам топло добредојде на Годишната конференција за плаќања и пазарна инфраструктура.
Оваа година се одбележува десетгодишнината на оваа конференција и особено сме горди што ја одржуваме тука во Охрид, пред група еминентни говорници и публика. Дозволете ми прво да ви се заблагодарам на сите што дојдовте бидејќи само со вас оваа конференција е успешна. Се надевам дека следните неколку дена ќе ви бидат интересни, полни со информации, и продуктивни, а пред сѐ пријатни при одбележувањето на оваа пригода.
Би сакала да ја искористам оваа прилика да ја искажам мојата искрена благодарност и почит до Банката на Холандија и Банката на Португалија, како институции со кои имаме тесна и плодна соработка на многу фронтови, а особено во однос на оваа конференција. Особено ја цениме вашата постојана поддршка и соработка и верувам дека во иднина таа ќе стане уште посилна.
Дами и господа,
Оваа Десетта јубилејна конференција ја насловивме: Двигатели на интеграцијата на плаќањата во Европа - иновации и соработка. Иновациите, навистина, го движат светот со финансиската технологија, трансформирајќи ја индустријата за финансиски услуги каква што ја знаеме, и поместувајќи ја кон дигиталната арена. Во такво опкружување, градењето и одржувањето тесна соработка станува суштинско за одржување на финансиската стабилност и заштита на потрошувачите од безбедносни закани. Конференцијата ќе опфати разни теми поврзани со најновите случувања на глобално, европско и национално ниво.
Појавата на финтек (финансиската технологија) ги обележа глобалните случувања во последниве години, привлекувајќи го вниманието на финансиските институции за нејзино спроведување со цел подобрување на сегашните финансиски производи и развој на нови производи. Од друга страна, компаниите коишто применуваат финтек почнаа да нудат свои финансиски услуги, со што станаа конкурентни на банките. Притоа, дигиталните технологии претставуваат предизвик за финансиските институции, вклучувајќи ги и централните банки, во смисла на дигиталното банкарство и дигиталните трансформации. Имплементацијата на технологијата на дистрибуирани записи (DLT), особено технологијата на криптографски синџир од блокови (Blockchain), може значајно да ги промени финансиските пазарни инфраструктури, а и светскиот финансиски систем. Теоретски, таа би можела да ги олесни прекуграничните плаќања, да ја подобри ефикасноста на организациската единица за заднинско работење во врска со тргувањето (бек-офис), да ја отстрани потребата од усогласување на податоците, да го олесни финансиското вклучување и размената на информации, но и би можела да ја намали потребата од, или целосно да ги замени, некои од посредниците на финансискиот пазар. Технологијата на дистрибуирани записи ги потенцира прашањата за ефикасна регулација, прудентна супервизија, надзор и безбедноста во кибер просторот, но може и да го катализира издавањето на дигитални валути гарантирани од централните банки и да го олесни спроведувањето на монетарната политика.
Во европски контекст, втората Директива за платежни услуги (ПСД2) е важен дел од регулативата за европски плаќања и значаен чекор кон воспоставување единствен дигитален пазар во Европа. Таа го поттикнува воведувањето нови видови на платежни услуги и ја унапредува заштитата и безбедноста на корисниците. Исто така, особено внимание ѝ се посветува на оцената на регулативата за СЕПА и понатамошната интеграција преку спроведување на сѐевропско решение за инстант плаќања. Се очекува иновациите во областа на инфраструктурата на финансискиот пазар да донесат синергија помеѓу ТАРГЕТ2 и T2С, што е во рамките на Визијата на Евросистемот за 2020 година.
На национално ниво, направивме значаен напредок кон исполнување на европските стандарди во областа на плаќањата. Новиот Закон за платежните услуги и системи, кој во себе ја имплементира ПСД и некои членови од ПСД2, Директивата за електронски пари 2 и Директивата за конечност на порамнувањата, беше изготвен со поддршка од ЕУ преку ИПА-проектот. Во областа на надзорот на платните системи, беа усвоени Принципите за инфраструктурата на финансиските пазари. Понатаму, ја усогласивме нашата методологија во доменот на платежната статистика со регулативата на ЕУ. Последен, но не и најмалку важен, е неодамнешниот проект за подобрување на инфраструктурата за прекугранични плаќања во евра со воспоставување алтернативен канал за плаќање преку Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС), којшто беше поврзан со ТАРГЕТ2 преку Банката на Италија.
Многу ми е мило што сите овие прашања ќе бидат разгледани од еминентни експерти од Банката за меѓународни порамнувања, Европската комисија, Банката на Холандија, Банката на Португалија, „Комерцбанк“, „Еуроклиар“, „ПрогресСофт“, како и домашни финансиски институции. Особено сум задоволна што на последниот ден од Конференцијата, ценетите гувернери, членови на одбори и експерти од Европската централна банка, Банката на Холандија, Банката на Португалија, Хрватската народна банка, Бугарската народна банка, Народната банка на Белгија, „Глобал соверинг адвајзорс“ (Global Sovereign Advisors) и Народната банка на Република Македонија ќе се осврнат на иновациите и соработката како главни двигатели на интеграцијата на плаќањата во Европа, како и на тоа како потрошувачите, фирмите и државите ќе вршат плаќања во иднина.
И да не должам, ја прогласувам Десеттата јубилејна конференција за плаќања и пазарна инфраструктура за отворена.
Ви посакувам пријатни денови во Охрид и плодна дискусија.
Ви благодарам!