Почитувани гостинки, д-р Зорица Зафировиќ и г-ѓа Ирена Јакимова, и драги колешки,
На oвој празник, многу често се осврнуваме на трансформацијата на улогата на жената во општеството, којашто е обликувана од културните, социјалните, економските и политичките констелации. И нема дилема дека вклученоста на жената во општествените и економските текови во изминатите децении бележи напредок. Тоа е видливо во нашето секојдневие, и лично, и професионално, но и преку некои статистички податоци. За илустрација, според податоците на Светскиот економски форум, во 2024 година светскиот родов јаз е помал во однос на 2006 година (првата година кога е објавен овој податок) за околу 4 процентни поени. Исто така, минатата година близу 97% од земјите затвориле повеќе од 60% од родовиот јаз, наспроти 85% во 2006 година.
Напредокот е видлив и мерлив, но бавен. Се оценува дека за целосно затворање на овој светски родов јаз ќе бидат потребни дури 134 години. Ако се гледа малку подлабоко, еден од сегментите каде што жените повеќе заостануваат во споредба со мажите е токму учеството во економијата. Стапката на активност на жените на пазарот на труд во светски рамки е пониска за околу 24 п.п. од онаа на мажите. Некои податоци покажуваат дека, за жал, овој јаз значително се проширува за жените коишто имаат најмалку едно дете на возраст под шест години, упатувајќи на институционални пречки и родови стереотипи. Жените се многу поприсутни во неформалниот сектор, но и во сектори чувствителни на шокови. Речиси 60% од вработените жени во светот се вклучени во неформалната економија, а во некои помалку развиени земји овој процент достигнува дури и 90. Финансиската компензација на жените сè уште е помала од онаа на мажите. Опасностите од помала економска вклученост на жените се уште понагласени и поради постојните геополитички ризици, бидејќи се очекува дека тие ќе делуваат повеќе во економиите со повисока трговска интеграција, каде што има повисока родова еднаквост, со што и економскиот удар врз жените може да биде најголем. На крајот, важно е да се спомене и недоволната застапеност на жените во дејностите од групата СТЕМ (наука, технологија, инженерство и математика), со учество од само околу 28%, како и малата застапеност во стручното усовршување во областа на технологиите на иднината (на пример вештачката интелигенција), коишто не се добри показатели за иднината на жената на светскиот пазар на труд.
Овие показатели не ги издвојувам за да ве обесхрабрам, туку напротив за да прикажам дека има голем простор на којшто треба да работиме за да обезбедиме еднакви можности и вклученост на жените во подигнувањето на економскиот и општествениот потенцијал. Не смеат да се занемарат заклучоците на истражувачите и аналитичарите, според кои искористувањето на неискористениот потенцијал на жените на економската сцена може значително да го подигне квалитетот на животот и потенцијалот за раст. Според некои последни истражувања, со затворањето на родовиот јаз, светскиот БДП може да порасне за седум трилиони долари.
Се разбира за да го најдеме решението и лекот, покрај симптомите, треба да ја знаеме и генезата на проблемот. А проблемот на родовата нееднаквост е комплексен и е поврзан со повеќе институционални, правни и културолошки фактори, со општествени стереотипи. Како пример, од 190 земји во светот, во повеќе од една третина од нив во 2023 година e утврдено дека сè уште постојат закони коишто ја ограничуваат жената кога треба да донесе одлука за работа. Оттаму, политиките коишто ќе ги поттикнат жените да се вратат на пазарот на трудот, рушењето на стереотипите и создавањето еднакви можности за развој на кариерата на жените (учество на лидерски и високи позиции), соодветната поддршка на жените од државата и работодавачите во однос на нивната семејна улога, воведувањето нови иновативни технолошки решенија коишто ќе овозможат поголема финансиска вклученост на жените – сето ова се полиња на коишто треба постојано да се работи. Како централна банка изминатиот период вложуваме исклучителни напори за да го дадеме својот придонес во ублажувањето на проблемот со родовата нееднаквост. Колективно можеме и повеќе да помогнеме за да се изгради свет којшто вклучува. Со оглед на тоа што една од причините за послабото учество на жените е недоволната финансиска писменост и вклученост, изминатите години преку стратегиски и инклузивен пристап, преку носење и на формалната Стратегија за финансиска едукација и инклузија, работиме токму на овие прашања ‒ зајакнување на финансиската писменост на одредени ранливи групи и зголемување на нивната финансиска вклученост. Заедно со ЕБРД сме водачи на проект со кој треба да ја мапираме родовата димензија во однос на пристапот до финансии и претприемаштво. А пристапот до финансирање е исклучително важен за развојот на претприемаштвото кај жените, што придонесува за инклузивен раст ‒ овие претпријатија придонесуваат за 73% од вработеноста и 68% од додадената вредност. Воедно, Народната банка е и добар пример за вклученост, имајќи ја предвид значителната застапеност на жените во вкупниот број вработени, но и на раководните позиции – повеќе од 60 отсто. Се разбира, родовата еднаквост е само еден аспект на целокупниот институционален капацитет и е дел од пошироката заложба за професионализам и квалитет во сите сегменти на нашето работење.
Сите податоци и факти покажуваат дека како општество имаме обврска и одговорност да делуваме, за да им овозможиме поголема вклученост на жените во системот, а со тоа поголема благосостојба за сите нас. Нема никаква дилема дека напредокот од оној 8 март 1908 година, кога 15.000 жени излегоа на улиците на Њујорк барајќи пократко работно време, подобри плати и право на глас, до денес е огромен. Но, современите општества треба уште многу да учат и да направат за да обезбедат еднаков и правичен третман за жената. Инспириранa од мислата на Нелсон Мандела: „Образованието е најмоќното оружје коешто можете да го употребите за да го менувате светот“, би сакала да порачам: да продолжиме да учиме, да се надградуваме, да си помагаме едни на други! Да бидеме добар пример којшто ќе го следат и другите, да го обликуваме светот на подобро, да поттикнуваме промени за подобра утрешнина за новите генерации!
На крајот дозволете ми на сите да ви го честитам празникот, да ви посакам да ја одржувате својата инспиративна енергија, посветеноста, стаменоста, емпатијата, мудроста, својата рамнотежа, и на личен, и на професионален план! А токму на прашањата за одржувањето на нашата физичка и умствена рамнотежа денес ќе се осврнат и нашите две гостинки, професионалки и успешни жени, на коишто во името на сите нас им изразувам огромна благодарност за издвоеното време и волјата да ни се приклучат.
Ви благодарам!