„Почитувани,
Европскиот совет за плаќања донесе одлука со која нашата земја официјално стана 39-тата членка на Единствената област за плаќања во евра, СЕПА. Ова претставува значаен историски исчекор и признание за квалитетот на спроведените регулативни реформи со кои постигнавме висока усогласеност со европската финансиска регулатива.
Од членството во СЕПА очекуваме бројни придобивки за нашите граѓани, компании, но и за економијата во целина. Пред сè очекуваме побрзи, побезбедни и поевтини прекугранични плаќања во евра.
Ова е особено важно за македонската економија којашто се карактеризира со висок степен на трговска отвореност (еден од највисоките во ЦЈЕ) и голем обем на прекугранични плаќања. Оттаму, и потенцијалот за заштеда во трошоците, за подобрување на ликвидноста и за зголемување на конкурентноста на компаниите е голем. Секако, ова може да одигра значајна улога во процесот на натамошна трговска интеграција, забрзан економски раст и намалување на доходовниот јаз со ЕУ.
Нашата економија се карактеризира и со релативно високи приливи на дознаки од странство, коишто достигнуваат и до 15% од БДП. Со оглед на тоа дека дознаките претставуваат значителен дел од расположливиот доход на населението, нема да изостанат придобивките и врз оваа основа.
Понатаму, членството во СЕПА е потврда и за високите регулаторни стандарди коишто се применуваат од страна на финансиските институции, што е важно за натамошното поттикнување на конкуренцијата, иновациите, но и за задржувањето на финансиската стабилност како предуслов и за макроекономската стабилност, којашто е јавно добро.
За сите овие можности да станат реалност, од особена важност се добрата подготовка и брзото и ефективно приклучување на нашите даватели на платежните услуги кон европските платни системи.
Овој успех е резултат на посветените напори на тимот на Народната банка, но и на Министерството за финансии и останатите регулаторни тела коишто работеа на усогласувањето на нашиот платен систем со европските стандарди, за што изразувам голема благодарност.
Со овој значаен чекор, ја потврдуваме нашата заложба за финансиски напредок и за обезбедување на придобивките од оваа интеграција за секој граѓанин и бизнис во земјава“.
Ви благодарам,